Мозаик од активности за позитивни промени создаде невладиниот сектор во центарот на Скопје

Мозаик од активности за позитивни промени создаде невладиниот сектор во центарот на Скопје

Осумдесет невладини организации на неформален и интерактивен начин ги запознаа граѓаните со проектите со кои придонесуваат за позитивни општествени промени. Активностите за оваа цел, тие ги спроведоа во рамките на Отворениот ден, кој по втор пат го организираше Цивика мобилитас. За разлика од минатата година, кога Денот на граѓанските организации се одржа во Градскиот парк во Скопје, а годинава претставниците на невладиниот сектор беа присутни на плоштадот Скендербег и во новиот парк Ибни Пајко.

„Да се биде заедно во старата чаршија претставува голема можност за сите нас да се сретнеме и да го славиме зајакнувањето на улогата на граѓанските организации. Старата чаршија е место познато по својата отвореност, каде различни традиции и култури се среќаваат секој ден и коегзистираат со векови и се надевам дека овој настан денес ќе одбележи почеток на многу пријателства и соработки меѓу различни граѓански организации и нивните конституенти. Вашето присуство во толку голем број е знак дека граѓаните се’ повеќе сфаќаат дека граѓанските организации се местото каде нивниот глас ќе биде слушнат во постојаната битка за нивните права. Сe надевам дека граѓанските оргнизации ќе ја оправдаат довербата на воите конституенти кои претставуваат основа за нивниот легитимитет“, порача швајцарската амбасадорка во земјава Сибил Сутер Техада.

Свои претставници на Денот на граѓански организации, имаше и Здружението Медиа плус – Штип. Здружението кое иницира акции за демократија, е дел од дванаесетте невладини кои добија акциски грантови од Цивика мобилитас пред два месеца, Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), чија трета фаза започна да се спроведува од 1 јануари 2019 година и ќе трае до 31 декември 2022 година.