(Видео) Институциите на испит во борбата за почист воздух во Кочани

Серија од протести беа организирани изминатиот период, како манифестација на кренат глас на граѓаните на Кочани против загадувањето на воздухот. Граѓанските активисти прстот го вперија кон фабриката за рециклирање на хартија, „Пејпар мил“ и нејзиниот оџак. Граѓаните реагираат на загадениот воздух во градот и како што истакнуваат, зголемениот број на заболени со респираторни болест. По две години, Основното јавно обвинителство по тужбата од граѓаните, поднесе обвинителен акт до Основниот суд во Кочани. Судија за оценка на обвинителен акт ќе одлучи дали наводите од граѓаните заслужуваат судење.

Адвокатот ангажиран од граѓанската организација „Грин.орг“,  Иван Лефков, очекува да се закаже судењето и да се докаже загадувањето.

-Очекувам што поскоро да се утврди кривична одговорност, да бидат изречени казни за да се влијае во иднина да не ги сторуваат делата кои им се ставаат на товар и да престанат да го загадуваат воздухот во граници, кои се недозволени и незаконски,“ изјави Лефков.

Во обвинителниот акт, се бара осуда на Друштвото за рециклирање на хартија и остатоци од хартија „Пејпар мил“ од Кочани. Обвинението е за делото „Загадување на животната средина и природата„ член 218 од Кривичниот законик. Делото е против физичкото лице Јулијан Серафимов Даскалов, како одговорно лице и против правното лице „Пејпар мил“.

Основниот суд од Кочани потврди дека обвинителниот акт е земен во разгледување.

„Ве известуваме дека по предметот КО-372/20, во Основен суд Кочани е заведен предмет КООА 28/22 кај судија Виолета Миладинова. Во предметот се обвинети физичко и правно лице. Обвинителниот акт е доставен до бранителот на обвинетото физичко лице кој уредно го има примено. Меѓутоа, бидејќи обвинетото физичко лице е странец, доставата на обвинителниот акт со поуките е извршена по дипломатски пат, а повратен одговор за извршена достава немаме добиено. Исто така, бидејќи обвинетото физичко лице е управител на обвинетото правното лице, по дипломатски пат му е доставено барање за назначување на претставник на правното лице за прием на обвинителен акт. Сите горенаведени списи, по дипломатски пат до обвинетото физичко лице се доставени со превод од македонски на странски јазики се чека одговор за уредно извршена достава заради натамошно постапување по предметот,“ одговорија од Основниот суд од Кочани.

На кривичната пријава поднесена од адвокатот Иван Лефков се потпишани 248 граѓани, кои сметаат дека издувните гасови од „Пејпар мил“ им ги загрозуваат здравјето и животната средина. Тужбата лично ја платила претседателката на „Грин.орг“ Ана Симонова, која укажува дека загадувањето веќе има изразени последици.

„Меѓутоа, се надеваме дека нема да биде предоцна, бидејќи веќе со загадувањето на воздухот имаме зголемен број на респираторни заболувања, пред се’ кај најмладата популација. Така што, сметаме дека треба да бидат преземени чекори, пред се’ од надлежните институции, од страна на Обвинителството и Државниот инспекторат за заштита на животната средина. Тие до сега многу пасивно реагираат во ситуацијата со загадувањето,“ изјави Симонова.

Граѓаните во пријавата сметаат дека податоците од мерењата укажуваат дека има присуство на штетни честички во воздухот над дозволените законски граници, што е докажано и со мерењата.

Основното јавно обвинителство се сложува дека граѓаните се во право, но прво ја отфрла пријавата. Обвинителот оценува дека компанијата платила прекршочен налог, односно се спогодила и уплатила 6000 евра по инспекциите на Државниот инспекторат за животна средина, но не може да биде обвинета следејќи ја законската одредба дека за едно исто дела не може да му се суди повеќекратно, пишува во одлуката за отфрлање на пријавата на Обвинителството од Кочани. Адвокатот Лефков се жали до Вишото јавно обвинителство од Штип, кое оценува дека на „Пејпар мил“ и Даскалов не им се судело, туку само платиле платен налог. Вишата обвинителката Даница Монева го задолжува Основното јавно обвинителство од Кочани да ја продолжи постапката. Во меѓувреме, адвокатот Лефков доставил нови докази од направените мерења, по што Обвинителството одлучува да продолжи со почнатата постапка, но и да отвори уште една нова.

