Пробиштипската леарница „Краунфилд Фаундри“ работи без еколошка дозвола
Леарницата „Краунфилд Фаундри“ во Пробиштип веќе пет месеци пробно произведува, без законската А интегрираната дозвола. Леарницата која произведува капаци за шахти и други машински елементи е новиот и трет по ред стопански субјект од тешката индустрија во градот Пробиштип. Единствен град е на Истокот, кој се наоѓа на еколошката карта со жешка точка, поради загадувањето и несанираното старо хидројаловиште, коешто се наоаѓа на самиот влез во градот Пробиштип, од десната страна на патот кој води до Штип и Кочани.
Пишува: Викторија Димитрова – Јованова
Пробиштип е и град, каде што на едно место се сконцентрирани најголем број на капацитети од тешката индустрија. Во најстариот рударски град на истокот од Г 1 индустријата со години работат рудникот за олово и цинк „Булмак“, кој на јавноста и е познат како рудникот Злетово и словенската фабрика за акумулатори „Таб Мак“. Леарницата, која е странски капитал беше најавена во 2014, а се отвори на 11 декември 2019 година е сместена во новата индустриска зона „Неокази“.
Според истражувањето на еколошкиот активист Светлана Станоеска изминатите неколку децении во градот на тешката индустрија морталитетот е зголемен, а наталитетот драстично се намалува.
– Имаме цифри кои се навистина запрепастувачки и треба навистина да седнеме сите. Градот едноставно умира. Можам да ви кажам дека за првите шест месеци од 2019 имаше починато 72 луѓе, за разлика од 2017. Тоа е дури двапати повеќе. Сега за целата 2019 година имаме над сто погреби. Имаме дупло повеќе, значи морталитетот е навистина зголемен, вели Станоеска .
Новата леарница ги подели пробиштипјани
Приказната со странската леарница почна во 2014 година, кога двајца колеги магистранти на универизетот Кранфилд во Велика Британија ја формираат фирмата регистрирана во рајот за оф шор компании, Девствените острови. Од тогаш до денес се променија две политички гарнитури во земјава и како никогаш досега ги подели пробиштипјани на два табори. Едниот ја поздравува во интерес на отварањето на нови работни места, а вториот е еколошкиот. Сметаат дека на градот му се доволни капацитети од индустријата Г1 или позната како тешка индустрија, која сепак влијае врз животната средина, вклучувајќи го овде здравјето на луѓето, но има и влијанание и врз животинскиот и растителен свет.
-Страв ни е ,но немаме вработување и ќе треба да се вработат луѓето. Па сега боже господи во Велес не умреа никој од тоа и ние мислам дека нема да умреме, вели пробиштипјанец.Леарницата „Краунфилд Фаундри“ на 11 декември 2019 година свечено беше отворена во присуство на тогашниот државен врв, но и на двајца поранешни македонски премиери, Зоран Заев и Емил Димитриев. Раководството на леарницата тогаш најави дека почнуваат со пробно производство на капаци за шахти и разни машински елементи. Во погонот и машините се вложени околу 17 милиони евра. Главниот извршен менаџер на Краунфилд Фаундри, Дариус Ѕиуба забележа дека во портфолиото на производи влегуваат производство на капаци за шахти, фазонски делови, воздушни вентили и хидранти, елементи за железници и гасоводи, делови за земјоделски и градежни машини, а во блиска иднина ќе произведува и делови за автомобилската индустрија.
-Оваа церемонија е значаен момент за нашиот бизнис и ние исто така веруваме дека ова е важен чекор за развојот на просперитетот на заедницата на Пробиштип. Денешниот настан е прослава на заедничките напори, кои резултираат во една од најмодерните и најеколошки леарници не само во оваа земја, туку и во Европа,рече Ѕиуба на денот на свеченото отварање на леарницата.
Фабрика за козметика од марихуана ги „мати“ плановите за ширење на „Краунфилд Фаундри“
Пред пет години меѓу екологистите и оние кои се сомневаа дека оваа инвестиција ќе биде новиот загадувач на Пробиштип беше еколошкиот активист, сега советник од партијата ДОМ во Советот на Општина Пробиштип, Светлана Станоеска и актуелниот градоначалник Драган Анастасов.
Отворено се спротиставија на отварање на уште еден стопански субјект од тешката индустрија.Сметаа дека зад терминот леарница се крие топилница, како онаа што порано работеше во Велес,а велешани и ден денеска трпат последици по здравјето, почнувајќи од најмалите и тоа уште во мајчината утроба, па се до повозрасните жители. Тогаш изјавуваа, кога некој метал се леи,прво треба и да се стопи. Стравуваа и за животната средина, но и за здравјето на луѓето кои би
работеле во неа. Светлана Станоеска како еколошки активист уште од самиот почеток ја следи ова инвестиција, а со стартот на произвоство смета дека граѓаните немаат релевантни податоци од двете мерни станици, бидејќи не покажуваат какви штетни материи испушта не само леарницата, туку и останатите капацитети од тешката индустрија.
