Вечерва промоција на книгата „Поткултура: Значењето на стилот”

Четиво за љубопитните умови и критички зналци од различните дисциплини во рамки на општествените и хуманистички науки – книгата насловена „Поткултура: Значењето на стилот” вечерва ќе биде промовирана во ГЕМ клубот во Скопје. Промоцијата на книгата, која авторски ја потпишува Дик Хeбдиџ, ќе биде проследена со дебата на која ќе говорот Владимир Милчин, режисер и професор и Славчо Димитров, теоретичар на културата и активист.

Настанот го организира Фондацијата Отворено општество Македонија од каде велат:

Покрај тоа што оваа книга нуди извонредна теориска и методолошка рамка за разбирање и анализа на различни поткултурни формации, значењето на истата во исто време се состои и во деталниот осврт и увид во суровиот емпириски и аналитички материјал, и деталите и гестовите на различните поткултури, од една страна, но и укажувањето на опасностите и методите за кооптирање, дифузија, разредување, присвојување и припитомување на субверзивната и критичка енергија на поткултурните движење од страна на главно-тековните и доминантни културни хегемонии.