Вечерва Медиа плус со „Денови на маргинализирани уметности“ во Струмица

Објавено на: 10/17/18 10:27 AM

Вечерва Медиа плус со „Денови на маргинализирани уметности“ во Струмица

 

Сатирата, афоризмите и портрет карикатурите ќе доминараат на  настанот во Струмица,  во рамките на манифестацијата „Денови на маргинализирани уметности“ во организација на здружението „Медиа плус“ од Штип. Мотото е: „Моливот  не е оружје, туку начин на размислување“, на кој ќе се претстават делата на сатиричарот Јане Атанасов од Кочани, афористичарот Ацо Ѓоргиев од Струмица и на карикатуристот Методи Андонов од Штип.

Пред присутните, уметниците ќе зборуват за нивната уметност, но и за тоа дали навистина современото време на социјални медиуми ги стави овие уметности на маргините. Дали Твитер и Фејсбук се достојна замена на печатените изданија или отворено поле за нови уметници?

Ова се дел од темите што ги отвораме  во рамки на манифестацијата  „Денови на маргинализирани уметности“, што ќе се одржи  вечерва , среда, 17-ти октомври во 19 часот во Домот на култура „Антон Панов“ во Струмица.

На овој настан ќе биде отворена и изложбата на портрет карикатури на Методи Андонов. За време на настанот, Андонов ќе изработи портрет карикатура на  еден познат граѓанин на Струмица, кому делото на крајот од настанот ќе му биде подаренo.

Публиката е добредојдена со свои размислувања и ставови.

 

За настанот: „Денови на маргинализирани уметности“ е дел од проектот на Министерството за култура на РМ, „Нов културен бран“ во организација на ЗГ „Медиа плус“ од Штип.

За организаторот: Здружението на граѓани МЕДИА ПЛУС од Штип е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, како и заради вршење на дејности и активности за поттикнување на моралните вредности, зајакнување на меѓуетничките односи и економкси развој во на територијата на Македонија и пошироко.