Хаварисани возила полни украдени дрва опасност за сообраќајот во Штип и животот на пешаците

Хаварисани возила полни украдени дрва опасност за сообраќајот во Штип и животот на пешаците

Речиси хаварисани, нерегестрирани и пренатрупани со огревно дрво – нелегално исечено. Вака изгледаат возилата кои секојдневно се движат низ штипските улици, со почетна дестинација далеку од центарот, а во близина на Мирјанина црква. Токму на патот што води кон неа во седумдесеттите години од минатиот век, Штип ја добил првата борова шума. Денес таа е жртва на нелегалните активности на група граѓани кои во обид да избегаат од одговорноста ги напаѓаат оние што се овластени да ги лишат од слобода. Полициските службеници во повеќе наврати се напаѓани од дрвосечачите кои ги прекршуваат законите по неколку основи, а со дотраените автомобили и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот. Во првите осум месеци од годината, петмина од нив заработиле кривични пријави.

Некогаш значаен дел од белите дробови на Штип, а денес жртва на нелегалните активности на група граѓани. Боровата шума која пред околу 5 децении била засадена на патот кон селото Шашаварлија и во близина на Мирјанина црква сѐ почесто е на мета на штипските дрвокрадци. Она што ќе го украдат од природата завршува како огревно дрво во домови до кои се превезува со стари, пренатрупани и нерегистрирани возила. Жителите на улиците во близина велат дека шумата се уништува неконтролирано веќе петнаесетина години, но она што е дополнителен проблем во последните година-две е ужасната миризба што се шири од натрупаниот отпад, од кој дел се преработува во диви погони, каде се палат и гуми.

Упатените од невладиниот сектор, решението го гледаат во меѓуинституционалната соработка. Претседателката на Еколошкото друштво Виножито, Јадранка Калајџиска вели дека особено во време на пандемија, такви депонии во градот не му служат на чест на никој.

„Дивата сеча е голема штета што се прави во Штип и никој, ниту граѓаните ниту институциите не треба да бидат рамнодушни. Запознаена сум со тоа дека имаше инцидент кога шумската полиција беше нападната од дрвосечачите. Мислам дека сите институции треба  да сработуваат за доброто на сите. Животната средина е загрозена. И сечата и дивите депонии – тоа треба да се смени час поскоро.  Овој дел од градот се граничи со населбата Леваци и тука веќе имаме апсурдна ситуација. Имаме многу чиста населба и веднаш до неа деградирана средина.Разни параметри има за населението, треба да има исти стандарди за цела територија. Во последно време состојбата многу се промени и поради изборите – сите проблеми од животната средина се ставаа под тепих, а сите беа политички наоружани. Нашата животна околина сметам дека е под број еден“, потенцира Калајџиска во изјава за Канал 77.

 

Разговаравме и со Милчо Смилјанов, кој во Советот на Општина Штип ја претставува Зелената партија Демократска обнова на Македонија.

Сечењето на шумите е рак рана на општеството и затоа државата треба да донесе Национална стратегија за шуми – смета штипскиот советник.

„Знам дека голем дел од  луѓето што учествуваат во такви акции на  диво сечење дрво имаат причини од материјален карактер. Тоа се најверојатно луѓе што имат низок статус, немаат доволно за егзистенција и се принудени да го прават тоа. За да се реши проблем од таков тип потребни се промени во законската регулатива, во функционирањето на голем број министерства како Министерство за животна средина, МВР, Министерство за правда. Судството треба да донесе конечни пресуди и одредени луѓе што тоа го прават не мора да одат во затвор. Мој предлог е нека обноват нови садници, бидејќи процесот на создавање шума е долготраен и може да трае до сто години“, истакнува Смилјанов.

Граѓаните кои се најзасегнати од овој проблем, без да сакаат да зборуваат пред микрофон, ни раскажаа дека дивите погони за отпад се сместени во неколку куќи. Од таму во вечерните часови се пали гума од која се шири ужасна миризба особено лете. Реа доаѓа и од отпадот во и околу единствениот контејнер, кој надлежните недоволно често го собираат.

