Се менуваат властите, загадувањето останува

Се менуваат властите, загадувањето останува

Еден овластен инспектор за животна средина и девет комунални редари се грижат да бидат казнети загадувачите во општина Карпош. Локалната самоуправа прави напори да ги зголеми капацитетите на Секторот за инспекторат, каде нема ниту еден комунален инспектор. Познавачите на состојбите од граѓанскиот сектор пак, прогнозираат повисок процент на компликации во однос на здравјето на граѓаните, бидејќи загадувањето што се создава со дивите депонии и палењето отпад годинава е искомбинирано со пандемијата на коронавирусот. Бараат засилени контроли на терен и повисоки казни.

Фото: Фејсбук/Фејми Даут

Две години Карпош пулсира во духот на урбаното, зеленото и домаќинското работење. Секојдневно работиме на надоместување на изгубеното зеленило и заштита на животната средина. Затоа, изминатиот период засадивме повеќе од 300 висококвалитетни дрвја рамномерно по сите урбани заедници. Започнавме со чистење на децениските депонии и еќе ги затворивме критичните точки – кај мостот Газела, во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, во Злокуќани кај спортското игралиште, како и депонијата во Бардовци покрај течението на реката Лепенец. Ова е извадок од прес конференцијата на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев која тој ја одржа на 24 ноември ланската година. Во своето тогашно обраќање, даде отчет за сработеното во првите две години од мандатот.

Нецела година подоцна, на 14 степември годинава, неподносливо лоша миризба во раните утрински часови ги разбуди некои од жителите на оваа скопска општина. Изворот на оваа смрдеа проследена со чад беше лоциран во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде повторно се запали депонијата која беше опожарена и пролетта 2018-та.

Фото:  doma.edu.mk

Несовесноста на поединци доведе до натрупан отпад, иако претходно надлежните ја имаа исчистено депонијата.

Од невладиниот сектор решението за проблемот со ваквите лоши навики со кои се загадува околината, го гледаат во системот на поголема казнивост. Побаравме коментар од активистката Невена Георгиевска од „О2 иницијатива“ која забележува дека долгорочни решенија нема да има се’ додека не се воспостави квалитетен систем за управување со отпад:

„Долгорочни решенија немаме бидејќи самиот систем за управување со отпад не е воспоставен во целиот град. Ние имаме само една депонија и дури ни таа не ги исполнува условите за А интегрирана дозвола. Тоа е Дрисла, но требаше да се направат уште две стандардизирани претоварни станици. Ние немаме други депонии во градот, ниту план за тоа што се случува со отпадот. Немаме капацитет да го депонираме отпадот што го создаваме, ниту за негово рециклирање и управување со него. Депонии се создаваат на секој чекор, но тоа не е доволно. Кога ќе се исчисти, тоа место треба да се обезбеди па и да се среди на некој начин за да биде проодно за граѓаните“, вели Геогриевска додавајќи дека во Карпош има фирми кои се занимаваат со складирање на отпад и каде според неа, се потребни засилени инспекциски контроли:

„Пред 2 години имаше таква кај Момин Поток каде се топеле акумулатори, но по извршената инспекција излезе дека немало ништо од тоа. Освен што имаме индиции дека нешто се случува треба инспекторите да излезат на терен, но контролата да не ја најавуваат. Неколку години по ред дури и во летните периоди во Карпош се случуваат пикови од ПМ 2.5 честичките, а ние упорно баравме да објаснат поради што се случува, но некое објаснување од надлежните се’ уште нема, Министерството за животна средина не излезе со наод или интерес за ситуацијата. За време на летото немаме греење на домовите, а се случува да нема толку ни сообраќаен метеж, значи очигледно некој во вечерните часови тоа го користи за одредени дејности кои доведуваат до зголемено аерозагадување и сметаме дека треба да се направат вонредни мерења, за да се открие изворот“.

Богоев: Со измени во легислативата до поефикасен инспекциски надзор

Во справувањето со оние кои фрлаат, но и палат отпад со што го загадуваат воздухот, локалната самоуправа може да се вклучи преку инспекцискиот надзор, а патот кон поголема ефикасност на инспекторите, според градоначалникот Богоев, води преку законски измени.

Првиот човек на Опшината, информира дека имаат еден овластен инспектор за животна средина, како и 9 комунални редари, кои можат да изрекуваат парична казна до 50 евра на физички и правни лица, на територија на сите урбани заедници (населби).

Во моментот, Карпош нема комунален инспектор, но Богоев уверува дека прават напори за зголемување на капацитетите на Секторот за инспекторат. Инаку, редарите секојдневно казнуваат градежни компании, кои го немаат оградено градилиштето или имаат градежни материјали на јавни површини (тротоари), но казната од 50 евра, за жал, не е нешто што ќе ги спречи утре да не го повторат истотото. И во овој дел, потребни се сериозни измени на законите – посочува тој во изјавата.

Домашната законска регулатива по која постапуваат општинските инспектори е нехрамонизирана, а неретко и противречна спред истражувањето што го изготви НВО Инфоцентар. Речиси во сите општини бројот на инспектори е недоволен, а освен тоа, тие немаат можности за дополнителна едукација и усовршување на своите капацитети. Платата за одговорноста што ја сносат со своето работење е мала, додека се наоѓаат на средина меѓу политичките и бизнис влијанијата од една страна и јавниот интерес од друга страна – наведуваат од Инфоцентар во документот што го објавија во март годинава под наслов Општински инспекциски надзор – проблеми и предизвици, а во кој се опфатени сите општини и Град Скопје. Истражувањето покажува дека некои општински инспектори честопати работат прекувремено и организираат дежурства, па покрај Ресен, Делчево и Виница, како општина во која инспекторите дежураат се наведува и Карпош.

