Референдумот консултативен со морална обврска за власта

Граѓаните на Македонија на 30 –ти септември ќе имат ретка можност на референдум, како облика на граѓанско изнаснување уредено со Уставот, да донесат одлука од интерес за целата држава. Во овие 27 години како самостојна и демократска држава, власта  ретко им дала можност да граѓаните преку референдумот како највисок облика на изјаснување, да го кажат својот став. Со ова изјаснување, според оценката на познавачите на областа, ова е прв пат граѓаните да носат ваква стратешка одлука, која ја дефинира идината на државата.

Со референдумот на 30 септември Македонија се вбројува во редот на уредените европски земји, на кои стабилноста и иднината им е гарантирана. Ова го оценува првиот претседател на Собранието на независна Македонија, Стојан Андов, кој во септември 1991 година, работеше на организирање на првиот национален референдум.  Сега, на овој референдум ,кој го оценува како одлучувачки за идината на Македонија, Андов ќе биде обичен граѓанин, кој како и сите други ќе гласа за или против референдумското прашање. Андов вели дека овој референдум ќе ги отвори вратите за Македонија, за која тие кои го спроведуваа граѓанското изјаснување во 1991 година, сонувале.

-Ние не мислевме и не посакувавме Македонија да биде изолирана држава и не мислевме дека независноста ќе биде завршена со тоа што со сите соседи ќе биде на растојание, на отуѓеност, на несредени односи. Колку и да е голема земјата, гледа прво да си ги среди односите со соседите.Овој референдум треба да ги отвори вратите да си ги средиме односите со соседите и од соседи со проблеми да добиеме пријатели и сојузници. Според тоа, овој референдум органски се надоврзува на тој од 1991 година, бидејќи ако не беше тој референдум и ако земјата не станеше независна држава, ние немаше да можеме да одржуваме ваков референдум денес. Бидејќи тој референдум тогаш бара  да одржиме ваков референум и референдумот да биде успешен, смета Андов.

Трет државен референдум

Македонија нема богата историја на референдумско изјаснување на граѓаните, како на пример Швајцарија.  До сега се одржани само два референдуми на државно ниво. Првиот во 1991 година, преку изјаснувањето на граѓаните, кои во висок процент од 96,94% одговориле дека се за отцепување од тогашната федерација и создавање на самостојна и суверена држава. Правниците го оценуваат како пребисцитарен и свечен, во функција на создавање на самостојна држава. Вториот од 2004 година е распишан по собрани над 180.000 потписи, на кој граѓаните се изјаснуваа за територијалната организација и беше неуспешен поради неисполнет цензус. Тогаш, на тој референдум  се изјаснија 454.347 граѓани  или 26,58% од запишаните гласачи.

Овој што ни претстои, на 30-ти септември е консултативен референдум, што според комуникологот Петар Арсовски се организира во услови на политички поделено општество, е суштински од неколку аспекти.

-Ова е прв консулативен референдум во кој граѓаните можат да изберат помеѓу правец А и правец Б. И во таа смисла тој по својата форма се разлкува, а по суштината се разликува по тоа што е многу важен за Македонија со тоа што вака стратешка одлука прв пат се носи со одлука на граѓаните. И во таа смисла е демократска придобивка, сакал некој тоа така да го нарече или не. Мислам дека неговиот краен резултат ќе биде акламација за евроатланската опредлебата на граѓаните на Македонија, вели Арсовски.

Консултативен референдум со одлука со морално дејство

Распишувањето на овој референдум го следеа реакции поради карактерот на одлуката од референдумот. Собранието на Република Македонија, тело кое го организира, одлучи да биде консултативен или советодавен. Законот за референдум ја предвидуваа оваа форма кога е во прашање ратификацијата на меѓународни договори или пред донесување на одреден закон. Професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ, вели дека одлуката од овој тип на референдум, иако не е задолжителна, има морално дејство или морална тежина за власта.

-Ако мнозинство граѓани застанат зад одлуката или дадат мислење дека одредено прашање треба да се регулира со одредена одлука или закон, Собранието мора за почувствува морална одговорност, бидејќи власта извира од граѓаните. Но, нашиот Устав тие прашања не ги разледува и смета дека одлуката од консултативниот референдум не е обврзувачка. Но, поаѓајќи од поширока гледна точка, тргнувајќи од тоа дека тие се најбитни, нивната одлука донесена на референдум има голема морална тежина. Власта што би се оглушила од консултативното својство на референдумот, од неговата советодавна улога, не би била вистинска власт или народна власт, е ставот на професорот Шкариќ.

Како пример на консултативен референдум го наведува референдумот од Норвешка, каде граѓаните биле прашани дали да влезат во сојуз со Европската унија. Мнозинството на граѓаните се изјасниле против. Власта постапила по народната воља.

(Закон за референдум на РМ (2005))

Одлуката на граѓаните отвора нови процеси

На претстојниот референдум,  референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ По ова прашање ќе се изјаснуваат 1.806.336 граѓани, запишани во Избирачкиот список со право на глас. За да се постигне цензус треба да излезат 903.169 граѓани, без оглед на тоа како ќе се изјаснат. Повиците деновиве од домашната и меѓународната јавност е да се излезе и граѓаните да си го кажат својот став бидејќи се работи за суштинско прашање што ја одредува иднината на државата. Засилени се и ставовите да не се излезе на денот на изјаснувањето. Како аргумент се наведува двосмисленоста на референдумското прашање.

Завршувањето на референдумот води кон нови процеси во државата. Успешниот референдум го отвора патот кон уставните промени, што според нашите соговорници е една од најболните точки во целиот процес. Неуспешниот референдум ќе ги стопира сите натамошни процеси.

-Тоа значи дека големо е значењето на овој референдум, без него нема уставни промени, а без уставни промени нема ни договор со Грција. Се’ ќе застане,односно сето тоа ќе се депонира во архивата на Собранието. Оттука е значајно имаме или немаме договор со Грција. Ако немаме договор, тогаш немаме пристап, не може да се разговара за ЕУ и НАТО, вели Шкариќ.

(Закон за референдум (2005))

Првиот претседател на Собранието на РМ, Стојан Андов вели дека македонскиот народ е мудар народ и знае да препознае клучни моменти. Андов се потсетува дека сличен процес на противење на организирањето на референдумот имало и со првото референдумско изјаснување за независност на Македонија.

-За иднината на Македонија, нема алтернатива. Или комплетна изолација и отуѓеност од сегашните сојузници, значи ако не успее референдумот, никој веќе нема да ја интересира  судбината на Македонија. Тоа граѓаните го знаат се’ повеќе од ден на ден и покрај сите забуни што им се сервираат од некои средини за да ги обесхрабрат. Имаше такви обиди и во 1991 година, кога имаше такви настапи кои бараа референдумот да се откаже, да нема референдум. Не гледам дека народот не е свесен дека само единствен народ има добра судбина. Во клучните моменти ако не е способен да одлучи, тогаш сам си пресудува и се изолира, изјави Стојан Андов.

По завршувањето на референдумот, според Законот за референдум, Државната изборна комисија која го спроведува референдумот, ги предава резултатите на Собранието на РМ. Во случајот со овој рефендум, успешноста води кон нови политички процеси во законодавниот дом, преку иницирање на уставни промени. Или во речникот на правниците, граѓанската воља на референдумот ќе им даде или одврзани или заврзани раце на политичарите.