Филипче и новинарките благодарение на „колегите“ станаа предмет на исмејување

Рецензираме текст со наслов „Филипче меѓу еден куп жени, насмеани и дотерани во мини фустани, има повод да се смее“, во кој се гледа намерата на авторот да ја истакне популарноста на министерот за здравство кај жените, па поврзува повеќе работи. Попатно го споменува реновирањето на ургентниот центар во Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир, се префрлува на новата песна на Лиде Лиде за министерот, а ги вмешува и новите потпретседатели на СДСМ. Текстот содржи сексизам, додека насловот е коментаторски со обид да го привлече читателот да го отвори, додека внатре се напишани многу меѓусебно неповрзани работи, кои пак и не соодветствуваат со самиот наслов.

Новинарот текстот го започнал со изјавата на Филипче дадена за реновирањето на ургентниот центар во Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир и нејзината гасификација.Потоа продолжува со тоа дека Лиле Лиде (Лидија Гиновска, која се прослави со коментарите за постовите на министерот) објавила нова песна за него и дел од песната. Пред крајот новинарот пишува кои се четирите нови потпретседатели на СДСМ, како ќе биде ориентирана партијата кога на нејзино чело ќе дојде Димитар Ковачевски и дека Сања Лукаревска останува заменик претседател.

На самиот крај новинарот посветува дел за фотографијата на министерот Филипче со новинарите, направена на предновогодишна дружба, која е полна сексизам преку истакнувањето на изгледот на новинарите кои следат здравство.

„Венко Филипче објави фотографија со познати новинарки, кои ја следеа неговата работа во изминатиов период. Под сликата тој им се заблагодарува на новинарите на поддршката, но на неа има многу малку мажи, повеќето се жени, дотерани и насмеани, како и самиот Филипче“ – пишува новинарот, а на крајот на текстот додава „Новинарките се посебно дотерани за средбата со Филипче, повеќето од нив облекле мини фустани за овој повод“.

Поголемиот дел од медиумите имаат новинарки, кои пишуваат за теми од областа здравство. Само два- тројца новинари се специјализирани за оваа област. Според тоа, доминацијата на новинарки на фотографијата  е логична.

Тврдењето дека „повеќето од нив облекле мини фустани за овој повод“ исто така не е точно, бидејќи од над дваесетината луѓе на фотографијата, се гледаат само три новинарки со „мини фустани“, како што тврди авторот.

Овде се навраќаме на насловот, кој во суштина е клик-бејт и има за цел да привлече читатели, кои би сакале да видат која е причината поради која е „насмеан министерот“ и кои се „куп жените дотерани во мини фустани“. Во случајов може да се каже и дека новинарот се служи со шовинистички пристап.

Новинарот кој всушност има улога да информира, за работи што се од интерес на граѓаните, во овој случај само дава коментари за облеката на жените новинарки кои се наоѓаат на сликата. Облеката на новинарките не претставува јавен интерес.

Фотографијата на Филипче со новинарките во неколку објави на портали дури беше ставена на „столбот на срамот“.

Порталот „Скопје1“ пренесува статус на поранешна новинарка, а за наслов издвоил еден нејзин коментар:„Со селфија, лигавење, кезење и куп,,независни” новинарки наоколу него, облечени како да ќе им треба донаторска акција“, Јоци за журката на Филипче. Порталот просто го пренел статусот на Фејсбук, кој покренува прашања од изгледот на новинарките до тоа кој платил

Во друг портал се пренесува уште еден статус од социјалните мрежи на корисничка, со наслов:

„Жестоки критики за насмеаните новинарки што се сликаа со Филипче“. „Текстот“ го надополнува со уште еден статус на познатата инфлуенсерка на социјалните мрежи, Миа Костова, чиј пост е споделен 850 пати. Во дел од бројните коментари со погрдни зборови се пишува за новинарките на фотографијата.

Сексизам и шовинизам во јавниот простор изроди новинарско пишување, чии автори ги изнеле сите свои фрустрации на виделена. Фотографијата потоа беше преземена и коментирана на популарните социјални мрежи, што може да се смета и како поттикнување од страна на новинарите, со свои или пренесување на туѓи објави.

Медиумите со ова прекршуваат неколку членови од Кодексот на новинари и Насоките за етичко известување во онлајн медиумите.

„Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документ“.

„Непристрасност. Тоа подразбира известување во кое се прави јасна дистинкција меѓу фактите и мислењата. „Водителите и новинарите не смеат да изразуваат свои политички гледишта и мислења во вестите“ Медиумите може да наведат различни извори на информации и потоа да ги проверат фактите за тоа што било кажано и да разобличат лажни тврдења прек у наведување арг ументи. Тоа значи дека треба да се избегне пристрасност во прилог на или против која било страна.“

                 

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.