Второлигашот ФК „Брегалница“ за четири години потрошил 923.000 евра општинските пари

Доколку граѓаните сакаат да видат како се трошат 15-16 милиони годишно за спорт, ќе треба да упатат барање по Законот за слободен пристап или да се пребарува во „Службен гласник“, каде нема детали за потрошените пари. Доделувањето на средствата не е со јавен повик. Во анализираните четири години само еднаш е распишан повик за доделување проекти за граѓански организации, но и овие извештаи не се целосни, што е главна забелешка во извештајот за финансиското работење на Државниот завод за ревизија, кој укажува дека дел од субјектите кои добиле средства од Буџетот, немаат доставено финансиски извештаи за користењето на средствата, што создава можност за незаконско и ненаменско користење на средства. Ревизорот укажува и на префрлувањето на пари за АД ФК „Брегалница 2008“.

Во периодот од четири години од 2016 до 2019 година на сметката на ФК „Брегалница 2008“ се префрлени околу 923.000 евра. Државниот ревизор во извештајот пишува дека општината  нема потпишано договор за регулирање на правата и обрските за финансирање, со што се намалува можноста за следење и реализирање на Програмата за спорт: „Општината не извршила контрола на потрошените средства, што и’ било обврска со Законот за финансрање на ЕЛС (чл. 26), стои во извештајот(ДЗР,2018).

На овој став е и советникот од ВМРО ДПМНЕ, Љубе Здравков, кој е член на Комисијата за финансирање и буџет и на Комисијата за спорт.

„Пред да се продаде клубот, доставените извештаи беа тотално неквалитетни, тотално неточни, манипулирачки. Нас советниците не’ става во недоумица како се трошат овие средства. Ние како опозиција дискутиравме на овие теми, укажувавме на недостатоците, укажувавме на ненаменско користење на средствата, меѓутоа бевме малцинство и не можевме ништо да направиме. Јас лично на некој начин на седница на совет бев замолчуван од мнозинството  да не зборувам. Посебно за надоместоците кои ги примаат одредени функционери во ФК „Брегалница“, како што е претседателот, директорите итн. Никој на моите прашања за висината на додатоците кои ги користат тие функционери, не даде одговор“, изјави Здравков.

Советникот потсетува на обврската Општината како малцински сопственик, да делигира свој член во Управниот одбор на „Брегалница“, меѓутоа според негови информации, таков член не е назначен. Тој член пред Советот на општината, на почетокот на годината треба да поднесе извештај за потрошените пари во „Брегалница“.

Од друга страна, градоначалникот Благој Бочварски вели дека е точно дека клубот бил голем трошок за градот, меѓутоа, со продажбата тој проблем е решен.

Фудбалски стадион на ФК Брегалница Штип
Фудбалски стадион на ФК Брегалница Штип

„Лани со продажбата направивме еден од најуспешните потези, преку кој ја послушавме и спортската фела.  Верувам дека со таквата продажба ќе придонесеме, а и веќе се гледа дека придонесуваме, за поуспешен клуб. Од друга страна, третиот момент е дека општината нема да биде единствениот финансиер на Брегалница и одовде значително се намалуваат средствата кои што Општина Штип ги дава за финансирање на овој клуб. Тоа е исто така, со донесена одлука на совет, по продажбата на берза, со договор меѓу мнозинскиот акционер и малцинскиот акционер во ФК „Брегалница“, вели градоначалникот Бочварски.

Две манифестации го празнат речиси целиот буџет за Програмата за култура

Програмите за спорт и за култура, години по ред предизвикувале контраверзии по начинот на трошење на парите, односно со одлуките кому да му се доделат парите. На начинот на доделувањето на средствата забележува и Државниот завод за ревизија, кој реагира на доделувањето на средства за манифестацијата Пастрмајлијада, забележувајќи дека не и’ е местото во  Програмата за култура, а проблем е според ревизорите, и немањето доволна транспарентност на поделбата на парите од Програмата за спорт. На ова укажува и анализата не само на овие две програми, туку и на останатите, судејќи според документите, кои се објавени во “Службен гласник“. Нема воедначеност на принципот на поделба на средствата, ниту единствена методологија. Со ретки исклучоци, нема јавни повици за доделување на средства од општинскиот буџет. По доделувањето на средствата главно изостануваат финансиските извештаи, а јавно, на интернет страната не се објавуваат добитниците на општинските средства.

Граѓанските организации во своите извештаи постојано забележуваат на потребата од поголема отвореност на општините во однос на трошењето на граѓанските пари.

Герман Филков од Центар за граѓански комуникации, укажува на потребата од запазување на принципот на трите Е.

