Објавувањето на личните податоци на позитивните на Ковид – 19 ниту е според закон, ниту некогаш беше најавено од институциите

„Позитивните на КОВИД-19 со име и презиме НА САЈТОТ НА ДСЗИ ОД ДЕНЕСКА“ дезинформира македонски портал, пренесувајќи владина одлука, со која се менува начинот на доставување на решенијата за изолација на граѓаните, кои добиле позитивен тест на Ковид- 19. Текстот пренесува дел од соопштението по седницата на Владата од 01.02.2022 година, но авторот дезинформира дополнително, со тоа што си додал дека решенијата ќе бидат со име, презиме и адреса на заболените.

„Позитивните на КОВИД-19 од денеска ќе бидат објавувани на сајтот на Државниот и здравствен санитарен инспекторат, односно ќе се објавуваат името, презимето и адресата на која ќе се спроведува изолацијата на сите граѓани што ќе добијат позитивен резултат на ПЦР-тестот во било која овластена лабораторија во државава“, пишува порталот и со тоа објавува неточна информација.

Потоа следи цитат од соопштението од Владината прес служба за начинот на изработување и доставување на решенија, кој целосно го демантира напишаното во текстот на порталот.

„Според новиот предлог, решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација ќе се објавуваат на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и дополнително во Службен весник во најбрз можен рок, при што нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно целосно ќе бидат запазени стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци“, пишува во соопштението од седницата на Владата, одржана на 1 февруари.

Текстот на порталот продолжува со изјава на директорката на Државниот и здравствен санитарен инспекторат (ДСЗИ), Ирина Сотирова Бухова, дадена за друг медиум, во која на ниту едно место не потврдува дека ќе има лични податоци на заболените.

„Ваквиот начин на електронска објава на решенијата е законски бидејќи ќе се врши со филтрирани податоци дозволени од Агенцијата за заштита на личните податоци, изјавува Сотирова Бухова.

По оваа изјава, порталот пoвторно дезинформира и додава:

„Единствените податоци што ќе се содржат во објавите ќе бидат името, презимето и адресата на која што ќе се спроведува изолацијата, податоци што самите пациенти ги дале при тестирањето во лабораторијата“.

Овој начин на информирање предивизка повеќе јавни реакции. Први реагираа лекарите.

Друг портал пренесува изјава на д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант на медицинскиот универзитет Каролинска во Стокхолм, Шведска, кој реагираше дека ова е штетна и неетичка пракса.

-Објавување на резултати од испитувања на граѓани и пациенти јавно на веб сајт, уште па со адреса на живеење, е неприфатливо за било која област па и за оваа. Неетички е и нема да има корист од тоа. Исходот од оваа одлука ќе биде јавно жигосување, огромна стигма и дополнително одвраќање на граѓаните да се тестираат, изјавува Бабачич и побара од владата „да се вразуми“.

Следното владино соопштение од седницата на 2 февруари ја реши серијата текстови кои дезинформираат. На седницата, како што беше соопштено, се разговарало за моделот на издавање на решенијата за изолација, но пристапот до нив ќе го имаат само граѓаните лично на кој се однесува, но не и дека ќе биде достапно за секој посетител на платформата што ќе биде одредена за пристап до решенијата.

„Моделот подразбира дека секој граѓанин кој има потреба да дојде до сопственото решение ќе има пристап преку веб-страница единствено до своето решение за изолација без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено решение за изолација, соопшти Владата.

Начинот на информирање со слободни интерпретации на авторите на новинарските текстови за сензитивни теми, како што се личните податоци и заштитата на податоците на пациентите, дефинирани со закон, води кон тоа граѓаните да се чувствуваат незаштитени од системот. Дополнително, како што изјави д-р Бабичич да ги одвраќа граѓаните да се тестираат од страв од јавно жигосување. Начинот на информирање со слободни интерпретации на авторите на новинарските текстови за сензитивни теми, како што се личните податоци и заштитата на податоците на пациентите, дефинирани со закон, води кон тоа граѓаните да се чувствуваат незаштитени од системот и ги одвраќа граѓаните да се тестираат од страв од јавно жигосување.

Новинарите, според Кодексот имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.