-Како на пример СО 2, НО 2, ЦО 2, тешки метали итн. Значи ова се ПМ чистички, кои се поголеми и можат да се видат со голо око. Следејќи ги мерните инструменти, од кој еден е поставен во населбата Калништа или во индустриската зона во месеците декември и јануари, имаше денови кои покажуваше дури до три или четирипати загадување над нормалното, над 50 милиграми.Имаше и период од некаде 18 до 24 часот, време кога граѓаните активно се шетат и движат. Тоа мора да знаеме дека во тие часови активно вдишување на воздух е токсичен за целата популација, вели Станоеска.
Анастасов, кој ја затекна ова инвестиција во изградба, сега смета дека со продажбата на парцелата на друг странски инвеститор, која е веднаш до леарницата, ќе нема можност за проширување на овој капицитет, односно активирање на втора и трета фаза, која според екологистите и експертите ќе значи и можно загадување на животната средина. Одлуката да се продаде земјиштето, на кое требаше да се прошири овој капацитет е продадено и со оправдување дека бавно одела инвестицијата и изградбата на леарницата.
-Пред пет години тврдевме дека ќе има загадување во Општина Пробиштип. Сега е дозволено да работи, односно почна со пробно производство, со оној пробен период на „Краунфилд Фаундри“, односно прва фаза. Општина Пробиштип минатата година презеде еден чекор го продаде остатокот од земјиштето за инвестиција, којашто не е во оваа категорија тешки и загадувачки индустрии, односно станува збор за производствен капацитет без никакво загадување и на тој начин можеби ќе покаже времето да се спречи проширување на „Краунфилд Фаундри“, односновтора и трета фаза, вели Анастасов.
Првиот сосед на леарницата во 2021 година се очекува да вработи околу 250 пробиштипјани, а ќе работат на производство на козметички производи од марихуана. Но, раководството на леарницата „Карунфилд Фаундри“ во новиот сосед и продажбата на парцелата која беше првично планирана за изградба на објекти за втора и трета фаза не гледа опструкција од страна на власта.
– Има доволно земјиште во подрачјето на Пробиштип за да овозможи на компанијата Кранфилд Фаундри да расте. Колку што сме запознаени, предметното земјиште беше продадено по официјална постапка за продажба на земјиште од страна на Владата. Не учествувавме на аукцијата, бидејќи во таа фаза немавме потребата од тоа земјиште. Нашите планови постојано се прилагодуваат на променливото деловно опкружување и нашето сегашно земјиште ни овозможува значителен раст на бизнисот во Македонија во блиска иднина, велат од компанијата Краунфилд Фаундри
Битката за добивање на А интегрирана еколошка дозвола
„Кранфилд Фаундри“ е компанија за производство и обработка на одлеаноци од сиво и нодуларно железо која употребува исклучително само електрична енергија. Во овој процесот на работа, строго им е забрането употреба на суровини кои содржат штетни материи, за да може да се испорача производ кој ги задоволува сите стандарди за квалитет, безбедност и заштита на животната средина. Леарницата засега има тест период, или пробно производство на првата
фаза, но за да и официјално почне со производството, преминување на втора и трета фаза мора да ја има А интегрираната дозвола, која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Барањето на стотина страни е доставено. Министерството побарало мислење и од Општина Пробиштип на 6 септември 2019, а општинскиот инспектор за животна средина во Општина Пробиштип мислењето и забелешките им ги доставил на 9 октомври 2019 година.
Општинскиот инспектор за животна средина реди низа на забелешки и недоречености. Смета дека барањаето за добивање на А интегрирана еколошка дозвола е изработено без детален и суштински пристап во делот на техничко-технолошкиот процес на производство на леење, туку какошто вели многу е општо, има некои тврдења, а нема воопшто најава за такво нешто, некои процеси и активности се оставени за во иднина, без да се предивиди со претпоставки, намерно или случајно се изоставени одредени параметри, но какошто вели има неточни тврдења.
-Во барањето се тврди дека во границата на Инсталацијата нема да се врши депонирање наотпад(стр11), иако покасно се предвидува привремено складирање во соодветни простории, кои ќе бидат оградени и покриени, од кои не се очекува голема емисија во атмосферата, прашање дали се работи во херметички затворен простор(стр13). Се тврди дека во почвата постои можност да има повисоки концентрации на тешки метали од други извори, без да се даде точен податок, кој постои од претходни испитувања, без да се наведе можноста за зголемување за дополнително оптоварување на почвата од сопственото работење. Прашање дали се манипулира или свесно се крие реалната состојба, за подоцнежно оправдување(стр19), се вели во извештајот на Општинскиот инспектор за животна средина во Општина Пробиштип.
Посочува дека во барањето на Краунфилд Фаундри во делот на описот на инсталацијата директно почнува со подготовка на течен метал, без претходно да се опишат процесите на подготовка на влезните суровини, какошто се отпадно железо и отпаден челик.