Три месеци подоцна, невладината објави анкета според која, 60 проценти од граѓаните се незадоволни од постапувањето на општинските инспектори. Јавната чистота, ѓубрето и аерозагадувањето испитаниците ги посочиле како топ три проблеми со кои се соочуваат на локално ниво.

Инаку, кога станува збор за Карпош во моментот има 13 депонии кои се детектирани од општинските служби.  Според познавачите на состојбите,  со нив директно се загрозува човековото здравје. Луѓето не се безбедни бидејќи дишат загаден воздух полн со токсини од горењето на отпадот, а при тоа депониите создаваат исцедок со кој се загадува почвата.

Аерозагадување во услови на пандемија: Познавачите со лоши прогнози

Прогнозите на граѓанските активисти за претстојната зима се лоши бидејќи на аерозагадувањето овој пат му се додава и пандемијата со коронавирусот, што дополнително ќе го влоши и онака кревкото здравје на хронично болните, а како што велат може да се рефлектира и кај здравите луѓе.

„Процентот на смртноста и на компликации ќе биде поголема. Не треба да се прашуваме за процентот на смртност. Немаме толку екипиран болнички капацитет, но и воздухот придонесува за ширење на заразата. Летниот период имавме сонце и имаше повеќе кислород, просториите беа проветрени. Сега се’ повеќе се затвoраме дома, не можеме да ги проветриме просториите, бидејќи наместо да внесеме кислород ќе внесеме ПМ 10 честички. Апелирам луѓето што почесто да излегуваат на планините.  Покрај сите мерки што се најавуваат нема драстично да се намали загадувањето, освен ако немаме некои поветровити денови. Треба да се направи стратегија, бидејќи ние немаме мала загденост па да правиме парцијални решенија. Потребни се построги закони, но и имплементација на законите, ригорозни казни да има за да научат луѓето да се однесуваат“, смета нашата соговорничка. Таа додава дека дел од луѓето што се занимаваат со горењето отпад се од социјално-ранлива категорија, па според неа, потребна е и едукацијата:

„На луѓето што го палат отпадот им треба објаснување. Еве сега имавме субвенции за инвертер клима уреди од Град Скопје, но многу од тие семејства кои горат што ќе стигнат, не ни имаат можност да аплицираат за да видат кои се придобивките, а можеби и не можат да си дозволат да плаќаат поголеми сметки за струја. Требаше на ранливите групи да им се помогне, но и на објектите да има енергетска ефикасност. Треба да се овозможат сончеви колектори и како држава да бараме долгорочни решенија. Има ветувања пред избори, а потоа мерки кои не даваат големи резултати“.

Фото: Фејсбук/О2 Иницијатива

„Сум се сретнала со деца кои горат кабли и тие не беа свесни дека со тоа си го загрозуваат здравјето, ми рекоа дека тоа го прават за лепче. Така се научени од дома, палат кабли, го дишат чадот во кој има секакви токсини. Ми кажаа дека за 1 кг пластика добиваат околу 200 денари, а со каблите заработуваат повеќе. Ранливите групи не знаат дека си прават штета првенствено на себе, а потоа и на околината. Треба да се реагира кај отпадите што откупуваат бакар. Зошто да не го откупуваат со гумата, па потоа самиот отпад да се грижи на строго контролиран начин да го отстрани, а не со горење. Можеби така би имале помал профит, но сите ќе бидеме позаштитени. Профитот ги заслепува логичките размислувања“, аргументира Георгиева.

Нашата соговорничка забележува дека годинава со ребалансот на Буџетот, средствата за чистење на дивите депонии се скратени за 90 проценти. Од друга страна пак, таа вели добро е што низ градот има аматерски мерни станици поставени од луѓе кои прават напори да дојдат до сознанија што дишеме. Инаку, во моментот, активна е официјалната мерна станица во дворот на училиштето „Петар Поп Арсов“, за која градоначалникот Богоев потенцира дека може да покаже и повисока ниво на ПМ 10 честички, но тоа е така затоа што го мапира и загадувањето од околните скопски села и општини.

Во делот на поконкретни мерки, оваа година ќе имаме и 5.000 помалку оџаци кои минатите години загадуваа на територија на цело Скопје. Карпош оваа зима ја дочекува со помалку оџаци од домаќинствата кои загадуваат, 5 затворени депонии кои повеќе нема да горат, 1.560 м2 нови тревни површини, 643 новозасадени дрвја и 1.872 украсни растенија (кои се со апсорбирачка моќ на штетните честички во воздухот) – заклучува градоначалникот.

Депониите и аерозагадувањето се дел од прашањата за кои загриженост искажаа и и граѓаните кои учествуваа во анкетите на Здружението Медиа плус. Ова се и дел од проблемите кои веќе ги детектирал Локалниот совет за превенција од скопската општина Карпош, чии членови дискутираа за ова на работилницата што таму ја организираше Медиа плус како обид за динамизирање на работата на ова тело, кое ги поврзува граѓаните со локалните институции.

 

 Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.