Контаминирна река закана за Овчеполието: Општината за решение бара финансиска помош од повисоките ешалони

Реата што се шири од автопатот Штип – Миладиновци 24 часа во денот ја чувствуваат граѓаните на Свети Николе, кои овој проблем го издигнуваат на врвот за решавање. Напорите на локалната власт не се доволни без вклучување на цетралната, од каде очекуваат финасиска и стручна помош за проектот кој ќе им го олесни животот на граѓаните и ќе им го гарантира основното човеково право – правото на здрава животна средина.

Слаб е административниот капацитет на земјата за спроведување на постојното законодавство од областа на животната средина. Ова го нотира Европската комисија во поглавјето 27 од својот најнов извештај за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ. Во истото поглавје Брисел забележува дека во однос на квалитетот на водата е постигнат одреден напредок.  Преземени се понатамошни чекори за обезбедување средства за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Финализацијата и спроведувањето на плановите за управување со речните сливови треба биде приоритет – наведуваат од Комисијата во документот.

Додека главниот град допрва треба да добие нова пречистителна станица,  отпадните води од канализацискиот систем на Свети Николе веќе се прочистуваат во станицата која беше реконструирана летово. По дванаесет години поминати на „стенд бај“, пречистителната станица беше делумно оспособена. Сепак, Свети Николе како општина и понатаму е исправено пред низа предизвици поврзани со јавната чистота, а со тоа и со здравјето на граѓаните. Што уште недостига на ова поле? Одговори побаравме од невладиниот сектор.

Претседателката на Граѓанската иницијатива на жени ГИЖ, Ирина Поцкова вели дека треба да се реши проблемот со отпадните води и во селата. Таа потсетува и дека во некои рурални средини воопшто нема канализација. Отпадните води создаваат реа поради која граѓаните и среде лете мора да седат со затворени прозори, но тие многу повеќе го загрозуваат човековото здравје бидејќи ја загадуваат почвата на која се одгледуваат повеќе видови зеленчук и житни култури.

„Мора да се најде исто така, решение и за отпадните води во селата. Не е само да се изгради канализација. Тоа се помали зафати, на пример може да има цистерни коишто ќе ја преработуваат водата. Свети Николе  е општина чијашто перспектива лежи во органското земјоделско производство бидејќи ние имаме многу земјоделци и треба здрав производ. Во Мустафино имаме земјоделски производи коишто се извезуваат и во Швајцарија. Најчесто се произведува зеленчук и пченка, а се извезува и слатко  од морков. Азибегово има канализација, но нема во Пиширово и таму треба канализација да се направи. Има во Мустафино канализација, но нема прочистување на отпадните води па тука освен Светиниколска река се загадува и Брегалница бидејќи таа се влева во неа. Тоа е ланец за  кој мора да се  најде решение ако  сакаме здраво да живееме. Треба да се почитуваат стандардите  на ЕУ“, потенцира Поцкова во изјава за Канал 77.

Еден од факторите кои ги делат жителите на Свети Николе до поздрава животна средина, алармира Поцкова е и чистењето на Светиниколска река, чии води се веќе контаминирани:

„Според нас за да имаме здрава животна средина прво треба реката да се исчисти, бидејќи 12 години во таа река течеа отпадните води и тоа е контаминирано. Тоа би било еден голем проект за да се исчисти реката од Свети Николе до Овче Поле, но без тоа многу тешко ќе имаме здрав животна средина. Следен чекор што треба да се направи е чистењето на реката, надземно и подземно. Тоа е голем, но многу корисен зафат“.

Ја прашавме локалната власт – што планира да направи за да се спречи или барем, да се намали понатамошното загадување на оваа река?

Градоначалникот, Сашо Велковски не’ информира дека планираат проширување на капацитетот на пречистителната станица за отпадни води со цел приклучување на индустриските зони околу градот во истата.

Понатаму секако е поставување на пречистувачи на отпадните води во селата каде има постоечка канализациона мрежа, но секако и поставување на канализациони мрежи во сите поголеми  села за кои веќе е спремена и техничка документација заедно со пречистувачи на отпадната вода – додава градоначалникот.

Меѓутоа, намерата на општината не е доволна за да се реализираат овие проекти, бидејќи локалниот буџет како што велат од таму, е релативно мал. Градоначалникот Велковски се надева оти потребните финансии ќе ги добијат од Владата, или пак од меѓународните институции бидејќи како што вели, веќе се трудат да обезбедат средства од домашни и странски донатори за реализација на капитални инвестиции.

Отпадните води инаку, не се единствениот проблем кој ги засега светиниколчани.  Анализата што ја изготви Здружението на граѓани Медиа плус, а која е посветена на приоритетите на граѓаните од областа на безбедноста и превенцијата,  покажува дека тие имаат проблеми и со водата за пиење. Некои од водоводните цевки се стари, па според граѓаните, водата е небезбедна за нивното здравје. Освен тоа, тие се жалат дека цевките неретко пукаат што води кон поплавување на улиците, а во дел од селата има и рестрикции.

До првиот човек на Свети Николе ги адресиравме и овие прашања, на што тој одговори дека старите азбестни цевки веќе се заменуваат со нови пластични. Во меѓувреме се ревитализира системот на вода за пиење во м.в. Дивљак од каде ќе се задоволат потребите на граѓаните од с.Горобинци и повисоките делови на градот посебно во летниот период од годината, кога како што признава Велковски, има недостиг на вода за пиење. Тој не се согласува дека водата е небезбедна и уверува дека нејзиниот квалитет е задоволувачки. Ако се реализираат неговите ветувања, веќе во 2021-ва година капацитетот на филтер станицата ќе биде проширен и водата што доаѓа од Злетовица ќе се прочистува со нова пософистицирана технологија, а тоа за граѓаните би требало да значи помали сметки за вода.

 Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.