Невладиниот сектор раскажа приказни за позитивни промени на Денот на граѓански организации (Видео)

Невладиниот сектор раскажа приказни за позитивни промени на Денот на граѓански организации (Видео)

Јас би сакала да го купуваат сите Лице в лице затоа што има корисни содржини – Ова е пораката што од пред нашата камера ја испрати триесет и осумгодишната скопјанка, Анабела Мердиева. Таа е дел од продавачите на единственото улично списание кај нас, кои секојдневно се движат низ централното градско подрачје, за да го продадат единствениот печатен медиум кој информира за предизвиците на социјално ранливите категории граѓани.

Ако се движите на плоштад „Македонија“, веројатно веќе сте ја забележале Анабела, која најчесто е во друштво на нејзините колешки односно другарки, со кои заедно членуваат  и во Здружението „Порака“. Нашата соговорничка ужива во својата работа, но сака да биде и масерка, зашто за тоа учела во Граѓанскиот универзитет „Кочо Рацин“:

 

Јас на луѓето им го продавам Лице в Лице. Им велам: „Повелете, ова е улично списание“. Јас се интересирам за масажа, учев за масерка во „Кочо Рацин“.

Нашата екипа „украде“ од нејзиното време, додека заедно со колегите го одбележуваа седмиот роденден на Лице в лице.

Во роденденската порака, главната и одговорна уредничка, Климентина Илијевски потенцираше дека граѓаните треба да ја препознаат својата улога во општеството:
„Граѓанинот е сведок на идеологијата во која влијателни групи делуваат од позицијата на максималниот јаз, од позицијата на намерата да ги заштитат агендите и интересите кои одат во корист на малкумина. Како резултат на слепото следење на задачата за бесконечен економски раст при граничени ресурси што земјата може да ги создаде, ни се случија тектонски поместувања кои се одразија на односите меѓу луѓето, но и на односот на човекот кон самиот себе. Со губењето на довербата кон донесувачите на одлуки на човекот му останува да се загледа во себе, да ја препознае својата улога во општеството и да почне да делува од улoгата на граѓанин онака како што треба да делува граѓанин“.

Седумгодишното постоење на Лице в лице го одбележаа уште десетици граѓански активисти, кои реализираат проекти за да поттикнат позитивни промени во општеството. Тие изминатиот викенд, на своите сограѓани на неформален и интерактивен начин им ги предочија активностите со кои создаваат позитивни промени во општеството.

„Сакаме да порачаме дека нам како општество ни се потребни активни граѓани, без разлика дали ќе бидат активни преку граѓански организации или пак преку некоја друга форма. Најважно е да ги мотивираме да бидат активни, да бидат дел од граѓанското општество и со сета сила да буткаат кон промените. Може да се пофалиме со доста добри резултати, кои се видливи можеби за помали групи луѓе, но сите во својата средина прават одредена промена. Одговорноста за добро општество е одговорност на сите нас, не е само на институциите, не е само на власта  независно дали е национална или локална туку на секој нас како поединец“, изјави Гонце Јаковлеска од МЦМС.

Невладините организации создадоа вистински мозаик од граѓански активизам на Отворениот ден кој по втор пат го организираше Цивика мобилитас, со чија поддршка, се реализирани низа проекти за  афирмирање на човековите права. За разлика од лани, кога граѓанските организации се обединија во Градскиот парк, настаните кои годинава беа дел од денот посветен токму на нив, се одржаа на плоштадот Скендербег и во паркот Ибни Пајко.

Да се биде заедно во старата чаршија претставува голема можност за сите нас да се сретнеме и да го славиме зајакнувањето на улогата на граѓанските организации.Старата чаршија е место познато  по својата отвореност, каде различни традиции и култури се среќаваат секој ден и коегзистираат со векови и се надевам дека овој настан денес ќе одбележи почеток на многу пријателства и соработки меѓу различни граѓански организации и нивните конституенти. Вашето присуство во толку голем број е знак дека граѓаните се’ повеќе сфаќаат дека  граѓанските организации се местото каде нивниот глас ќе биде слушнат во постојаната битка за нивните права.  Сe надевам дека граѓанските  оргнизации ќе ја оправдаат довербата на воите конституенти кои претставуваат основа за нивниот легитимитет“,порача швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада.

Цивика мобилитас како програма за поддршка на граѓанското општество, во земјава е присутна безмалку една деценција. Третата фаза  започна да се спроведува од 1 јануари 2019 година и ќе трае до 31 декември 2022 година.  Визијата на програмата е општествените промени во Северна Македонија да бидат поттикнати од силен граѓански сектор, активни граѓани и добра соработка со властите, што би резултирало со потранспарентно, поотчетно и социјално-инклузивно управување како на централно, така и на локално ниво.