Во спроведувањето на референдумот институциите имаат споредна, организациска улога. Главната улога ја имаат граѓаните. Бидејќи власта произлегува од граѓаните, тие во правото се оценуваат како извор на сувереноста. Оттука, граѓаните се главниот актер во процесот на одлучување, кој на овој референдум е повикан од  власта, т.е. Собранието на Република Македонија, да го даде своето мислење на консултативен референдум.

Вака изгледа правната рамка на референдумското изјаснување. Дадената улога со Устав и закон за граѓаните, се чини  е едноставна, но  помалку позната, а делумно и неискористена.

Во случајот со референдумот на 30 септември, Собранието на Република Македонија на 30 јули оваа година, распиша одлука  за „референдум за консултирање на граѓаните на цела територија на РМ“. Граѓаните ќе се изјаснуваат по референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Спроведувач на референдумот е Државната изборна комисија (ДИК).

ДИК откако ќе го спроведе референдумот, резултатите му ги предава на нарачателот –  на Собранието на РМ.

Граѓаните се центарот на референдумот, вели генералниот секретар на ДИК, Добре Јанчев, според кого, референдумот се организира поради нив и нивното мислење.

– Исходот на референдумот ќе зависи исклучиво само од нивната воља, при што треба да им е јасно на граѓаните, на сите институции, на сите во државата, дека ниту еден граѓанин не треба да биде подложен на притисоци дали да излезе на гласање или да не излезе и ако излезе како да го практицира своето право на глас, вели Јанчев.

На референдумот може да гласаат регистрирани гласачи, државјани на Македонија, со навршени 18  години. ДИК ги повика граѓаните да проверат дали се во Избирачкиот список и во законскиот рок, на седми септември, го заклучи. На овој референдум, ќе изјаснуваат запишаните граѓани со право на глас во заклучениот список, кој содржи податоци за 1.806.336 граѓани. Полемика во јавноста предизвика бројот на гласачи, кои се приврмено  во странство. Во заклучениот список тој број е 76.060 граѓани. Меѓу критичарите и е граѓанската организација „Цивил“, која со години работи на демократизација на гласачкиот процес.

-Државната изборна комисијата се’ уште не успеа да го доведе Избирачкиот список до една пристојна форма, која може да влее доверба во процесот, а при тоа, поради тоа што тој не е во доволно добра форма, влијае директно на цензусот. Ние таму утврдивме повеќе имиња и презимиња отколку што реално постојат. Исто така, немаме реална претстава кој би требало да биде на списокот за гласање во странство. Ако сакате да заминете на семинар или гости во странство и на 30 септември се затекнете таму, вие немате право да гласате во Дипломатско – конзуларните претставништва, бидејќи немате 6 месеци престој во таа држава, вели  Џабир Дерала од „Цивил“.

Дерала  го споменува позитивниот пример на земји како Хрватска и Косово, каде тоа е регулирано со закон и во рок од неколку минути се решава.

-Тоа не е многу време, се работи за една ароганција и мрзливост и третман на гласачите како бројка. Тие не се третираат како индивидуи, како граѓани и граѓанки кои имаат фундаментално право на глас и ги третираат како бројка, дека 1000 луѓе не се голема работа, па им се овозможува правото на глас. Јас мислам дека еден единствен случај на газење на правото е премногу , а не пак тоа да се трицифрени или четирицифрени бројки, смета  Дерала.

Исто така, проблемтично, според оценките е, што граѓаните сами треба да ги пријават своите промени на адреса или презиме за да се евидентира во Избирачкиот список, а членовите на семејствата, треба со умреница да ги избришат  починатите. Јавните реакции се дека тоа треба да го прават институциите, по автоматизам.

-Дека до толку е несреден Избирачкиот список не би се сложил, а дека имаме проблеми со адресите податоци, имаме. Сепак ДИК не е институција која дава документи за идентификација на граѓаните. Не критикувам никого, факт е дека треба да се направи пообемна меѓуинституционална соработка во тој дел. Разговараме за ситуација кога во Избирачкиот список се сите државјани на РМ, без оглед каде живеат. Штом има важечка лична карта или пасош, има пријавено последна адреса во Македонија, тој е во Избирачкиот список, објаснува Јанчев.

Правото на глас е фундаментално право

Правото на глас е гарантирано со Уставото и законите во Македонија. Тоа е фундаментално право, за кое ДИК пред секое изјаснување, има задача да обезбеди оптимални услови за граѓанинот да го даде својот глас, без притоа некој да му влијае или изврши притисок. Деновиве ДИК излезе со упатство за гласачите и  информативен спот од кампањата насловена „Твојот став, твое право“.

Овој трет референдум на државно ниво ќе го следат околу 669 домашни и меѓународни набљудувачи. Со своја набљудувачка мисија на терен веќе работи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, која го следи процесот на подготовка, кампањата и другите активности, вклучувајќи го и известувањето на медиумите. Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Јан Петерсен, вели дека ја нема конечната бројка на набљудувачи, но извесно е дека освен главниот тим со 14 експерти, а ќе бидат ангажирани теренски набљудувачи на денот на референдумот. На евентуалните забелешки, вели, ќе се почека први октомври.
-Ние коментираме ден по референдумот, следниот ден попладне, ќе излеземе со извештај, кој ќе ги содржи техничките аспекти, како што е интегритет на процесот, како се одвиваше кампањата, правната рамка, финансиската, состојбата со медиумите…Ќе ја кажеме суштината на резултатите „за“ и „против“ или излезеноста, меѓутоа, не го коментираме политичкиот апсект на процесот. Ние не се занимаваме со политика, изјави Петерсен.
За одлуката Собранието да распише консултативен референдум, Петерсен рече дека тоа е одлука на македонскиот Парламент.
-Ние не коментираме дали е добра или лоша, тоа е основно. Она што ќе го коментираме е како поминала кампањата, правната рамка на тоа. Но, одлуката како да се прашаат граѓаните за совет, ние тоа нема коментираме, бидејќи е политичка одлука на вашите власти, изјави Петерсен.
<Овој референдум е масовна операција за државните органи. ДИК ангажира близу 36.000 луѓе, коисе членови на избирачките одбори, кои ќе го спроведат процесот на изјаснување. На крај, резултатот се предава на Собранието на Република Македонија,кое понатаму мислењето на граѓаните може да го земе во предвид или не, бидејќи се работи за консултативен референдум.Во однос на критиките во јавноста за формулацијата на прашањето, набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР засега останува без коментар. Во случајот со референдумот во Турција, оваа мисија искажа свој став, но дали така ќе биде и со македонскиот референдум?

-Дали ќе коментираме или не, останува да видиме. Ова прашање ми беше поставено на првата прес конференција, бидејќи во Турција мисијата на ОБСЕ/ОДИХР излезе со коментар за тоа како беше формулирано референдумското прашање. За тоа ќе знаеме кога ќе го финализираме нашиот извештај, изјави Јан Петерсен, шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР

 

Tags: