Реката Брегалница црвенее од човековата негрижа

Неколку дена по неодржаниот судски процес (20.10.2021) за загадувањето на реката Брегалница за еколошкиот инцидент од 23 јуни 2019 година со излевањето на бела хемикалија кај Штип, нашата екипа беше во Делчево, по течението на Брегалница во градското подрачје. Не беше тешко да се забележи дека од еден до каналите истекува темно сина речиси црна течност, која се мешаше со речната вода. Истекувањето го документиравме со видео запис. Темната течност истекуваше од канализацискиот канал од делот на градот каде се наоѓаат повеќе индустриски капацитети, меѓу кои и текстилните компании „Фротирка“ и „Фротекс“.

Со општинскиот инспектор за заштита на животната средина за општина Делчево, Љупчо Симоновски се вративме на местото каде истекуваше темната материја. Во меѓувреме, течноста ја промени бојата во темно црвена. Симоновски, по краткиот увид замина во двата капацитети „Фротекс“ и „Фротирка“. Меѓутоа, како што рече инспекторот, „Фротекс“ нема активност на боење, додека „Фротирка“ веќе неколку дена го запрела производството.


Река Брегалница во Делчево 22 октомври 2021

Предизвикувачот остана непознат.

Општинските инспектори, според објаснувањето од Општината Делчево, не е надлежен да зема примероци од течноста, туку државниот инспектор, кој најблиску е лоциран во Штип или Пробиштип. Со тоа, овој беше еден до инцидентите кои и’ се случија на Брегалница, чиј предизвикувач остана непознат.

Еден од граѓаните, кој го најдовме покрај реката, рече дека истекувањето на темна течност е честа појава на тој дел од Делчево.

Неколку десетина километри, кај Кочани, низ Брегалница низводно граѓаните документираа и случај на мрша од свиња. Како што велат, само една сликичка од албумот на загадувачи на Брегалница.

Мрша од свиња плива по реката Брегалница по течението кај кочански Чифлик (фото: фб)

Само едно барање за одземање дозвола

Ако се суди според официјалната документација од Државниот инспекторат за животна средина(ДИЖС), еколошките инциденти иако граѓаните редовно ги документираат, не доживуваат институционална завршница.  Единственото барање за одземање на еколошката дозвола во периодот 2016- 2021 година за субјекти на територија на Општина Штип,  е за САНС – АГ инсталација за рециклирање на отпадни пневматици.

На 17.12.2020 ДИЖС по извршениот вонреден инспекциски надзор упатува барање до Општината Штип, со кое се бара повторна проверка од Б еколошката дозвола за САНС – АГ инсталација за рециклирање на отпадни пневматици.

Констатира дека има повеќе неправилности и отстапки од пишаната дозвола и технолошкиот процес, поради што покренува прекршочна постапка и дадена е Забрана за работа на капацитетот.

„Како надлежен орган, кој ја издал и ја контролира оваа дозвола ве известуваме да ја ја проверите поново и доколку сметате дека има основа дека не е почитувано тоа што му е наложено од ваша страна при издавањето на дозволата, да покренете постапка за нејзино одземање“, стои во Известувањето од Инспекторатот до Тоше Ѓорѓиевски, раководител на Секторот за инспекциски надзор при Општина Штип. (Од извештајот на Јованче Колев, државен инспектор).

Општината Штип до денеска нема постапено по барањето, бидејќи како што објаснуваат од општината, се работи за административно неуредно барање.

Во извештајот на Инспекторатот за 2020 година, за Источниот регион пишува дека од вкупно 82 надзори, кај 22 се откриени неправилности. При тоа се направени 9 вонредни и 18 контролни надзори. Најмногу неправилности е констатирани во Штип – осум, во  Кочани – четири и три во  Берово.

Зошто еколошките инциденти тешко завршуваат на суд?

Според правната анализа на професорката по право, Гордана Лажетиќ, во аналите на македонското судство има една единствена судска пресуда против загадувач и тоа од 2014 година на Основниот суд на Гевгелија. Станарите од три куќи во близина на супермаркет тужеле за создавање бучава и непријатна миризба од продажниот објект. Правното лице е казнето со 130.000 денари, додека управителот платил 61.000 денари. Професорката Гордана Лажетиќ смета дека кај еколошката штета проблем е толкувањето од страна на правосудните органи, кои често како предмети ги сметаат несоодветно на големината. Секако тука е проблемот кој да се тужи, во случај кога не може да се открие предизвикувачот.

-Судовите не се доволно сензибилизирани со тоа што значи оценка на правото на здрава животна средина. Прашањето кој може да биде тужен? Дали може да биде тужено министерство? Тука секогаш може да биде тужена Републиката. Од друга страна здруженијата имаат неспорна легитимација да можат да поднесат тужба, вели Лажетиќ.

Професорката оценува дека актуелната правна рамка е хаотична, која одговара на индустријата и загадувачите, кои создаваат тнр. зелена виктимизација со своето делување. Имплементацијата на еколошкото право влијае врз неколку фундаментални права, како правото на живот, правото на семеен живот, правото на мирно уживање на определен имот, па дури и правото на правично судење. Според Лажетиќ, со меѓународните конвенциите, кои се донесени, но не се потпишани, во судските предмети од еколошко право се овозможува вмешување во судските предмети како тужители и граѓанските организации кои работат во сферата на заштитата на животната средина.

Засега, еколошките инциденти и тнр. екоцид на реката Брегалница, се реткост меѓу судските предмети. Во меѓувреме, додека вистински се примени правото од сите страни и надлежни институции, реката ја менува бојата во спектарот на виножитото.

 

Сторијата е дел од проектот ,,Утопија? Бистри води зелен Исток“ што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.