Членовите на Локалниот совет за превенција од Гостивар побараа негово активирање

Членовите на Локалниот совет за превенција од Гостивар побараа негово активирање

Од формирањето на Локалниот совет за превенција во Гостивар, до денес, не е одржана нитуе една седница, а формата и законските надлежности не им се познати на членоците. Во текот на работилницата организирана во рамките на проектот на ЗГ Медиа плус од Штип „Здружени сме посилни и побезбедни“,  членовите на ова општинско тело изразија интерес за темите со кои може да се занимаваат, начинот на работењето, како и вклучувањето на граѓаните во работењето на Локалниот совет за превенција.  Во присуство на членовите на ова тело и претставници на граѓанскиот сектор, беше презентирана законската рамка за работата и можноста за вклучување на експертизата на граѓанскиот сектор во различните меѓусекторски теми за расправа од интерес на граѓаните на Гостивар.

Градоначалникот Арбен Таравари, кој претседава со Локалниот совет за превенција изрази интерес, во име на сограѓаните, за активирање на телото, особено што се работи за решавање на потребите на граѓаните.

Приоритетите на граѓаните, кои очекуваат Локалниот совет за превенција да работи на нивно решавање, беа нотирани преку претходно спроведен анкетен прашалник и преку фокус групи. Гостиварчани бараат поголема соработка во решавањето на овие прашања:

Тепачки помеѓу учениците од средните училишта, потребно е да се најде решение;

Летно време не се спие од бучава од коли, мотори, малолетни лица возат без дозволи. Странците кога доаѓат се создаваат гужви, се создава хаос сообраќајот;

Проблем со кучињата скитници,кои ги има насекаде проблем. Како пример, во ОУ „Гоце Делчев“ во дворот секојдневно има по 12-13 кучиња;

Населението што живее близу Судот, се жали од галама од кафичите, дискотеките, пријавуваат во полиција, но нема интервенција или само привремено и пак продолжува, до 2-3 часот по полноќ. Собирање на млади, галама во делот на Водовод;

Непрописно паркирање по тротоари, немање простор за паркинг. Потребен е јавен превоз, Да се интервенира со возило пајак и да се отстрануваат возилата , потребно е поставување на лежечки полицајци, повеќе пешачки премини, тротоари, да се постават сообраќајни знаци каде недостигаат, диви таксисти возат на црно без дозволи. Потребни се поголеми казни, неселективно казнување и сообраќајни камери. Да се постават огледала на места каде се случуваат сообраќајки; Единствено ако доага некој функционер се расчистуваат улиците, тротоарите од возила, пола саат после тоа се враќа хаосот. Дури и детските игралишта се претворени во паркинзи.

Раскрсницата кај „Шишков“, на сред пат се паркирани возила, проблемот се пријавува во полиција, но не се решава. Раскрсницата кај „Монтенегро“ нема сообраќајни знаци, ни семафори, ни кружен тек;

Јавен превоз за децата, да се води сметка кога се даваат тендери за превоз. Граѓаните посолуваат пример кога биле фатени превозници, кои превезувале деца без дозвола. Се качуваат повеќе деца од дозволеното, се возат со отворени врати, небезбедно, со неисправни возила;

Близу училиштата во двата парка да се постават патроли, бидејќи се продава дрога на малолетници; Потребни се акции по дискотеките, баровите да не се точи алкохол на малолетници, работното време да се регулира; Потребно е присуство на полиција и во околните места не само во централното градско подрачје;

Лоши услови во училиштата, училиште „Исмаил Ќемали“- лоши хигиенски услови, миризба, родителите сами купуваат сијалици, прозорци не функционираат и сл.;

Во населбата Циглана до училиштето има импровизирана ромска населба, живеат во лоши услови, гласна музика постојано,пријавуваат во полиција, но нема реакција. Кражби има, продавницата била двапати ограбена, го фатиле сторителот, но, на судот сторителот рекол дека нема пари за да ја плати штетата, па поставиле камери. Доаѓаат групи кои делат продаваат дрога, граѓани пријавувале четири пати, но, секогаш бегаат пред да дојде полицијата, што е доста сомнително дека некој им дојавува од полиција да избегаат. Прашање е и хигиената на децата од таа населба, во училиштето се појавила жолтица, училиштето не презело ништо, освен што ги известиле родителите да си ги проверат децата на доктор;

Населба Млаки – многу чести кражби, особено по куќите, чии сопственици се во странство. Нема канализација. Не е регулиран сообракајот од градот до таму;

Населба Вазајневи- нема тротоари, патот полн со дупки, нема улично осветлување, лошо паркирање, нема детски игралишта. Достапност на дрога низ цел град;

Стотина автомеханичари има во градот што се греат на преработено масло и го загадуваат воздухот;

Градежна мафија – се дигаат спратови без дозволи, без урбанистички план, бучава, се лепат едни до други;

Потребни се обуки и вежби на населението и децата во училиште како да се справуваме со непогоди, реклами на ТВ, табли со објаснувања и сл. Зградите немаат противпожарни скали и сл.

Сите овие нотирани проблеми и граѓански приоритети може да бидат тема на расправа во Локалниот совет за превенција. Во теоријата за превенција, најбитна е примарната превенција, која нема да дозволи една појава да стане проблем, поради што е битен тој мултесекторски приод што го нуди Локалниот совет за превенција.

Работилниците се дел од проектот  „Здружени сме посигурни и побезбедни“ на Здружение на граѓани Медиа плус се спроведува во осум општини: Штип, Свети Николе, Битола, Струга, Карпош, Гостивар, Гевгелија и Крива Паланка во рамките на програмата Цивика мобилитас. Активностите на проектот се во функција на засилување на соработката на граѓаните и граѓанските организации со Локалните совети за превенција и безбедност. Целта е да се придонесе за зголемено граѓанско учество, што ќе има за резултат поуспешно решавање на проблемите на граѓаните.