Во општина Велес од донации најмногу влегле германски пари, приватните фирми ги нема
Општина Велес во 2019 година има добиено само четири донации. Две се од странски НВО, и две од фирми. Донации од компании и речиси и да нема. Се чини, тоа е политика на општината. Нема донации – нема корупција. Градоначалникот, Аце Коцевски е приврзаник на мотото -,,На општината не и’ требаат донации од фирми коишто потоа ќе бараат противуслуга за тие донации или спонзорства“.
Од македонско-германското здружение Киндер хилфе, Велешката болница минатата година доби донација во медицинска опрема во вредност од 40 000 евра, 21 000 евра Болницата доби од страна на асоцијацијата АЛМА и хуманитарната организација „L’Espoir de l’Orient“ во партнерство со Фондацијата „Фокус“ и хуманитарната организација „House of Hope – Ленче Здравкин“, а санитетско возило донираше фирмата Дрекселмајер. Уште една фирма со германски капитал Маркарт Македонија има донирано во Велес, но оваа година – чизми и ракавици за велешките пожарникари во вредност од 251 евра. Минатата година во општината донираше и Пакомак, пластични жолти контејнери во вредност од 1402 евра.
Зошто ги нема македонските.т.е велешките фирми меѓу донаторите во општината?
Велешкиот градоначалник, Аце Коцевски вели дека денес Велес не е индустриски развиена општина како што беше пред распадот на Поранешна Југославија, кога за тогашни прилики градот имаше многу вработени, силно стопанство и созадваше добар дел од БДП на државата.
,,Можеби се работи и на фактот што бизнисмените кои што добро заработуваат немаат навика да бидат опшестено одговорни и дел од остварениот доход да го вратат пак во заедницата преку добри проекти на општината или воопшто на НВО во интерес на сите граѓани, затоа што профитот го остваруваат од своите сограѓани“, вели градоначалникот.
Од општината велат дека средства за реализирање на голем број активности од голема важност за животот на граѓаните главно добиваат преку грантови и целокупната документација за целиот тој процес е транспарентен.
,,Сите донации кои како грантови ги добива општината мора да бидат одобрени од Советот. Кој донира, како донира. Верувам во хуманоста на тој што донира, а не во намерата за барање на нешто за возврат“, вели Весна Стојановска Богоевска, советник во велешкиот Совет.
И нејзината колешка од опозицијата, Нада Трајкова потврдува дека сите донации кои што се примени во општината се целосно транспарентни.
,,Достапни ни се сите информации и ова го тврдам како советник од опозицијата“, вели Трајкова.
Велешкиот градоначалник вели дека често упатувал апели до компаниите да го следат примерот на оние кои што помагаат, но исто така смета и дека не сака да применува други средства за да се бараат донации а потоа за тоа да се бараат контра услуги за или од општината.
„Доволен е мојот апел фирмите да си ги плаќаат обврските кон општината, даночни, комунални такси, да не прават дивоградби, туку да си го платат надоместокот за уредување на градежното земјиште, тогаш не ни треба нивата донација и нивната помош.Така општината ќе има доволно средства, тогаш ќе останат само тие што го имаат менталитетот, како германските компании, да сакаат да ја помогнат заедницата, да донираат средства“,вели Коцевски.
Постојат општини коишто можат да пофалат со голем број на донации но и со огромни суми на средства, меѓутоа примери покажуваат дека некои од ,,донаторите“ барале и услуги од општините, а и ги добивале преку добиени тендери на нивните јавни набавки.
Според Коцевски тоа е неетички, не е исправно и всушност и не е донација.
,,Ако е така, тоа е кражба, затоа што излегува дека нашите пари од општината ни се враќаат назад како донација од некоја компанија, заради претходно утврдени повисоки цени, кои треба да ги плати општината. Тоа е криминал, како што не го одобрувам и тоа што се случувало порано, при организирањето на велешката Питијада, да треба сега да ги условуваме фирмите да даваат, а ние да им правиме некоја контрауслуга“, додава Коцевски.
Општината Велес не само што добива донации, туку и не дава за манифестации како Питијада. Општинските пари сосема секнаа за оваа манифестација
Во 2018 година од буџетот на општината за Питијадата се издвоени само 200 000 денари додека другите манифестации коишто добиваат средства и од Министерството за култура како што се Рациновите средби добија 750 000 денари, Интернационалниот фолк фестивал 700 000, велешкото културно лето 600 000 денари и Фестивалот за античка драма Стоби 1 300 000 денари.
