Крајно време е да се реши речиси парализираниот сообраќај во центарот на Битола

Недостигаат површини за безбедно одвивање на пешачкиот и велосипедски сообраќај. И пешаците и велосипедистите се движат по коловозот заедно со возилата, што го зголемува ризикот за сообраќајни незгоди. Ова го нотира Општина Битола во Студијата за организирање на сообраќајот во централното градско подрачје. Документот составен од педесетина страници треба да донесе решенија за проблемите со безбедноста во сообраќајот кои претходно ги нотираше и анализата на Здружението Медиа плус.

Иако со години неславно котира на врвот на листата за аерозагаденост и пораст на бројот на пациенти со одредени видови карцином, Градот на конзулите не нуди услови за еколошки сообраќај. Освен од воздухот во кој се бележи изобилство на штетните ПМ 10 честички, граѓаните на Битола се „гушат“ и од сообраќајниот метеж.

Тесните двонасочни улици, узурпираните тротоари, недостигот на паркинг места и отсуството на велосипедски патеки ја загрозуваат безбедноста на сообраќајните учесници, кои немаат соодветни услови за да стигнат од едно до друго место во градот.

За тоа како е да се вози велосипед таму, разговаравме со Виктор Илиев од граѓанската иницијатива Битола на точак. Тој вели дека инфраструктурата на градот не е безбедна за велосипедистите и тоа е историска грешка на сите досегашни локални власти.

Фото:  Facebook / Битола на точак

-Сиве овие години се дозволувало да се отвораат разни комерцијални објекти без обезбеден паркинг простор. Се случува да возиме на главна улица и пред нас да застане камион или комбе и растовара. Тие возила се големи и мора да ги заобиколиме, а кога и заобиколуваме сме во огромна опасност,  животен ризик. Влегуваме меѓу колите и тие кога ќе отворат врата од нашата десна страна не’ туркаат, па паѓаме на земја. Заобиколувањето на паркирани возила на улица е преопасно и секојдневно се соочуваме со тоа. Доколку имаме незгода со поблаги последици тоа не се регистрира, не се вика ни полиција и тоа не се евидентира. До нашата иницијатива стигнуваат поплаки, фотографии на кои се гледаат отоци на луѓето, но ние ги повикуваме властите, а промените одат споро – забележува Илиев во изјавата за Канал 77.

Повреда здобиена по пад од велосипед

Тој прави паралела меѓу загадувањето на воздухот и сообраќајот.

-Има повеќе апсурди. Имаме загадување, кое е предизвикано генерално од 3 причини – индустријата, греењето на домаќинствата и превозот. Цел фокус при тоа, се става на загревањето, а сообраќајот воопшто не се перцепира. Тоа го покажуваат две статистики. Првата е дека бројот на моторни возила е повеќе од дуплиран, а втората дека стапката на дизел возила кои се поголеми загадувачи е од 4 на 40 проценти искачена, значи над 10 пати се зголемени нафташите во градот. Тие многу повеќе загадуваат од останатите. Во меѓувреме, имаме висока стапка на смртност од болести поврзани со загадувањето. Се промовира седечки начин на живот и тоа допрва ќе предизвика кардиоваскуларни болести. Значи не се промовира пешачењењето и уште една сериозна политика која е апсурдна е негрижата за јавниот простор. Автомобилите се третираат како пешаци. Автомобилот има ексклузивно право за пристап до вратите на објектите – смета нашиот соговорник.

Велосипедските патеки ќе „дебитираат“ на битолската сообраќајна сцена

Илиев е оптимист дека работите барем малку ќе тргнат на подобро, сега откако битолските советници усвоија Студија за организирање на сообраќајот. Документот кој веќе помина на седница на Советот, меѓу другото предвидува унапредување на пешачката и велосипедската мрежа надвор од централното градско подрачје, воведување систем за јавно споделување велосипеди,  повеќе катни гаражи и унапредување на јавниот градски превоз.

Според студијата, познатото битолско обележје Широк сокак се пренаменува во пешачка зона, со можност за сообраќај на возилата на  Итната медицинска помош, полицијата и пожарната, како и на граѓаните кои живеат на оваа улица.

Од Општина Битола за Канал 77 објаснуваат дека површините за паркирање ќе се намалат, а поради недостатокот на простор, на одредени места велосипедистите и пешаците ќе го делат просторот, но во секој случај се очекува и едните и другите полесно да учествуваат во сообраќајот. Со ова, локалната власт е оптимист дека нема да се намали само сообраќајниот метеж, туку и аерозагадувањето.

Студијата чие спроведување во пракса, на големо би ги променило сообраќајните услови во Битола се однесува за период од дваесет години.

Поради крупните промени што ги предвидува, ја прашавме Општината дали има доволно финансии за нив, или пак, можеби се планира финансиска „инекција“ од централната власт.  Токму поради тоа што процесот  на реализација ќе одземе долги години, од Општината се свесни дека ќе бидат потребни значителни финансиски средства, па тоа го наведуваат и како причина за како што велат, неопходната соработка со централната власт.

