Минимални се активности на Советите за превенција
Од кратката анализа што ја направи ЗГ Mедиа плус од Штип за работењето на Локалните совети за превенција, може да се заклучи дека ова тело само делумно е во вниманието на локалните власти. Изостанува целосна проактивност, а работењето на Советите е различна од општина до општина. Медиа плус во изминатиот период склучи меморандуми за соработка со осум општини од сите осум плански региони, со цел јакнење на Локалните советите за превенција и нивната врска со граѓаните и граѓанските организации. Од посетите на општините и разговорите со претставниците на локалната власт, преовладува мислењето дека граѓаните малку или воопшто не знаат за постоењето на телата, кои треба да адресираат граѓански потреби. Освен тоа, забелешка е дека има преклопување во законските надлежности со Општинските кризни штабови. Поради тоа, често им се дава значење на Кризните штабови, на штета на Локалните совети за превенција, иако двете тела имаат свои одделни надлежности.
Медиа плус во наредниот период ќе спроведува активности во општините Битола, Струга, Гостивар, Карпош – Скопје, Крива Паланка, Свети Николе, Гевгелија и Штип, на јакнење на капацитетите на Советите и поголема соработка со граѓаните и вмрежување со граѓанските организации од овие општини. Проектот “Здружени сме посигурни и побезбедни” ќе работи и на поголема информираност на граѓаните за можноста преку Локалните совети за превенција за алармираат за одредени појави, проблеми и потреби на заедницата. Проектот е поддржан од програмата Цивика Мобилитас, програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.