Овие две прашања кои се директно поврзани со загадувањето на воздухот, но и со создавањето грда слика се казниви според домашната легислатива. Сепак оние што се овластени да го спроведат законот во пракса самите завршуваат обесправено.

Така на пример, Законот за шуми забранува сеча, како и пустошење на шума. При тоа, ја овластува шумската полиција да ја чува шумата, да интервенира и да ги приведе лицата за кривични дела во однс на шумите. Оттука, пустошењето на шумите е казниво според Кривичниот законик, кој исто така предвидува казни и за загрозување на животната средина и природата со отпад. Со цел да се заштити зеленилото за јавна употреба, Законот за зеленило меѓу другото, забранува  корнење, сечење и кастрење дрвја, фрлање и оставање отпадоци во зеленило и оставање градежен материјал и шут на зеленило.

Иако самите прекршители на законот во повеќе наврати ги имаат нападнато оние што треба да го спроведат, од СВР Штип тврдат дека во содејство со шумската полиција ги преземаат сите мерки и активности за откривање и спречувње н противправна сеча на шума. Како резултат на тоа, во периодот од април до август годинава на подрачјето на Полициската станица спроведени се 13 акциски контроли и 3 редовни контроли, при што во неколку наврати е одземена дрвна маса. Поради нападите врз полициските службеници, пет лица заработиле пријава поради основано соменевање дека сториле спречување службено лице во вршење службено дејствие – информираат од СВР Штип за Канал 77. Оттаму сепак не одговорија на нашето прашање дали и колку пријави се поднесени за  дивото складирње отпад и палењето на гума.

Надлежност во справувањето со овие проблеми кои водат кон уништување на јавната чистота има и локалната самоуправа преку дел од инспекторатите.

Советникот Смилјанов вели дека инспекторите за животна средина, логично се најнепосакувани кај загадување, а за делувањето на терен проблем е законското толкување:

„Ингеренциите на општината се со Закон утврдени за локална самоуправа. Проблемот е поврзан директно и со извршната власт, ингеренциите се испреплетуваат и се наоѓаме во ситуации кога не знаеме кои ингеренции кому му припаѓаат“.

Од невладиниот сектор апелираат на зајакнување на институционалните капацитети:

„Министерството за животна средина треба да партиципира со средства и со персонал, бидејќи во регионите има и еколошки инспектори од Министерството. Порано апелиравме и за палењето на стрништата, шумите и така се уништуваа, тоа е исто така лоша пракса. Граѓаните за ова треба да зборуваат и преку медиумите, да пријавуваат во институциите.Институциите треба да се зајакнат, да имаат капацитети. Работите не треба да се решаваат од канцеларии, да имаме физибилити студии во фиоки, а ништо на терен“.

Примерот од Штип сепак не е изолиран, бидејќи загадување и заканите кон јавната чистота е проблем на ниво на држава, кој старо-новата влада вети дека ќе го реши со ново законско решение. Според предизборните ветувања, во секоја општина ќе има комунална полиција, а инспекциските служби ќе вршат дваесет и четиричасовен надзор. Со комуналната полиција која ќе биде под ингеренција на локалната власт, а на редовната полиција ќе ѝ се остави повеќе простор за решавање на комплексните безбедносни прашања.

Ако се реализира донесувањето и имплементацијата на ветениот закон, во справувањето со проблемите поврзани со зеленилото и јавната хигиена ќе може да се вклучат и пензионираните граѓани, кои ќе земаат надоместок за ваквиот ангажман, а паралелно ќе продолжат да ја примаат пензијата.

 

Оваа публикација е изработена во рамките на проектот „Здружени сме посигурни и побезбедни” за ЗГ Медиа плус од Штип, која е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на ова аудио е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас.