Пример за почит: Пензионерката Пацка Коневска од Скопје шие и подарува заштитни маски

Пример за почит: Пензионерката Пацка Коневска од Скопје шие и подарува заштитни маски

Пацка Коневска, пензионерка од Скопје ја истакна својата хуманост на дело. Живее во населбата Кисела Вода, и вели дека одејки до маркет забележала дека повеќето луѓе не носат маски, па решила да им се најде за да колку толку си го заштитат здравјето.

-Секојдневно слушам дека нема маски, а тоа го видов и кај многу луѓе на улица и по маркетите во моја близина. Навистина многу од нив не носат заштитни маски. Јас  сум пензионер и  сега имам повеќе слободно време а мое омилено хоби низ животот ми беше шиењето и затоа одлучив да се најдам во ситуација, да помогнам колку што можам. Имав памучен материјал и сошив маски  и ги донирав. А како донирав? Прво дел од нив поделив на соседите а потоа излегов на улица и на минувачите кои немаа маски им подарував. Потоа  влегував во пиљарите, во маркетите и давав на  продавачкитено и на некои купувачи. Маските се стерилни,  да не се плашат. Во неколку ситуации и ме прашаа колку пари да ми платат. Но, за такво нешто нема потреба мене тоа така од срце ми дојде. Драго ми е што ова се рашири и што многу посакаа да им шијам. Јас имав само бел материјал, но многу од нив сакаа во боја или шарени,па си купиле материјал и  им сожив по желба, вели Пацка и додава:

„Во оваа ситуација мораме сите да си помагаме едни на други. Не е важно како и не е важно колку, важно е да се сплотиме, да бидеме заедно, проблемите заеднички да си ги решаваме. Свесна сум дека ова не е голема помош, но можеби некој навистина немал можност за маска, па ете сум се нашла да му помогнам. Јас сакам да шијам, никогаш не сум била професионална шивачка, но од љубов кон шиењето и дарбата која ми ја дал Господ е работа што ме исполнува. Затоа и се одлучив на ова. Јас ќе го пополнувам времето, нема да мислам на лоши работи кои ги гледаме по телевизиите, а со тоа и ќе му помогнам некому да се заштити. Не знам колку маски сум поделила до сега, но ми е драго што почнаа да ми се јавуваат дека им треба и јас со задоволство ќе им се најдам.“, вели таа.