Анализа: Важни, а занемарени се локалните и регионалните медиуми
Само економски независни медиуми можат да бида професионални. Сè друго е преживување и кокетирање со локалните моќници. Ова е генералниот став, со не помалку важниот момент за истакнување на интегритетот на новинарот. Само новинар со интегритет, може да одолее на влијанието на локалната политика и бизнис елити. Без исклучок, врзано и за прашањето за влијанието во малите средини, изостануваат критичките тонови во пишувањето, додека медиумите се држат до информативниот концепт, базиран на дневно информирање и пренесување на вести. Тоа е и најбезбедниот агол до кој се држат локалните новинари, додека сферата на политиката ја зафаќаат низ пренесување на изјави и партиски ставови по одредени локални прашања.
Економската ранливост на медиумите е основа за самоцензура и тоа кај огласувачите и кај локалната власт која претставува потенцијален извор за финансирање. Сопствениците на медиумите сметаат дека не инвестирале доволно не само во едукација на ангажираните медиумски работници, туку и во нивните примања. Вработените во поголемиот број на медиуми се со мали примања и даваат општа слика дека во оваа индустрија перспективите се мали, а платите никогаш нема да се зголемат, освен во националните телевизии, коишто го апсорбираат добриот кадар од локалните медиуми. Заклучокот е дека кадарот е клучниот момент за перспективата на локалните и регионалните медиуми. Минимална, катастрофална, понижувачка, несоодветна плата на трудот, се оценките на новинарите од локалните и регионалните медиуми. Платите се движат од минималниот износ од 14.500 денари во регионална телевизија до 25.000 во просек. Дописниците на национални медиуми забележуваат на висината на хонорарите, односно плаќањето по парче, особено во телевизиите, кое не е соодветно за телевизиски прилог. Дописниците – локални новинари се потценети од редакциите, иако прават добри приказни се недоволно платени и изманипулирани. Иднината на локалните и регионални медиуми не зависи само од пазарните услови и моменталната состојба, таа зависи и од регулаторната политика што треба да ја води регулаторното тело ААВМУ.
Со новата криза со Ковид 19, медиумите доживеаја огромно намалување на приходите преку сопирање на договори, откажување на реклами. За локалните и регионални медиуми тоа значи сериозна штета, но никој од нив нема отпуштено луѓе од оваа причина, од страв дека не можат да најдат нивна замена. И сопствениците и новинарите од локалните и регионалните медиуми стравуваат дека продолжената здравствено – економска криза, ќе значи крај на дел од овие медиуми.
По лошите искуства во минатото со владините реклами и протежирањето на одредени медиуми на национално и локално ниво, се очекува дополнително регулирање на финансирањето и влијанието што политиката може да го одигра преку одделување на средства за продукција на програма, што ќе бидат контролирани од граѓаните, преку Совети на публика. Една од препораките е да се направи мрежа на тела Совети за публика, каде што граѓаните можат да допрат до медиумите, да сугерираат за продукцијата финансирана од тој фонд и на тој начин медиумите да им служат на граѓаните.
Оваа е дел од анализата, која е резултат на истражувањето и интервјуата со сопственици, уредници и новинари на локални и регионални медиуми од сите региони во државата, медиуми со седиште во 12 градови и тоа: Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Штип, Кочани и Струмица. Низ различно структурирани прашања, се анализираат условите за работа, потребите, финансиските прилики, перспективите и очекувањата. Пренесени се мислењата на експерти во областа, а содржи и кратка анализа на програмите на дел од регионалните и локалните медиуми. Анализата е работена во периодот февруари – мај 2020 година и го опфаќа перидот кога Северна Македонија и целиот свет минува низ пандемијата на Ковид 19. Поради тоа, на крајот од оваа анализа се состојбите во локалните и регионалните медиуми и нивната работа во услови на здравствено – економската криза со Ковид 19.
Состојбата со локалната и регионалната информираност – Анализа