Како што ни одговорија од Јавното обвинителство на Северна Македонија, за првата кривична пријава од јули 2020 година, ОЈО од Кочани го завршува предметот и доставува обвинителен акт, додека за второоформениот предмет се води предистрага.

Активистот Горан Лефков не верува во институциите, особено што до сега се покажало дека ги водат луѓе од кои имаат свои интереси.

-Имено „Пејпар мил“ беше дојден кога претходно градоначалник беше од ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски. Сегашниот градоначалник на Кочани е исто од ВМРО, тогаш беше директор на КП Водовод Кочани. Сегашниот претседател на СДСМ Кочани Гоце Серафимов од општински инспектор замина за директор на Пејпар Мил. Значи двете партии се тука, двете партии се заедно кога се работи за „Пејпар мил“ и кога е труењето на граѓаните, тие се заедно. Кога треба да се решат проблемите на граѓаните, ние не видовме никој од тие политички партии да излезе и да рече, Ние ќе помогнеме, ние ќе го решиме проблемот. Може многу едноставно да се реши. Ги имаме доказите, може да се затвори. Може да и се даде на фабриката да работи на втор котел што е на метар. Но направија некоја финта, демек и даваат некоја административна забрана, да се префрлат на вториот котел, па побара мислење од Министерство за животна средина, па со тоа мислење демек Министерството мислело дека фабриката не загадува. А има податоци, има мерни станици, има измерено се’. Ни останува да ги алармираме меѓународните институции, да го завршиме ова преку нов. Ние собиравме и потписи, собравме преку 10.000 потписи за нецел месец. Ќе ги користиме сите начини коишто ќе можат да помогнат. Ние не сме за затварање на фабриката, но не сакаме фабриката да не труе. Не може нивниот профит ние да го плаќаме со нашето здравје“, додава Лефков.

Тој упати и директно прашање до градоначалникот Љупчо Папазов, зошто за една година, колку што е на чело на општината, не ја спровел одлуката на Советот, да набави мерни станици. Има и издвоено пари за тоа, дециден е Лефков.

„Две мерни станици на потегот на компанијата „Пејпар мил“ нема потреба да бидат изградени, но сепак ја почитуваме одлуката на Советот на Општина Кочани и во проговори сме со УГД, со нивната лабораторија која се грижи за квалитетот на воздухот, воопшто во Источниот регион и сметам дека ќе имаме можност компетентно и со реални мерни параметри да одговориме на ваквото барање и ваквата одлука,“ смета Папазов.

Во меѓувреме, активистите од „Грин.орг“ во соработка со приватна компанија сами поставија сензори за мерење на загадувањето. Овие мерни станици, граѓаните на Кочани ќе ги имаат на располагање една година. Мерните станици според Симонова, им го потврдиле тоа што веќе подолго време го знаат и од другите мерења, дека Кочани е загаден град со зголемено присуство на јаглероден моноксид.

-Резултатите покажуваат дека се исти како и тие од мерењата дадени од  Државниот инспекторат за животна средина, лабораториските мерења, кои покажуваат зголемено количество на јаглерод моноксид, истото го покажуваат и нашите мерни станици, во количество на „многу нездраво“. Исто така, покажуваат и зголемени количини на азот диоксид во делот на „Пејпар мил“, вели Симонова.

Граѓанските активисти бараат Државниот инспекторат за животна средина да излезе на терен и го утврди загадувањето. Горан Лефков вели дека проблемот е кај првиот човек, директорот на Инспекторатот.

-До 15.000 милиграми јаглерод моноксид се испуштаат и најсимптоматично и најмногу она што боди во очи е што никој до сега „Пејпар мил“ не го казнил за таквото загадување. И тој што е директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски, веќе година, две колку е на позиција ниту еднаш нема напишано една казна за „Пејпар мил“. Фабриката престана да работи од моментот кога се зголеми цената на енергенсите,“ вели Лефков.

На прозивката одговорија од Државниот инспекторат за животна средина.

-Ниту еден директор од државните инспекторати нема право да врши инспекциски надзор, тоа се наименувани лица со мандат од страна на Владата, не поседуваат лиценци за вршење надзори, односно согласно законите вршат координација со работата на инспекциската служба.  Инспекторите од сите области на двете нивоа централно локално согласно Законот за инспекциски надзор и материјалните закони од областа се самостојни во инспекциските постапки и одговорноста за постапување по одреден предмет е нивна. Тие водат постапки со акти во истите и доколку има елементи за санкционирање се покренува постапка прекршочна, кривична, само глоба-платен налог и сл. За „Пејпар мил“, ДИЖС постапува согласно Годишен и месечен план за работа, таму надзори вршат двајца инспектори Сенка Андреева од Штип и Благој Игновски од Пробиштип, двајцата се државни инспектори за животна средина, одговорија од Инспекторатот.