„Каков и да е извештај, кој што вклучува спроведување на некоја програма или трошење на некакви буџетски средства, нормално е дека треба да содржи и податоци за тоа колку средства за што се потрошени  и уште повеќе –  кој бил планираниот резултат и кој резултат е остварен со трошењето на тие пари, за да може да се процени дали парите се целисходно потрошени.  И оние таканаречени „три Е“, кои ги мерат –  економичноста, ефикасноста и ефективноста во трошењето на јавните пари“, објаснува Филков од ЦГК.

На прашањето каде граѓаните можат да се информираат за финансиското работење на општината, се чини тешко дека ќе можат да се потпрат на интернет страната на Општината Штип. Кварталните извештаи за трошењето на средствата од можни 16 за овие четири години има поставено само три, и тоа во менито за Буџет, додека таму може да се најде годишна сметка само за една година. Мартин Тодевски од Центарот за управување со промени вели дека отвореност на општината, доколку граѓаните податоците и документите ги наоѓаат со три клика.

„Кога зборуваме за веб транспарентност, зборуваме за тоа колку се објавуваат на некој лесен начин за наоѓање од обичен граѓанин, добро да се структурирани на веб страницата бидејќи доколку пребарувате одредена информација на „Службен гласник“, навистина е тешко. Поентата е дека сите овие информации и извештаи треба да се објавуваат на видно место каде што на лесен начин можеш да ги најдеш. Постои правило во веб дизајнот, кое вели дека секоја информација треба да ја најдеш во три клика“, објаснува Мартин Тодевски од ЦУП.

Како пример за недостапност на податоците за потрошените пари се средствата за култура. Фестивалот на забавна музика Макфест, манифестацијата Штипско културно лето и Пастрмаjлијадата се трите главни проекти на оваа програма. Сите заедно црпат по околу седум милиони денари годишно од општинскиот буџет. Меѓутоа, и овде извештаите се скудни, описни, без значајни финансиски показатели.

Дали Советот треба да знае каде се трошат парите донирани за општинските манифестации?

Како дел од Програмата за културата е Пастрмалијадата, една од општинските манифестации со тродневни настапи на некогашните ЈУ ѕвезди и друга музичка програма со продажба на штипскиот специјалитет – пастрмаjлијата на отворено. Општината секоја година од општинскиот буџет доделува од 2 до 2,5 милиони денари, додека значајни се износите на донаторите, за што нема информации во официјалните општински документи, но, дел од износите откривме преку барањата според Законот за слободен пристап до информации. Според решенијата што се одобрени од Министерствтото за правда, со кои се признава дека донациите се од јавен интерес, во перидот од четири години (2016-2019 година), за Пастрмалијадата се донирани пари во вкупен износ 32.500 евра. Во поднесените извештаи за реализација на оваа манифестација, донираните пари никаде не се споменати, ниту пак има информација каде се потрошени.

Претседателот на Комисијата за култура, Иван Бојаџиски, вели дека не е работа на Советот и на Општината, да знае каде се трошат донаторските пари за Пастрмалијадата.

„Парите кои доаѓаат од приватни извори, Советот на Општина Штип нема ни обврска, а ни можност да ги знае освен ако тоа не е добра воља на донаторот да извести. Советот воопшто не расправа за таа работа, затоа што многу галама се крева околу тоа ако дојде некој од познатите ѕвезди, посебно од Србија, зашто на некој да се плати 40-50 илјади евра?! Тоа не е работа на Општината, бидејќи Општината не ги плаќа. Нив ги плаќа најголемиот спонзор на Пастрамајлијадата. Локалната самоуправа, советот и комисиите на советот немаат никаква врска со тој дел од парите за манифестацијата, кажа советникот Бојаџиски.

Општината, организирањето на оваа манифестација го додели за Здружението на угостители, за што никаде во официјалната документација нема договор или друг вид на потврда за делегирање на надлежност. Во стандардите и добрите практики на финасиска транспарентност се препорачува објавување на поширок спектар на информации од надлежност на општината, вклучувајќи информации од областа на урбанизмот, локалниот економски развој, културата, образованието, спортот, животната средина, социјалната заштита, тековните проекти на општината со финансиска конструкција и извори на средства и сл. Потоа, општините да објавуваат подетални информации за јавните претпријатија и установи формирани од нив, вклучувајќи го описот на дејноста, услугите и цените на тие услуги кои се нудат. Да се објавуваат финансиските извештаи кои јавните претпријатија и установи ги доставуваат на разгледување на советот на општините. Да се објавуваат извештаите од извршените ревизии на Државниот завод за ревизија и да се објавува извештај за тоа како општината постапила по препораките и забелешките на Државниот завод за ревизија, додека веб-страниците да не се користат единствено како промотивна алатка на градоначалниците, туку да се објавуваат информации кои им се навистина потребни на граѓаните, се само дел од препораките („Транспарентност и отчетност на и управување со финансиите во Единиците на локална самоупрва, ЦУП 2018).

Оваа сторија е изготвена со помош на грант доделен преку проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“ што го спроведуваат Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар, финансиран од Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на здружението Медиа Плус и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.