Медиа плус работи на запознавање со концептот на природно базирани решенија

Праведно прилагодување кон климатските промени е вистинската тема за нашата зовриена планета, а особено за овој регион, каде малку се зборува, а уште помалку се прави за прилагодување кон демонстрираните промени од природата. Во рамките на програмата  „Зелен скок – Партнерства за климатска акција“, ЗГ Медиа плус од Штип започна со серија активности, на кои ќе работи и во наредните четири месеци, со цел поголемо запознавање на општата јавност, бизнисот,  институциите, интересните групи со природно базираните решенија, со чија употреба се бориме со засиленото влијание на климатските промени, изразеното загадување и нечистите води.

Здружено со експерти во областите и со поддршка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и лабораторијата „Амбиком“, се работи на мапирање на загадувачите на реката Брегалница со можни природно базирани решенија, а концептот ќе биде претставен пред јавно-комуналните претпријатија, каде едни од најголемите загадувачи на водите, но и пред бизнисот со загадувачка дејност, општините, граѓанските организации и граѓаните. Идејата е дека во исчекување на големите проекти, сите ние може да размислување за внесување на решенија, кои придонесуваат кон промената на екосистемот и го подобруваат, а со тоа индиректно и до подобра животна средина.

Предвидена е и јавна кампања и новинарски стории, кои од близу ќе зборуваат за тоа што имаме на терен и како може да ги подобриме состојбите. Наодите и ставовите јавноста ќе ги слушне и ќе може да ги коментира на форум за природно базираните решенија и нивната примена.

Ако не можеме значајно да влијаеме врз климатските промени, можеме барем да ги ублажиме преку заеднички акции и примената на природно базираните решенија.

Проектот „Иновативни решенија за зелен исток“ почна во јуни и ќе трае до ноември 2022 година, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.