Рама не рекол дека Албанија ќе бара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ

Македонските медиуми погрешно ја пренесоа изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, кој на 24 декември 2021 година, во своето празнично обраќање до граѓаните, зборуваше за пристапувањето на неговата земја кон ЕУ, кое сега е блокирано со ветото од Бугарија кон Македонија. Рама не рече дека Албанија ќе бара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ, како што беа насловите во македонските медиуми.

За членството на Албанија во Европската Унија, Еди Рама рече дека Албанците ќе бидат прашани дали сакаат на патот кон ЕУ ​​да останат заедно со Северна Македонија или не, по застојот што го создаде Бугарија што се штетно се одрази и врз Албанија. Ова го кажа албанскиот премиер, а го пренесе албанската комерцијална телевизија Топ Чанел.

-Членството на Албанија во ЕУ е поврзано со вето наметнато на Северна Македонија од трета земја. Има луѓе кои велат дека апликацијата на Албанија треба да се одвои од онаа на Македонија, има и други кои мислат дека можеме и треба да почекаме за да ја одржиме оваа кохезија и со оглед на посебниот однос што го имаме со Северна Македонија. Пред нас ни претстојат шест месеци, кои ќе бидат од особено значење, но мора да им го поставиме прашањето на Албанците, мора да бидеме во јасна позиција дали ќе се бара одвојување од Северна Македонија“, рече Рама.

На погрешното пренесување на делот од обраќањето на Рама денеска укажа и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање. Османи рече дека лично слушал што точно кажа Рама, и го потенцира делот дека албанскиот премиер најавил дека ќе бара консултации со граѓаните.

-Имаше погрешно пренесување на изјавата на Рама. Тој рече: „Ќе ги прашаме граѓаните дали мислат дека доколку за 6 месеци не се повлече бугарското вето дали Република Албанија треба да бара издвојување од пакетот“. Значи консултација со граѓаните во однос на тоа прашање, а не одлука дека Албанија ќе бара да го продолжи патот сама, изјави Османи.

Формално во пристапниот процес никаде не стои дека земјите се организираат во пакети и и веројатно во тој неформален политички пристап се групираат земјите со цел да се даде нов регионален импулс. Во изминатите години па и децении на проширување на Европската Унија имало пакети на проширување со влез на земји во кластери, како што беше на 5 мај 2004 година со најголемиот пакет на земји кои пристапија во однос на територијата и во однос на бројот на државите и населението, кога во исто време во ЕУ влегоа Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија. Следниот бран проширување беше во 2007 година со приклучувањето на Бугарија и Романија. Овој неформален политички процес е повеќегодишна пракса, иако секоја земја сама за себе ја одбира динамиката на движење, според интензитетот на реформи што ги спроведува.

Овој неформален пристап на пристапување во пакет, како што рече Османи, може да изгледа дека краткорочно и’ штети на Албанија, меѓутоа, историјатот на ЕУ покажа дека групирањето дава регионален импулс. Според Османи, ова неформално политичко групирање на Албанија и Северна Македонија е во интерес на двете земји.

-Бидејќи во овој процесен циклус, проблем Албанија нема, Северна Македонија има, меѓутоа во 2019 година беше обратна ситуација, Ние немавме проблем, Албанија имаше проблем. И доколку краткорочно гледаме, може да, ќе имаме интерес за еден чекор во процесот, меѓутоа, долгорочно сметам дека со регионална динaмика двете држави ќе добијат. Затоа сметам, еве ова е аргумент плус, за убедување на албанските граѓани, за албанската влада, дека неформалниот прiстап е во интерес на двете држави, па и за регионот во целина. Но, Албанија има право да бара такво нешто, бидејќи процесот е индивидуален, изјави Османи.

Во 2019 година, во текот на Самитот министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, каде се расправаше за проширувањето, неофицијално Франција и Холандија не прифатиле да се одобри датум за преговори за Македонија и Албанија во пакет, забележувајќи и’ на Албанија на нивото на корупција. Сепак, преовлада заедничкиот став дека двете соседни земји треба понатаму да одат во пакет.

                  

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.