Анализа: Блокираните општини живеат со месечен лимит и наталожени долгови
Колку всушност должат 20-те најзадолжени општини во Македонија, кои со години работат со блокирана сметка, беше предмет на истражување и анализа на Здруженинето на граѓани Медиа плус од Штип.
Почнавме од годината 2012-та до датумот 30-ти септември 2017 година, пред почетокот на Локалните избори 2017, кога овие општини побараа финансиска помош да ги спроведат изборите. Од кога должат, кому должат, кој градоначалник како работел низ бројки, покажува подолгата анализа на крајот од ова истражување. Анализата е заснована на официјалните документи што ни ги испратија сите општини, со исклучок на Општина Пласница.
Според документите од општините што Медиа плус ги доби преку Законот за слободен пристап до информации, долгот на 19-те најзадолжени општини изнесува 48.188.378 евра. Во овој износ не се пресметани долговите на јавните претпријатија и општинските устанoви.
Од друга страна, Министерството за финансии објави дека заклучно со 30.09.2018 година, сите 80 општини и Град Скопје должат 81,3 милиони евра или 5 милијарди денари. Институциите основани од единиците на локална самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита должат 15,4 милиони евра, или 950 милиони денари.
Податоците кои ги баравме, а потоа и анализиравме, покажуваат дека општините граделе, реконструирале и изведувале работи, што потоа не можеле да ги платат, па наталожиле долг што ги довело до тоа да работат со блокирана сметка. Други повеќе од половина од својот буџет го трошеле на плати, па им останувало малку да ја реализираат програмата. Без исклучок најголемите задолжувања стигнувале во или по изборната година, кога новите градоначалници ги добивале фактурите за плаќање на своите претходници.
Најголеми се долговите на општините во 2013 и 2014 година и во 2017 година. Има општини кои ги задолжиле своите јавни претпријатија, не плаќајќи им за услуги и други работи, додека има и спротивен случај, кога општините одвојувале пари како субвенција на јавните претпријатија. Меѓу 20-те општини карактеристичен е случајот на Куманово, кога долгот на општината е многу помал од тој на јавните претпријатија што ги формирала, па сега општината ги отплаќа нивните долгови. Општината Куманово, има обврски од 182,7 милиони денари, додека петте претпријатија заедно околу 600 милиони денари.
Генерално, општините трошеле многу повеќе пари од тоа што го имале или успеале да го соберат, а при тоа вработувале и ја полнеле општинската администрација, при што повеќе од половината буџет го одвојувале за плати.
За сите општини важи оценката дека имале преобемни планирања на буџетот, по што се правеле ребаланси со намалување на предвидените износи по ставки. Некаде тоа планирање отстапувало од 30-50 отсто. Поради тоа неодамна владата предложи закон со кој ги ограничува општините да можат да го зголемуваат буџетот за најмногу 10% од претходната година. Општините потфрлувале во собирањето на данокот на имот, а многу често и во продажбата на градежно земјиште.
Најдобра илустрација за трошењето на општините се податоците на Министерството за финансии, според кое, вкупниот долг на ЕЛС во 2005 година бил 25 милиони евра вклучувајќи го и долгот на јавните комунални претпријатија, што заедно сочинува 3,3 % од вкупниот долг на државата. За 13 години тој долг пораснал за 56,3 милиони евра, па во септември 2018 година изнесува 81,3 милиони евра.
Што вели централната, а што локалната власт?
На 13 ноември 2018 година е донесен Законот за финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа и единки корисници основани од единиците на локална самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски, со кој од Буџетот на Република Македонија се издвојуваат околу 50 милиони евра, за отплата на 51 отсто од долговите, без тие на јавните претпријатија. Секоја општина добива различен износ во зависност од големината на долгот. Законот ја обрзува општината да распише повик за пријавување до компаниите да го пријават побараувањето од општината. Потоа се склучува спогодба, а предност ќе имаат компании кои ќе се откажат 15 отсто од долгот и од целиот износ на каматите.
До датумот 1 септември 2017 со блокирани сметки беа општините: Зрновци,Пласница,Ресен,Делчево,Охрид,Струга,Пехчево,Куманово,Градски,Брвеница,Тетово,Ранковце,Сопиште,Боговиње,Берово,Карбинци,Старо Нагоричане и Чашка, а со налози за блокада Липково и Неготино.
Во меѓувреме, неколку од овие општини, успееја да ја одблокираат својата сметка.
За тоа како работеле општините повеќе на линкот: https://mediaplus.org.mk/podlupa