Ветија, а не воспоставија систем на управување на еколошкиот денар

Од 27 различни давачки и такси со предзнак еколошки, само две директно завршуваат во буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање. Од надоместокот од интегрираните еколошки дозволи, во зависност од тоа кој ја издава се полнат буџетите на ова министерство и општините. Тоа го потврдува и ресорниот министер, кој одговарајќи на нашето прашање, вели дека „не може да каже колку точно од собраните средства завршуваат за заштита на животната средина“. Граѓанскиот сектор кој делува во оваа област е дециден – парите дадени како компензација за направената штета на природата и животната средина, треба да завршат таму каде се намети – во поправањето на штетата.

„Чисти сметки“ има за посебниот фонд на Министерството за животна средина што се собира од  биоразградливите ќесиња. Според МЖСПП во текот на оваа 2022 година се собрани 1.136.445 евра, средства од купувачите на маркетите кои плаќаат по 15 денари за ќеса. Намената на собраните пари е за купување 5000 контејнери и јавна кампања.

Останатите давачки, такси, глоби и други надоместоци, како што веќе пишувавме, вкупно 27 на број во најголем дел завршуваат во државниот буџет. Според овие пари не се наменски искористени за еколошки проекти. Извесно е дека дел од овие средства се слеваат во буџетот на МЖСПП, во износ од  околу 15 милиони евра. Од тоа 12,5 милиони евра  се наменети за еколошки проекти.

Граѓанските активисти со години бараат фонд

И тука завршуваат „чистите сметки“. Граѓанските активисти решението го гледаат во формирање на фонд за животна средина, каде на едно место би се слевале сите средства како надоместок за штетите што човекот ги прави врз природата. Овие средства наменски би се трошеле, а граѓаните ќе имаат увид во трошењето.

Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“, која со години алармира на потребата од постоењето на ваков фонд, кое ќе биде правно лице со посебна сметка. За своето работење одговара пред Владата и соработува со соодветните министерства.

-Треба да има еколошка такса за пластична ќеса, за ѓубре, за што било, ама тие пари да се вложат во животна средина, преку формирање на соодветен фонд. Комплетно да се реконструира министерството, да се направи Агенција и треба таму да има фонд и да се користат парите за животна средина. Средствата би се распределувале преку меки заеми и грантови наменети за заштита на животната средина, смета Чоловиќ – Лешоска.

Во екот на најголемото аерозагадување на Скопје, „Скопје Смог Аларм“ побара акциски план од Владата и даде конкретен предлог.

-Заради катастрофалната еколошка состојба во Македонија сметаме дека Владата треба да одвои околу 1 процент од БДП во посебен Фонд за заштита на животната средина. Го повикуваме Министерството за животна средина итно да изготви акциски план и соодветни проекти за бараните средства. ( „Скопје Смог Аларм“).

Нуредини: „Секако дека има потреба од фонд“

Идејата за Фонд за екологија не е нов и е влезен во државните стратешки документи. За оваа идеја е и актуелниот министер за животна средина, Насер Нуредини.

-Секако дека има потреба од Фонд за животна средина. Ние сме имале вакви стратегии од мандатот пред две години, но за жал, одиме од криза на криза. Предвидено е да почнеме со постапка на формирање на еден Фонд за животна средина. Од тука, мора да разговараме со Министерството за финансии, да разгледаме како ќе се пополни, дали ќе биде тоа нов закон за води, дали ќе биде закон од казни, од прекршоци или не. Се прават анализи, но мораме да бидеме свесни дека за жал, сме во енергетска криза, да ја поминеме и се надевам да почнеме да работиме на Фонд за животна средина, изјави Нуредини.

„Еко свест“ изготви една подолга анализа во која дава и споредбени податоци за функционирањето на слични тела. Индикативен е примерот со Црна Гора, каде фондот е формиран од владата, а се полни со  средствата од еколошките надоместоци, кредити, донации и помош, програмите на ЕУ, ОН и други меѓународни организации, како и странски вложувања.

„Орган на управување на Фондот е Одборот на директори, кој го именува Владата на Црна Гора, додека оперативното работење го води извршен директор на Фондот. Структурата на Фондот е поставена преку два сектора – сектор за финансии, планирање и реализација на проекти, и сектор за правни и општи работи. Во првиот сектор работат следните одделенија: одделение за финансии и сметководство; одделение за поддршка, имплементација на мерките и развојни активности; служба за планирање, аплицирање и реализација на проекти и служба за проекти од областа на животната средина. Во вториот сектор се поместени службите за правни работи и службата за човечки ресурси, општи работи и односи со јавноста. Планирано е Фондот да работи преку распишување на јавни повици на одредени теми, пишува во анализата насловена „Анализа за воспоставување на фонд за животна средина“ на проф. д-р Силвана Мојсоска, изработена за „Еко свест“.

А каде е политичката волја?!

За формирањето на Фонд за животна средина, секако пресудна е политичката волја. Двете владејачки партии барем на збор тоа го потврдуваат, а ДУИ дури се брендирање во „зелена партија“.

СДСМ во својата предизборна програма вети:

„Ќе воспоставиме Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар ќе бидат наменет исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина“, стои во  Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“ (стр.227)  .

Со мали измени во формулацијата, и Владата во својата Програма за работа за периодот 2017 -2020 година на стр.49, најави дека ќе се формира Фонд за животна средина.

-Владата ќе формира Фонд за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животнaта средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремување на кабинети на министрите) Програма за работа за периодот 2017 -2020 година .

Но, од создавањето на заедничката влада во 2017 година, до сега, за овие пет години, за фондот не се ни споменува.

Во државата во минатото работеа Фондот за животна средина и Фондот за води.

Конкретно, Фондот за животна средина беше формиран во 1995 година и беше укинат во 2005 година со законска измена во Собранието на РСМ. Со укинувањето на двата фондови, државата се откажа од системи за јавно управување на пари за специфична намена. Давачките продолжуваат да се собираат, но каде завршуваат, тешко е да им се најде крај во тој финансиски лавиринт.

 

В.К.

Сторијата е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.