Со едукативни пораки од Медиа плус до поголема медиумска писменост

Невладини организации од Скопје, Куманово, Велес, Битола и Штип ќе развиваат критичко мислење кај граѓаните, придонесувајќи за поголема медиумска писменост. Прашањето за разбирањето на медиумските содржини тие ќе го актуелизираат преку проекти поддржани од Фондацијата Метаморфозис под мотото ,,Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк”.

Организациите денеска ги претставија новите проекти во духот на отвореност и соработка, а еден од нив е и ,,Медиумски писмен граѓанин, за чест без стрес најди ја вистинската вест”. Ваквиот проект во следните шест месеци ќе го реализира Здружението Медиа плус, кое преку едукативни пораки ќе им помогне на граѓаните подобро да ги разберат медиумските содржини.

Пораките ќе ги емитува националното радио Канал 77, а за читателите на ММС ќе бидат достапни несекојдневни мултимедијални содржини. Лажните вести и говорот на омраза ќе бидат само дел од темите преку чија обработка Медиа плус и Канал 77 ќе ја едуцираат медиумската едукација во рамките на проектот кој ќе заврши следната година, а кој ќе овозможи и подароци за дел од публиката.