Штипјани бараат квалитетна вода за пиење и замена на старите цевки

Подземните води во коритото на реката Брегалница и натаму остануваат единствениот извор на вода за пиење на штипјани. Експерите тврдат дека граѓаните добиваат вода со висок квалитет, но по современ третман на речната вода во филтер станицата. На планинската вода од хидросистемот „Злетовица“ , Штип ќе почека, иако со смената на локалната власт преговорите со хидросистемот се интензивираа со најава дека следната година Штип ќе пие вода од „Злетовица“.

Постарите штипјани се’ уште ја паметат хидричната епидемија од осумдесетите години на минатиот век, од која заболеа неколку илјади граѓани. Фактите не се заборавени и тоа е една од причините што квалитетната вода за пиење отсекогаш била на самиот врв на приоритетите на граѓаните на Штип. Научната јавност е едногласна дека резултатите што постојано се добиваат покажуваат висок квалитет на вода за пиење што излегува од филтер станицата. Меѓутоа, граѓаните го поставуваат прашањето колку може да бидат квалитетни поземните води на реката Брегалница, која го поминува целиот источен регион каде работат рудници и има интензивно земјоделско производство со значајна употреба на пестициди, особено во времето на третман на оризовите насади во кочанско? Директорот на јавното претпријатие „Исар“, Живко Тасев уверува дека водата е квалитетна, под постојан мониторинг на надлежните инситуции.

-Имаме квалитетна вода, која оди на редовна проверка во Скопје и Штип и досега имаме добри резултати за квалитетот. Водоснабдувањето е во одлилна форма, бидејќи резервоарот од 1740 м3 и со издашноста на пумпите го дозволуваат тоа, изјави Тасев.

Штип ќе ожедне ако ја нема Брегалница

Водата од бунарскиот систем неколку децении е единствената алтернатива за водоснабдување на Штип, но според градоначалникот Благој Бочварски, веќе следната година градот многу веројатно да биде приклучен на хидросистемот „Злетовица“. Системот, на кој одамна требаше да биде приклучен и Штип, нуди планинска вода, меѓутоа, проблемот е заматеноста на водата, што повремено се јавува во дождливите денови. Потребна е дополнителна инвестиција во таложници, со цел да се реши заматеноста на водата. Но, и за ова, според градоначалникот Бочварски, требаат пари.

-Направените пробни тестирања во претходниот период покажале дека при поголемо повлекување на вода, доаѓа премногу матна вода. Штип како најголем корисник има потреба од 180-200 литри вода во секунда, а во летните периоди дури и до 250 литри во секунда и во тие истражувања се покажало дека кога се пволекува над 50 литри во секунда доаѓа матна вода и затоа е одлучено да продолжиме со бунарскиот систем. Ова ни создава дополнителни трошоци за струја, што има најголем удел во користењето на бунарската вода. Доколку се потребни да се направат нови таложници во делот на инфраструктурата во користење на водата од „Злетовица“, тоа ќе го приложиме до владата. Доколку се дале 100 милиони евра, доколку треба уште дополнителни 2,3 5 милиони, владата ќе ги инвестира, се’ со цел овој регион да го користи овој проект. Инаку, другиот момент е, доколку ова не успееме да го реализираме треба да кажеме овој проект е непотребен, некорисен и џабе сме фрлиле како држава во претходниот период се вложени 100 милиони евра, кажа Бочварски.

ХС „Злетовица“ – скапа „играчка“ за само две општини

Хидросистемот Злетовица, кој беше изграден со кредит од јапонската банка Џајка, изминатата година прикажа загуба во 8,5 милиони евра, бидејќи наместо предвидените шест општини, со вода се снабдуваат само две – Свети Николе и Пробиштип. И двата града имаат огромни долгови кон Злетовица и се на суд за неплатената вода. Со последната одлука на Регулаторната комисија, цената на кубик техничка вода е определена на 4,75 денари. Директорот Тодорче Николовски вели дека очекува и Штип наскоро да добива планинска вода.

-Сега почнуваме интензивни преговори со Општина Штип, како најголем корисник во регионот да се приклучи кон системот. Актуелното техичко решение е такво што не нуди ставилизирано водоснабдување, туку водата од браната се пушта низводно по реката и се зафаќа со странични зафати и тие моменти, денови кога има поројни дождови(тоа се некаде околу 50 денови во годината), додека во останатиот поголем дел од годината водата е многу прифатлива, изјави Николовски.

Научната јавност е за двете алтернативи

Ако се праша научната јавност, тогаш , планинската вода е подобра алтернатива. Ректорот на штипскиот универзитет Гоце Делчев, Блажо Боев, кому специјалност му е геологијата , вели дека Штип треба да ги има и двата системи на располагање.

-Станува збор за чиста средина каде е лоцирана „Злетовица“ и мислам дека градот треба да оцени дали е прифатливо како решение или не од аспект на цените што би биле понудени на граѓаните. Меѓутоа, генерално гледано, добро е градот да има алтернативен извор за водоснабдување и мислам дека е добро решение и двата извора да ги користи, е ставот на Боев, кој најави дека Универзитетот е подготвен на градот да му понуди апликација преку која граѓаните во секое време ќе имаат сознанија за квалитетот на водата што им се испорачува. Сепак, подобро упатените тврдат дека еден е квалитетот на водата што излегува од филтер станицата, кој се менува со влезот во старите водоводни цевки. Според податоците на интернет страницата на Општина Штип, водоводната мрежа долга 125 километри , од кои дури една третина или 42,5 километри се азбестно- цеметни цевки. На предизборниот форум организитан од граѓанската организација Медиа плус, граѓаните побараа замена на овие цевки, особено што азбестот се смета како штетен по здравјето на човекот. Од ЈП Исар за 2018 година најавуваат замена на старите цевки на неколку улици како „Јане Сандански“ и „Сутјеска“. Најавена е и инвестиција во две нови бушотини во коритото на Брегалница. Следна голема инвестиција, но само во најава, е санација и доизградба на колекторскиот систем и изградба на прочистителна станица, во вредност од 15 милиони евра, што Штип, како општина без помош не може да ја обезбеди.

Факти за водоснабдувањето

На водоводната мрежа се приклучени околу 90% од граѓаните.
Вкупниот број на приклучоци изнесува 12.791 од кои 11.975 се за домаќинства
и 806 се за индустрија.

Должината на водоводната мрежа изнесува 125км и е со следнава структура:

  • Челични цевки (3,75 км)
  • Лиено-железни цевки (1,25 км)
  • Азбест-цементни цевки (42,5 км)
  • Пластични цевки (23,75 км)
  • Поцинковани цевки (53,75 км) (извор: www.stip.gov.mk)

Граѓаните бараат градот да ги промени азбестно – цементните цевки, што претставуват дури една третина од системот, стравувајќи за сопственото здравје.

 

Азбестна цевка

ЗГ Медиа Плус – Штип