Како што појаснуваат од ДИЖС,  последниот вонреден инспекциски надзор е извршен на 20 октомври годинава. Инспекцијата е направена откако ДИЗЖС добил писмено   известување на 15 октомври дека по два месеци пауза, „Пејпар мил“ се подготвува инсталацијата да започнување со работа на 17 октомври.

„По налог за вонреден инспекциски надзор од страна на Директорот на ДИЖС, државен инспектор за животна средина од Пробиштип од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Североисточен и Источен регион на ден 20.10.2022 година е реализиран истиот при што е изготвен Записник за констатација.  Со Записникот е констатирано дека при надзорот од емитерот се испушта бел чад измешан со водена пареа, а инсталацијата поради проблеми со електрична енергија не работела 75 денови. Во моментот на надзорот се врши подготовка за поставување цевки и вентилатор за дополнително вбризгување на кислород. Со Решение како инспекциска мерка од 20.10.2022 година, правниот субјект е задолжен да изврши поставување на вентилаторот и веднаш да изврши мерења со акредитирана лабораторија за животна средина, по што ќе биде извршен контролен инспекциски надзор. Рокот е 15 денови од приемот на Решението,“ одговорија од Државниот инспекторат за заштита на животната средина.

„Пејпар мил“ во изминатиот период компанијата направи повеќе прилагодувања на системот со поставување на филтер, како и котел на пелети од биомаса. Како што соопштија, барањето на активистите за префрлување на еколошко гориво – метан им е неисплатливо, а и Владата не го почитувала договорот да донесе гас.

Кочанските активисти очекуваат реакција институциите и во борбата за водата на Мала Река кај Гратче. Таму е доделена концесија на компанијата ДИС енергија за изградба на мини хидроцентрала. Граѓаните тврдат за изградбата дознале дури откако се исекле дрвјата на местото каде треба да се постави градежната зграда на хидроцентралата. Задолжителната јавна расправа, како што велат, никогаш не била организирана. Во писмото до Министерството за животна средина и просторно планирање, граѓанските активисти побарале раскинување на концесијата. Меѓутоа, ресорниот министер Насер Нуредини вели дека тоа не е можно.

-Да, сум во тек што има во „Пејпар мил“. Знаеме дека тие имаат обврска да ја почитуваат дозволата што ја имаат. Тие сега инсталираат еден нов филтер. Инспекторат бил два пати на вонредна инспекција минатата недела и ќе следат се’, мора да се придржуваат во рамките на дозволата,“ кажа министерот.
Пред година и пол беа исечени дрвјата и се очекуваше да почне градбата на централата, за која граѓаните бараа да и се одземе дозволата. Кога отидовме на терен на почетокот на ноември, немаше никаква градежна активности. Напротив, природата полека го презема теренот и на местото на исечените дрва почнале да растат нови.

Градоначалникот Папазов вели дека општината не може да им удоволи на граѓаните и да ја одземе дозволата, вклучувајќи ја и последниот документ – градежната дозвола, која е издадена по налог на претходниот градоначалник, Николчо Илијев.

-Значи, ако седнеме да разговараме, првото барање од инвеститорот, претпоставувам ќе биде надоместокот за вложените средства. Општина Кочани не располага со такви средства. Ниту граѓанскиот сектор има механизам и ниту располага со такви средства. Имаше на некои предизборни кампањи дека државата ќе ги обештети сите инвеститори кои вложиле свои средства во изградба на вакви енергетски објекти. Не знам за колкава сума ,но знам дека се работи за милионски износи вложени средства,“ вели Папазов.

Засега, активистите можат да бидат спокојни. Инвеститорот ДИС енергија потврдува дека ги има сите документи, но дека не е почнато со градба. Нема сигурен одговор дали на Мала Река ќе влезат машините или проектот ќе биде напуштен.

Битка на две полиња во Кочани за почиста животна средина. Граѓаните на Кочани велат дека има уште, како честите палења на градската депонија, која се’ до интервенцијата на комуналците со денови го покрива градот со чадлива обвивка, но и несовесните земјоделци, кои ланската пролет го пламнаа целиот влез на Кочани.

В.К.

Видеото е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.