Одговарајќи на нашето прашање кои се очекувањата за тоа, која мерка прва ќе биде спроведена, локалните власти прогнозираат во најбрзо време плоштадот „Гоце Делчев“ да стане простор за пешаци, а битолчани да добијат плоштад каков што заслужуваат.

Инаку, теренското испитување покажува дека во овој град, повеќе од 50% од возилата кои влегуваат во централното градско подрачје, истото го користат само за транзит, а мал е бројот на оние кои таму влегуваат за да остварат некои обврски, да искористат некаква услуга или пак, затоа што живеат таму.

Илиевска: Секогаш сум за позитивни промени, но заслуживме пообемна анализа

Носителката на независна советничка листа „Поинаку“, Габриела Илиевска гласаше за ваквиот документ бидејќи вели, потребни се промени веднаш. Сепак, според неа студијата требало да биде пообемна и да даде повеќе решенија, односно образложувања за тоа какво поконкретно ќе биде влијанието врз безбедноста. Своите забелешки, Илиевска ги споделува во изјава за Канал 77.

-Се поставува прашањето како е донесен заклучок за затворање на одредени сообраќајници без притоа да се има извршено анкетно истражување на резидентното население во смисла на тоа колку од жителите од засегнатите улици користат автомобил, колку велосипед, мопед, мотоцикл, а колку се движат пешки. Колку од населението коешто користи моторизиран вид на превоз, тоа го прави често во текот на денот, неделата, во кои часови и сл. за да може да се утврди оптовареност. Колку од резидентното население користи улично паркирање и дали ако се затвори сообраќајницата за моторизиран сообраќај, се нудат алтернативи – вели претставничката на Поинаку, забележувајќи дека недостига и статистика од полицијата за случени сообраќајни незгоди барем во изминатите три години.

Според неа, тоа е потребно за да се види кои која категорија учесници во сообраќајот најчесто учествуваат во вакви немили настани, за да се понуди подобро идејно решение со кое тие би се заштитиле.

Заклучоците од документот се базираат на податоците прибрани од теренско испитување, со посебен фокус на булеварот „Први мај“ и уште осум улици, а  Илиевска го оценува пристапот како несериозен бидејќи броењето и на возилата и на пешаците е извршено рачно.

– Рачното броење на бројот на возила по насоки и крстосници е спроведено само во еден ден (18.06.2020 година) и едно дополнително броење на 25.06.2020 година. Незамисливо е за вака сериозен стратешки документ наречен Студија, да се изврши снимање на бројот на возила по крстосници само во еден ден бидејќи се добива многу мал статистички примерок од кој неможе да се извлечат сериозни и издржани заклучоци. На овој начин не може да се види како овој број на возила варира по денови, месеци и сезони Замислете во истиот ден е извршено броење и на пешаците. Несериозно! Зошто не е извршено броење на велосипедскиот сообраќај? – додава Илиевска.

За проблемот со секојдневниот хаос во Битола, граѓаните се пожалија и претходно на состаноците на фокус групите, што ги организираше Здружението на граѓани, Медиа плус. Тие споделија дека во случај на непогоди се чувствуваат несигурно, а впечатокот е  дека доколку на пример, избие пожар, на надлежните ќе им треба многу време за да се пробијат низ улиците.

За ова побаравме коментар од првиот човек на Противпожарната единица, Костадин Поповски. Тој ни изјави дека проблем им е урбаната опрема на Широк сокак, каде пожарникарите тешко се пробиваат со службеното возило кога и секунди се во прашање.

За Поповски сепак најпроблематична е локацијата на самата пожарна единица.

-Приморани сме да одиме на кружниот тек па да се враќаме назад по булеварот, а има навистина густ сообраќај. Губиме многу време додека да стигнеме до објектот што гори. За да стигнат побргу, нашите возачи одат во еднонасочни улици и може да се случат лоши последици. Непријатно е и за самиот возач и за останатите учесници, а Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата не го амнестира – потенцира командирот на битолската Противпожарна единица.

Анализа: Сообраќајната безбедност како приоритет за граѓаните

Граѓаните пак, кои пред Здружението Медиа плус ги споделија своите размислувања за приоритетните проблеми за решавање, ги споменаа и хаварисаните возила, кои им пречат бидејќи зафаќаат значителен простор од улиците. Ова прашање го адресиравме до Општината, каде прашавме дали планираат да направат нешто на ова поле и какви се ингеренциите впрочем на локалната власт за да делување во однос на оваа проблематика.

Од Општина Битола во одговорот покажаа свесност за постоењето на проблемот, но не одговорија конкретно, туку посочија дека сведочат на непочитување на законските прописи, паркирање во зеленило, дури и уништување на вертикалната сигнализација и кршење на опрема.

Имајќи ги предвид наведените проблеми, Општината континуирано работи на подобрување на состојбата – тврдат надлежните.

 

Оваа публикација е изработена во рамките на проектот „Здружени сме посигурни и побезбедни” за ЗГ Медиа плус од Штип, која е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на ова аудио е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас.