Граѓаните на Штип бараат дигитални алатки за подобра комуникaција со Општината

Општина Штип на својата интернет страна нема алатки за дигитално комуницирање, пријавување проблем или директна комуникација со градоначалникот, членовите на општинскиот совет или секторите на општината. Граѓаните сметаат дека неопходно е унапредување на комуникацијата, со примена на современиот начин на комуникација, со цел олеснето  и поголемо учество на граѓаните во донесување на одлуките. Како пример се споменуваат неколку други општини, каде на граѓаните им е дадена можност да постават прашање, пријават проблем или граѓанска иницијатива или на располагање им е ставена мобилна апликација, како најразвиен тип на дигитално комуницирање.

Интернет страната на Општина Штип содржи општи информации, без вградени алатки за комуникација со граѓаните. Единствена опција за директен контакт со општината е формата Контакт со граѓани со некаков вид попреченост, каде се оставени податоци за локалниот административец за контакт со електронска пошта и телефонски број.

Меѓутоа, иако овој контакт се наоѓа на првата страна на официјалниот сајт на Општина Штип, тоа за Зоран Мијалков претседател на ЗГ „Сплотени срца“, кое ги застапува интересите на лицата со аутизам и нивните семејства, не е познато. Кога имаат одредено прашање или проблем, објаснува  Мијалков, одат лично во општината, или се обраќаат телефонски.

-Буквално луташ по институциите, по општината за да го најдеш она што те интересира. Веќе неколку години прекинавме да ги отвораме сајтовите, затоа што во реалноста сме со нула помножени, за жал, така што гледаме сами да си завршиме тоа што треба. Во суштина, општините не се отворени кон граѓаните, како што би требало да биде, вели Мијалков.

Граѓанското здружение, кое тој го раководи, обединува неколку десетици родители и деца со аутизам од Штип. Како позитивен пример на комуникација го истакнува активниот Твитер профил на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, на кого, како што вели Мијалков му се имаат обратено, иако не се од таа општина и во рок од 24 часа им одговорил. Ваков начин на комуникација, очекуваат и од штипската локална власт.

-Најдобро би било он-лајн комуникација, со групни пораки и што е многу битно, не чини многу пари. Може и граѓани волонтерски да вклучат во работата на општината, за веднаш да добиеме било што. Социјалните мрежи се супер опција. Апликацијата е најдобро решение, на тој начин сите здруженија и заинтересирани може да доаѓаат до сознанија, затоа што имаме официјални мејлови. Тоа многу би ја олеснило работата, смета Зоран Мијалков од ЗГ „Сплотени срца“.

Новинарите се категорија на граѓани кои секојдневно комуницираат со општината, која изготвува општински билтен со информации и најава на дневни настани. Меѓутоа, според оценката на новинарката Славица Величковска, дописничка на јавниот сервис МТВ, тоа се многу често сервисни, дневни, не многу битни информации. Нејзините очекувања  се општината на интернет страницата да понуди поквалитетни информации и анализи, кои се потребни и на редакциите и на граѓаните.

-Сметам дека оваа нова технологија дава толку многу можности за да се направи двонасочна комуникација и со нас како новинари и граѓаните воопшто. Мислам дека сегашното ниво на поставеност на сајтот не е на тоа ниво, претпоставувам дека ќе се потрудат тоа да го подобрат. Изостануваат информации за пријавување на каков било комунален проблем, изостануваат некои збирни анализи, состојби, еве, јас како новинар морам да ги барам од портпаролот или од градоначалникот за секоја една работа, вели Величковска.

Новинарката смета дека недостасуваат и информации од одржаните седници на Советот на општината, објавување на сублимирани информации за заклучоците од седниците на Советот, во форма и начин што би било разбирливо за секој граѓанин.

Засега, дигиталното на општинскиот сајт доаѓа од врската со централизираниот електронски систем за услуги, Е-одобрение на ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски, кој нуди 10 различни видови на барања, упатства и правилници во доменот градежништво и урбанизам.

