Граѓанскиот ресурсен центар со отворен повик до граѓанските организации за учество на две обуки
Граѓанскиот ресурсен центар објави отворен повик до граѓанските организации за учество на две обуки.
Првата обука е на тема „Обука за тематско вмрежување, градење партнерства и коалиции“, а ќе се одржи на 9, 11 и 13 ноември 2020 година. Обуката им служи на граѓанските организации кои сакаат да преземаат здружени акции и да функционираат со заеднички приоритети. Учесниците ќе ги осознаат, преку практични примери, методите и начините на вмрежување, креирање и управување со партнерства и коалиции. На обуката, учесниците ќе се стекнат со знаење за структура на мрежи, воспоставување на заеднички приоритети, цели и дејствување, механизми за саморегулација на мрежи, внатрешна и надворешна комуникација, координација и соработка и слично, соопштуваат од Граѓанскиот ресурсен центар. Учесниците треба да бидат претставници на граѓански организации кои се дел од раководните или управните структури (директор, претстедател, член на УО и сл.), програмски раководители и лица задолжени за комуникација и соработка.
Втората обука е „Обука за добро управување на граѓанските организации“, што ќе се одржи на 24, 25 и 27 ноември 2020 година. Со обуката за добро управување, учесниците на практичен начин ќе ги надградат нивните знаења и вештини за добро управување и организациска структура, запознавајќи се со процесите на организациско управување, односите помеѓу извршните и управните органи, улогата на управните органи и нивните членови, управување со финансиите, транспарентност и отчетност, судирот на интереси и сл. Учесниците треба да бидат претставници на граѓански организации со искуство во управување со граѓанска организација, кои се на раководни позиции во организациите (директор, претседател, раководител, застапник и сл.) или се членови на неизвршните органи како управниот одбор на организацијата.
Обуките ќе се одржуваат онлајн, при што секој ден обуките ќе траат по три часа.
Сите заинтересирани треба да пополнат соодветна пријава, на следниот линк и да ја испратат на [email protected] најдоцна до 27 октомври 2020 година.