Уште недојден на власт, Ковачевски повикан на одговорност за поскапувањата

Текст со наслов „Пиунот Ковачевски ги покачи струјата и парното и предизвика инфлација, тоа што можело да се купи за 20.000 денари, сега треба и до 25.000 денари“ објавен на македонски портал ја префрла целата вина за поскапувањата на Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ и во моментот мандатар за состав на новата влада.

Текстот е всушност просто пренесување на партиско соопштение на опозициската ВМРО ДПМНЕ, иако никаде не пишува, ниту му објаснува на читателот дека е тоа партиска реакција. Порталот веројатно сметал дека доволно е тоа што во прилог на текстот ставил фотографија од седиштето на партијата, за читателот да разбере дека е тоа партиско соопштение.

Што се однесува до наводите од насловот дека Ковачевски „ги покачил струјата и парното и предизвикал инфлација“ порталот дезинформира, бидејќи новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски засега е само мандатар, кој нема извршна улога да донесува одлуки. Мандатарот, според македонските закони, го добива мандатот за состав на нова Влада од Претседателот на Републиката, по што во Собранието на РС Македонија го доставува списокот со министри, по што се избира новата влада.Во меѓувреме, додека да се избере нова влада, заседава и одлуки донесува се’ уште актуелниот состав на владата, во случајот, Владата во оставка. Актуелен премиер, иако во оставка е Зоран Заев, кој ги води седниците на Владата и ги потпишува одлуките.

На интернет страната на Владата каде се објавуваат соопштенијата од редовните владини седници, последната објава за владино заседание е од 30.12.2021 година. Оваа седница ја водел премиерот во оставка, Зоран Заев, за што добивме потврда и од Прес службата на Владата.

-Последните 130 и 131 седница на Владата, ги водеше и актите ги потпишуваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев. На двете седници не присуствуваше заменикот на министерот за финансии, д-р Димитар Ковачевски, одговорија од Владата.

 

Димитар Ковачевски е заменик министер за финансии и во тоа својство може да учествува во работата на Владата, во случај да не може да учествува министерот.

Втората дезинформација од насловот е дека Ковачевски со алузија на владата ги покачила цените на струјата и парното. Максималните и минималните цени на енергенсите и на топлинската енергија ја одредува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Работата на оваа Комисија е законски регулирано со Законот за енергетика, член 11, каде стои дека РКЕ меѓудругото, „донесува одлуки за цени на одделни видови енергија, согласно Методологијата за формирање на цени, тарифните системи  на одделни видови енергија и другите законски прописи“.

На 31.12.2021 година РКЕ донесе одлука со која цената на струјата беше зголемена за 9,48%, при што е укината дневната ефтина тарифа. Објавувајќи ја новата цена, претседателот на РКЕ, Марко Беслимовски изјави:

-Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период, рече Марко Бислимовски.

На истата седница на РКЕ беше донесена одлука и за поскапување на парното греење односно топлинската енегија за жителите на Скопје, која од 1 јануари е зголемена за 14,05%.  И двете одлуки не се донесени од Владата, ниту од мандатарот, кој може а не мора да состави нова влада.

Според тоа, насловот на порталот е тенденциозен и деизинформира, чија цел е даде искривиена слика за тоа како функционира системот.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.