Проект „Подарок под рака“-Кој и што се крие зад донациите и спонзорствата во општините

Во рамките на проектот "Подарок под рака" што го спроведе Граѓанското Здружение "Медиа Плус", беа анализирани донациите и спонзорствата во општините. Предмет на анализа беа град Скопје, Општина Аеродром, Општина Чаир, Општина Крушево, Општина Ново Село, Општина Прилеп, Општина Ресен, Општина Струмица, Општина Тетово, Општина Велес, Општина Охрид и општина Гостивар.
Тимот којшто го работеше проектот ги сумира податоците кои што во изминатиот период ги собираше преку алатките предвидени во рамките на проектот и изработи дата база со податоци, за сите овие 12 локални самоупорави.
Податоците се собирани главно од она што е објавувано во службените гласници на општините, преку слободен пристап на информации од Министерството за правда како и информациите објавувани преку медиумите во периодот што беше предмет на нашето истражување.
Ги користевме споменатите алатки, се’ со цел да се утврди колку општините се транспарентни во поглед на донациите и спонзорствата и на кој начин граѓаните се информирани за нив.
Акцентот во истражувањето беше ставен на донациите и спонзорствата што општините ги добивале во 2019 година, но и наназад 2018, 2017 и 2016 година, со цел да се направи споредба главно да се види дали има забележителни измени.
Првичната анализа покажа дека и нема многу објави за донации. Повеќето донации кои се објавени, се од амбасадите (Германска, САД, Јапонска итн ) или здруженија, хуманитарни организации и агенции за соработка кои главно доаѓаат од Германија, Јапонија ,Турција , Швајцарија, Данска, Полска . Вообичаено донираат противпожарни возила, компјутерска опрема и помагала за училишта и институции, болнички кревети , апарати и останата медицинска опрема за болниците, возила за собирање смет и сл. Има донации и од лица, нашинци во странство кои донираат во општините од каде потекнуваат.
Исто така, иако малку на број, донации кои доаѓаат од поголемите домашни компании како на пр. Пивара Скопје, која донира летниковци и игралишта во повеќе општини, МЕПСО и ЕЛЕМ донираат прочистувачи на воздух за градинки и училишта, садници за уредување на паркови и донација за Тетовско културно лето. Македонски Телеком исто се јавува како донатор на Тетовско културно лето како и на медицински апарати за болница Козле, Витаминка се јавува како донатор на две противпожарни возила во Општина Прилеп. Жито Лукс има донации во медицинска опрема за болницата во Тетово, Дрекселмајер има донирано две возила во Велес, едно санитетско за болницата и едно за лица со попреченост. Шпаркасе банка пак донира медицинска опрема за болницата Св Еразмо во Охрид и игралишта во повеќе општини. Пакомак речиси во секоја од споменатите општини се јавува како донатор на контејнери главно за селектиран отпад и сл.
Анализиравме и кои се компаниите кои добиваат најголеми тендери за јавни набавки. Вообичаено тоа се градежни компании.
Во анализата за објавени донации во службените гласници по општините може да се заклучи дека многу ретко се објавуваат донациите во нив, или се објавува само една сума за очекувани и реализирани донации, без да се споменува кој донирал и што донирал.
Беа испратени и барања за пристап до информации до Министерство за правда.
Баравме решенија за донации за 11 општини. Добивме одговор за 10 општини, Гостивар, Охрид, Велес, Струмица, Крушево ,Град Скопје, Тетово, Прилеп, Аеродром и Чаир.
Од податоците што ги добивме за сите 12 општини, издвоивме три општини и за истите направивме стории-анализи, како и на кој начин овие општини се справувале со донациите и спонзорствата. Ги таргетиравме општините Тетово, Велес и Струмица затоа што во сите овие општини имаме различни ситуации и различен начин на користење на добиените донации и спонзорирањата на манифестациите кои што се во надлежност на општините. Направената дата база со податоци што произлезе од истражувањето е во функција на сите идни истражувања. Проектот е поддржан од Европската унија, како регрантирање на проектот "Заедно во борба против корупција" на организациите Скуп, Институт за човекови права и Медиум.

Медиа Плус - Подарок под Рака суб-грант на проектот Заедно во борба против корупција

Апликацијата е изработена во рамките на проектот "Подарок под рака", во имплементација на здружението на граѓани Медиа Плус, суб-грант на проектот "Заедно во борба против корупција" – финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците "МЕДИУМ" од Гостивар.

Дисклајмер

Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на Граѓанското Здружение Медиа Плус – и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.

counter free