Младите да не останат на маргините на одлучувањето

Да се извлече поука од Брегзит, кога младите апстинираа од изјаснување, а наместо нив одлуката  Велика Британија да ја наушти ЕУ ја донесоа постарите, работниците и сиромашните. Тоа се пораките од меѓународната заедница до младите од Македонија. Дали овој референдум ќе го негира  тврдењето кое владее со години наназад, дека младите се пасивни кога е во прашањето гласачкиот процес и оставаат некој друг наместо нив да реши за општествените текови?

Младите не вeруваат дека можат да влијаат врз општествените текови, поради што се’ помалку се заинтересирани за излезат на гласање, се честите оценки на релевантни истражувања во Македонија. Овие резултати, истражувачите ги базираат на искажувања на младите, кои изјавуваат дека немаат простор да ги искажат своите потенцијали, со кои би влијаеле врз одлуките на локалната и централната власт. Меѓутоа, во случајот со претстојниот референдум на 30-ти септември, има извесно поместување во ставовите на младите, вели Блажен Малески, претседател на Националниот младински совет на Македонија . Оваа опсервација Малески ја базира на повеќе средби што изминатиот период ја имале со младите низ Македонија, на кои, како што вели, им е јасно дека разбираат дека изјаснувањето на референдумот е единствена историска шанса.

-Младите се денешницата и кога има можности за креирање на сегашноста и иднината, важно е да ја искористат таа шанса, бидејќи тие ќе живеат во таа иднина. Како млади сега ја имаме можноста да одлучиме за тоа што следи за нашата држава и не сум сигурен дека ќе ја имаме повторно, како генерација што се родила во самостојна Република Македонија. Важно е младите да знаат дека вакви шанси не доаѓаат често и дека референдумот е историска шанса да ја дадеме насоката во која сакаме да се движи државата, смета Малески.

Една третина од населението во Македонија е младо до 29 години, што е значен процент од гласачкото тело. Малески изнесува впечаток дека на младите им е јасно дека на изборите се гласа за политичка партија или одреден кандидат, додека на референдумот е изјаснување по поставено прашање. Според него,  младите не се аморфна група, туку внатре има многу единки со свои мислења. Но, клучно е дека треба да се убедат дека нивна должност е на референдумот да го кажат својот став.

-Според анкетите, изгледа дека младите се убедни дека треба да излезат и да гласаат без оглед, кој е нивниот став. Убеден сум дека младите ќе ја земаат оваа шанса да ја дадат насоката, знаејќи ги сите можни опции за иднината. Референдумот сам по себе отвора прашање – што понатаму? Дали брзо ќе влеземе во ЕУ? Веројатно тоа нема бргу да се случи, но треба на сите да ни биде јасно дека  вакви историски шанси е многу важно да се искористат, изјави Малески.

Младите квота како и жените
Младите во креирањето на листите на политичките партии во текот на избори влегуваат по клуч, исто како и во извршните тела на партиите.  На листите задолжително влегуваат претседателите на патиската организација на млади и се наоѓаат меѓу првите пет кандидати од гласачкото ливче. Меѓутоа, ако навистина се мотор на едно општество, младите очекуваат да го заземат вистинското место и во овие процеси. Џабир Дерала од граѓанската организација „Цивил“ вината ја префрла кај повозрасните, кои, смета дека недоволно ги мотивираат младите да се ангажираат.

-Ние сме одговорни што создадовме општество во кое младите не само што се недоволно мотивирани да излезат да гласаат и учествуваат во донесувањето на одлуките, туку во голем дел сакаат само да си отидат од оваа земја. Не се виновни младите што си заминуваат, туку ние сме виновни што им создадовме таква земја, таков дом, од кои тие сакаат да си заминат. Мора да создадеме услови во кои младите ќе сакаат да останат. Меѓутоа, ако сакаат да останат ќе треба да им го дадеме сиот можен максимален простор тие да ја креираат својата сегашност и својата иднина, вели Дерала.

Токму поради тоа,бидејќи се работи за референдум, одлучувачки за иднината, смета Дерала, младите треба во голем број да излезат и да се изјаснат.

-Младите би требало да бидат првите кои ќе одлучат за тоа што мислат дека е најдобро за нив за нивната земја, вели Дерала.

Младите добри набљудувачи, но дали се и гласачи?
Набљудувачките мисии на граѓанската организација Мост, во блиското минато често имале млади во својот состав. Извршниот директор на Мост, Дарко Алексов младите ги оценува како вредни членови на набљудувачките тимови, во мисии во кои дополнително учат, но очекува на овој референдум да бидат активни избирачи.

-Младите, несомнено, имаат многу голем влог во овој процес и самиот референдум ги опфаќа нив како примарна целна група. Така што, нивниот став на денот на референдумот, доколку биде искажан во кутијата ќе претставува огромен позитивен тренд за иднината на Република Македонија. Најважно е добро да се информираат и да гласаат за или против референдумското прашање, изјави Алексов.

Првиот човек на Мост надежите за поголема мобилизација и активност на младите во следните изборни циклуси ги гледа во забрзаната евроатланска интеграција на Македонија. Со тоа, смета Алексов, младите добиваат поголеми можности за учење од други региони, со што добиваме поквалитетни млади луѓе, кои ќе учествуваат во општествените текови.

Некои млади за прв пат ќе гласаат на 30 септември
За младите, кои до денот на изјаснување на рефрендумот наполниле 18 години, законски го добиваат своето право да излезат на гласачките места и да кажат за или против референдумското прашање. Иако единствениот Избирачки список е затворен на седми септември, Министерството за внатрешни работи до Државната изборна комисија доставува список на лица кои и на самиот ден се стекнале со право на глас, објаснува генералниот секретар на ДИК, Добре Јанчев .

-Во Избирачкиот список за соодветното гласање се наоѓаат сите граѓани на Република Македонија, кои навршиле 18 години или ќе навршат 18 години и на самиот ден на гласање. За да го остварат своето гласачко право, мора да поседува важечка лична карта, објаснува Јанчев.

Дополнително МВР вообичаено со своите канцеларии и на денот на гласање односно изјасување остава можност да се извади лична карта. Тоа значи дека институциите им овозможува и на таа група на млади луѓе кои со полнолетството се здобиле со гласачко право, тоа и да го остварат. На младите, кои се најповиканата група на овој референдум да одлучат како понатаму ќе се движи државата со излегувањето на избирачките места и изјаснувањето за или против референдумското прашање.

[box]- Во голем број европски земји, особено кај младите, видовме дека не се подготвени да гласаат, да ја искористат таа можност. Имаме многу такви искуства. Секој глас е важен. Искористете ја таа можност, односно вашето право, изјаснете се, земете одлука. Но, пред се’, искористете ја можноста, им порача на младите комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Хан[/box]