Средствата за Питијадата драстично се намалени, од официјалните 7 000 000 денари во 2017, на само 200 000 денари во 2018 година.
Од споменатите потрошени 7 милиони денари, четири милиони се пари од општината , 3 милиони средства собрани од спонзори.
Градоначалникот Коцевски, вели дека за Питијадата 2017 всушност не се потрошени 7 туку над 10 милиони денари, затоа што сметките за направените трошоци постојано пристигнувале и сите нив морала ди ги плати општината .
Само за потребите на учесниците во забавниот дел на манифестацијата биле потрошени 500 шишиња виски, исто толку шишиња коњаци, штокови а не се знае и бројот на изедени ,,Пити„тврди градоначалникот.Тогашниот настап на Здравко Чолиќ бил платен со 50.000 евра.
Освен како сума во општинскиот документ не се претставени донаторите и спонзорите кои што донирале за оваа манифестација.
Во извештајот на ревизорот за 2017 година пишува дека од буџетот на општината се планирани четири милиони, а се потрошени над шест. За дадените повеќе од два милиони, ревизорот забележува дека нема ни одлука и план, ниту пак има извештај за потрошеното .
За Питијада 2017, забелешките се однесуваа и на начинот на којшто се собирале парите од донаторите и спонзорите. Наводно од фирмите се барале пари а износите зависеле од тоа колку и на кој начин фирмите се вклучени во манифестацијата. Не е познато колку всушност се собрани пари и на која сметка истите се уплатувани и кој ги трошел и на што се трошени тие пари.
Градоначалникот Коцевски е на став дека општината не треба да биде носител на активностите за манифестации како што е Питијадата, туку тоа да биде бизнис заедницата, таа да биде организатор, а општината да биде само поддржувач.
Минатата година, поради пожарот којшто се случи во околината на езерото Младост, беше одлучено Питијадата да не се одржи, а средствата околу 500 000 денари што биле предвидени за оваа манифестација беа донирани за купување на опрема за пожарникарите и пошумување. Годинава оваа манифестација не е ниту ставена во програмата, вели Коцевски.
И во 2018 година општината донесе одлука наместо купување нови новогодишни украси , календари и други промотивни материјали да ги донира на социјално најзагрозените семејства. Вкупно 300 000 денари беа поделени по 3000 денари на сто социјално загрозени семејства.
Општина Велес од 2016 до 2019 за спортските клубови во градот издвоила 11 840 000 денари.
Само неколку фирми коишто се јавуваат како донатори во речиси сите општини во земјата, изминатите години како донатори во општината Велес се главно странски невладини организации и амбасади (германската и јапонската).
Велешкиот градоначалник смета дека работите треба да бидат оставени на совеста, да се јакне во иднина волонтеризмот, а фирмите да работат да бидат опшествено одговорни, зашто од тоа добива и заедницата, а и тие како опшествено одговорни компании, преку ослободување од плаќање на данок, според Законот за донирање и спонзорирање, а не да се очекува противуслуга од општината.
Што се однесува до јавните набавки коишто општина Велес ги има реализирано во периодот од 2016 до 2019 година, рекордот го води велешката фирма Изгрев инжинеринг. Оваа фирма за периодот од четири години добила работа од општината во вкупна вредност од речиси 1,6 милиони евра и тоа само за 2019 година 685 653 евра. Иако во 2016 по добиени тендери е на петото место, сепак станува збор за сума од 214 982 евра.
Во 2018 година, од јавни набавки најмногу се офајдила велешката фирма Тргоцемент ДООЕЛ -293 387 евра, а добро котира иако со само три добиени јавни набавки и во 2019- 107 317 евра.
Ниту овие две фирми, ниту пак фирмите кои што во 2016 година добиле најмногу јавни набавки-Делта –пром со 465 797 и Скопската фирма Изолација -285 456 евра, немаат дадено никаква донација за општина Велес иако добиле огромни суми од парите на велешани.
Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Подарок под рака ”, во имплементација на-ЗГ Медиа Плус , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.
Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на –ГЗ Медиа Плус – и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.