Општината Штип ги има на располагање традиционалните начини на комуникација, преку телефон и електронска пошта. Милкица Димитрова од Општина Штип, најавува дека општината се подготвува за надградба на интернет страната.

-Комуникацијата со граѓаните се одвива на секој начин – преку телефон, преку официјалниот мејл на градоначалникот и Општината, како и преку веб сајтот, кој во моментов е во процедура да се надгради, односно да се дополни со дигитални алатки, кои ќе го олеснат пристапот до информации и секако, до Општината. Морам да го истакнам контактот со урбаните заедници, кој се одвива на непосреден начин, кои упатуваат барања од граѓаните. Ова одлично функционира засега, како и соработката со граѓанскиот сектор, изјави Милкица Димитрова од Општина Штип.

Димитрова кажа дека оваа комуникација се покренува особено во процесот на креирање на буџетот, а анкетите,кои често доаѓаат од граѓански организации и граѓански активисти,  даваат јасна слика каде треба да движи општината.

Сепак, ако се направи споредба со некои други општини, Општината Штип има уште многу да работи во дигитализирање на комуникацијата со граѓаните. Меѓу позитивните примери на дигитална комуникација и учеството на граѓаните во работењето на општината е мобилната апликација М-Заедница (mZaednica) вградена во сајтот на Општина Карпош. Апликацијата е за мобилен телефон, настаната како активност од проектот “Вклучена младина за м-партиципација”, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, а го реализира Центарот за социјални иновации Блинк 42-21.

Апликацијата има три основни компоненти: пријавување на проблеми, споделување на предлози и покренување на граѓански иницијативи, а нуди можност за директна комуникација со локална самоуправаповрзување со сите корисници на мобилната апликација и поврзување со социјалните медиуми.

Милан Танчевски од ЗГ Блинк 42–21, вели дека апликација мЗаедница  е во функција на подобрување на учеството на граѓаните во донесувањето на одлуки, во еден поширок концепт наречен мобилна партиципација или партиципација “To go”. Предлогот и’ бил претставен на Општината Карпош и прифатен, а во план е да се прошири во уште две општини.

-Ова е прва ваква алатка  во Македонија и овозможува комуникација меѓу граѓаните и општината. Дава можност да се фотографира одреден предмет, да се гео-лоцира точно, да се испрати до соодветен орган во општината, да се споделува до социјалните мрежи, тоа е апликација која ги надминува бариерите, изјави Танчевски.

Од поставувањето до сега, граѓаните активно ја користат, при што има неколку илјади акции. Танчевски вели дека хендикеп е што Општина Карпош споделува надлежности со Град Скопје, па често се случува дел од пријавите да биде адресирани до Град Скопје, но тоа е само предизвик апликацијата да се сподели на останатите општини.

-Алатката е апсолутно прифатлива и од другите општини. Алатката дава можност за непосреден контакт со граѓаните. Има две компоненти – едната е дигитална платформа, преку која луѓето од општината комуницираат со граѓаните, а другата е апликацијата преку мобилен телефон. Генерално апликацијата може да се примени од било која друга општина.Во однос на неопходни ресурси – се’ зависи од степенот на инволвираност на општината, која одлучува колку луѓе и одделенија се поврзуваат. Во Карпош тоа се седум одделенија, објаснува Милан Танчевски од Блинк 42-21.

Оваа апликација не е единствената што ја применуваат македонските општини. За споредба, анализиравме  интернет страни на неколку општини со поразвиен систем на дигитална комуникација. На сајтовите на Општина Велес, Општина Карпош и Општина Струмица како илустрација, има алатки и дигитални опции за комуникација со градоначалникот, Советот и општинските служби, може да се постави прашање, пријави проблем, добие информација или алармира на одреден проблем во општината. Општината Карпош ја користи и апликацијата Прашај.мк, додека останатите општини ги имаат вградено алатките: Прашај го градоначалникот, Пријави проблем, Систем 48, Е-услуги.

Освен специфичните алатки, кои се однесуваат на општините за нивна подобра комуникација со граѓаните, некои од општинските сајтови имаат линкови, кои водат до платформи и системи кои се однесуваат на општините за подобра информираност или транспарентност.