-Процесот на ладење на одливците воопшто не е опишан, туку само споменато, а како процес треба да се знае време, количество на топлина или температура на почеток и крајот на ладење, посебно одливците со која температура ќе бидат ослободени од калапите, се вели во забелешките на Општинскиот инспектор за животна средина на Општина Пробиштип.
Дава забелешки и во делот на троската од топење на отпадното железо и челик, потоа за правот од филтрите, како и за емисијата на цврсти честички во атмосферата, без да какошто наведува да се искажи исталожувањето на излената прашина од инсталацијата врз почвата, бидејќи во околината таа претежно е земјоделско обработливо земјиште.
-Според наведените податоци емисиите на цврсти честички се 7,5 милиграми на метар кубен или на годишно ниво над 20 тони. Дали тоа нема да биде дополнително оптоварување на почвата, бидејќи тврдите дека можно е почвата во околината на инсталацијата да е контаминирана со тешки метали, прашува општинскиот инспектор за животна средина.
Се бара одговор и дали при процесот на производство при ладењето на водата нема да предизвика климатски промени во околината . Во одговорот, инспекторот смета дека во барањето за А интегрираната еколошка дозвола воопшто не свртено вниманието на влезни суровини, на тоа со кој квалитет и чистина ќе влегуваат леарницата.
Градоначалникот Анастасов очекува од раководството на „Краунфилд Фаундри“ забелешките да бидат сфатени сериозно. Јавната расправа ќе се одржи кога ќе се олабават мерките против ширењето на коронавирусот.
-Во делот на еколошките стандради, коешто го имаме заедно со Министерството за животна средина добивме уверување дека системот, којшто е поставен е по сите стандарди, да „Кранфилд Фаундри“ не биде загадувач, но ќе бидеме уверени во тоа кога ќе почне производството, кога ќе почне мерењето во делот на животната средина и тогаш ќе бидеме сто посто уврени дека „Краунфилд Фаундри“ не е загадувач. Зборувам во оној тест период, веќе неколку месеци работи на пробно производство, односно првите производи ги вадат. Но, со оглед на овие два месеци околу пандемијата имаат дополнителни проблеми. Но, како и да е до шест или седми месец 2020 година ќе бидеме на чисто, што со „Краунфилд Фаундри“ и во делот со животната средина, па и во делот на она што значи производство, вели Анастасов.
Мерењата покажуваат дека во овој тест период леарницата не го загадува воздухот, а какошто вели Анастасов до овој момент немаат и реакции од месното население од селото Неокази, кое е на само неколку километри од фабриката.
-Се очекува кога ќе започне она производство, првата фаза во полна пареа да имаме една јасна слика и тогаш да презмеме конкретен чекор со „Краунфилд Фаундри“, вели Анастасов.
-Краунфилд Фаундри ги исполнува своите обврски и сите барања што се наведени во Студијата за проценка на влијанието врз животната средина. Згора на тоа, уште во 2017 година компанијата ја спроведе својата политика за заштита на здравјето и безбедност при работа која ги насочува сите наши вработени да го намалат производството на отпад и загадувањето. Во погонот се извршени мерења од акредитирана лабораторија и испуштањата во атмосферата се за околу 50% помали од пропишаните гранични вредности. Во леарница нема индустриски отпадни води што е резултат на технологијата и процесите која се употребуваат во модерни и современи леарници како што е нашата, вели раководството на Краунфилд Фаундри
Но, до екологистите и локалната власт пристигнуваат информации од работници, кои откако биле вработени по неколку месеци си дале отказ, бидејќи какошто им тврделе во самиот погон при производството се создавало магла. Дали овие информации држат или пак се на ниво на шпекулации, од раководството на „Краунфилд Фаундри“ го добивме овој одговор.
-Постојат многу гласини за многу работи во секој град и Пробиштип не е исклучок. Сепак, би сакале да истакнеме дека благосостојбата, позитивната атмосфера и добрите услови за работа на нашите вработени се наш приоритет. Имаме лојален и високо квалификуван тим, стапката на заминувања на вработените е многу малa, луѓето добиваат можности за учење и раст на кариерата, тие нè препорачуваат како добар работодавец на нивните пријатели и роднини и тоа ни значи многу на нас. Растеме како компанија и постојано се подобруваме со цел да ја одржиме мотивираноста на нашиот тим на високо ниво. За возврат, имаме тим кој навистина се грижи за компанијата како да е нивна, посочуваат од Краунфилд Фаундри. Локалната власт е со став дека на градот, кој уште во времето на бивша Југославија беше ставен на црна листа, како еден од најзагадените градови приоритет е здравјето на луѓето и заштитата на животната средина, додека пак екологистите стојат на ставот.
„Се’ уште загадувачите управуваат со државата, а државата не управува со загадувачите“, велат екологистите.
Сторијата е дел од проектот ,,И локалната инфомираност е тест за ЕУ“, финансиран од Фондацијата Отворено општество-Македонија„
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот ЗГ „Медиа плус“ од Штип и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.