Утопија? Зелен Исток, бистри води – во потрага по загадувачите на Брегалница

Реката Брегалница често е во новинарските извештаи и билтените на еколошки инциденти. Во исто време, тоа е реката која живот значи за над 200.000 жители од источниот регион. Од водите на Брегалница се’ уште со вода за пиење се снабдуваат жителите на Општина Штип. Кој посегнува Брегалница? Како институциите се справуваат со загадувањето? Како при тоа се однесуваат граѓаните? Овие прашања се појдовните, за Здружението на граѓани „Медиа плус“ од Штип, кое стана дел од  Концептот ЗЕЛЕН СКОК – Партнерства за климатска акција на ФООМ. Преку активностите на проектот „Утопија? Зелен Исток, бистри води“, интензивно ќе работи на подигнување на јавната свест кај населението, со цел да извршат притисок врз институции, но и загадувачите за поголема грижа за реката, со цел мобилизација на јавноста. Серијата креативни решенија е во насока на издигнување на потребата од поголема грижа за реката Брегалница преку поттикнување на институциите и инспекциите да ги преземат своите надлежности и одговорности, а граѓаните унапредат својот однос кон природата.  Исто така, и да  покрене јавната дискусија за поголема грижа за реката и животната средина, од која зависи секојдневниот живот на целиот Брегалнички регион.


Еден од каналите од кој директно истекува водата од канализацијата во Брегалница локација:Штип

Во таа фунција е активноста за добивање на споредбени резултати за квалитетот на водата и содржината на седментот на коритото на реката Брегалница преку три мерења (април, август и октомври- ноември) на акредитирана лаборатарија од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Потоа, информирање и едуцирање на граѓаните, кои ќе бидат подготвени да извршат притисок врз институциите за брза и соодветна реакција.

И поттикнување на редовни меѓусебни консултации на сите засегнати страни – институциите, бизнис секторот(загадувачите), граѓаните, граѓанските организации и експерти.

Активностите започнаа со првото мерење на квалитетот на реката Брегалница кај Штип, непосредно до бунарите, од каде се водоснабдуваат штипјани. Овој процес е документиран и ќе се следат промените низ резултатите од ова и следните три мерења низ видео материјал.


Проф. Ѓорѓи Димов, УГД, на првото мерење во Штип

Паралелно се работи на истражување ,анализа и увид на терен на загадувачите и нивните активности, што ќе биде презентирано низ шест новинарски прилози. Во следните месеци ќе биде организирана и креативна акција со кампања.

Пораката е дека за загадувањето на водите на реката Брегалница сме одговорни ние граѓаните и стопанството и имаме иста задача да се погрижиме за тоа да го промениме.