Општините не помислуваат на „стечај“ иако со години се блокирани

Се’ додека некој градоначалник не отиде во затвор и одговара за злоупотребите, ништо нема да се промени во практикувањето на локалната власт. Ова е ставот на претседателот на Комисијата за финансирање во ЗЕЛС, Аце Коцевски, според кого,  работењето на одделни градоначалници е типична слика на изборна корупција со купување на гласачкото тело. Општините во годините наназад, вели Коцевски, нарачувале работи, купувале, граделе без да платат, главно во функција на додворување на граѓаните.

Зборот одговорност, засега се одбегнува.  При тоа, има општини кои десет па и повеќе години работат со блокирана сметка. Никој не помислувал на воведување на „принудна управа“ во општините, како што предвидува законот, ниту пак реагирало Министерството за финасии.

– Законот е јасен – кога сметката е блокирана повеќе од 30 дена, градоначалникот сам треба да алармира во Министерството за финасии. Потоа се формира комисија која управува со нејзиното финансиско работење, составена од по еден член од министерствата за финансии и за локална самоуправа, ЗЕЛС, градоначалникот и од Советот на општината. Но, извршните одлуки се на членовите на министерствата. Во поновата историја, ниедна општина во Македонија нема прогласено финансиска нестабилност, како што бара законот, вели Коцевски.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот од ревизијата на финансиската ефикасност на општините констатира дека во периодот од 2012 до 2016 година континиурано се блокирани седум општини. Во 2016 година 11 општини работеле со блокирана сметка со период од шест месеци. Кај една општина се евидентирани обврски дури 389% од реализираните приходи, констатира ДЗР. На ова не реагирала ниту една институција.

-Факт е дека во изминатите години општините се толерирани од Министерството за финасии. Се задолжувале општините, но уште полоша е ситуацијата во јавните претпријатија , чии основачи се тие, вели Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Неодамна беше донесен закон со кој општините и институциите кои ги основала се должни да доставуваат квартални финансиски извештаи за нивното работење до Министерството за финансии.

Задоцнета мерка

Законот го извади на површина долгот од 81,3 милиони евра на сите општини, без камати. Во овој износ не се пресметани долговите на оштинските институции и јавните претпријатија.

Државниот завод за ревизија со својот извештај уште пред една година предупреди на состојбите со општините. Општините се блокирани од извршни судски решенија, се задолжувале за изведување градежни работи, комуналии, а наследиле и обврски за неплатена експропријација кон граѓаните. Државата од државниот буџет на 19 општини им позајмила пари, иако две од нив биле во состојба на финансиска нестабилност. Половината од овие општини, парите не ги вратиле.

-Во една реченица – градоначалниците за да покажат дека се успешни, нарачувале работи,  не плаќале, а фирмите не смееле да кажат ниту збор, одговори актуелниот градоначалник на Берово, Звонко Пеќевски, кога го прашавме за долговите. Општината со над 13.000 жители,  што Пеќевски ја води, има долг од еден милион евра, колку еден општински годишен буџет. Половина милион евра е извршен налог од АГД Пелагонија од Скопје во стечај,  за изведени градежни работи на улици и патишта. Општината е блокирана, без шанси наскоро да се одблокира. Берово е првата општина што распиша повик за пријавување на долговите на доверителите со цел да се раздолжи со парите што треба да ги добие од државниот буџет. Меѓутоа,  Пеќевски вели дека слаби се изгледите до јуни да се одблокира, кога е крајниот рок, даден од неодамна усвоениот закон. Општината преговорите за намалување на долгот и откажување од каматите, што е даден приоритет со законот, треба да ги води со повеќе доверители на АДГ Пелагонија, фирма која е во стечај.

Дополнителни 24 милиони денари се долг за работи на тротоари, улици и други проекти, кои се нарачувале, а никогаш не се платиле. Општината им должи и на советниците, кои речиси цел мандат работеле без пари. Неколкумина ја дадоа општината на суд.

Берово доби 24 милиони денари од владата, но и тоа, смета Пеќевски, тешко дека ќе ја одблокира општината.

-Ова е спирала која нема крај. Казнети се граѓаните поради расипништвото на градоначалниците, вели Пеќевски.

Черчиловски комисии или вистинска одговорност?

Новата власт кога дојде најави дека ќе бара одговорност за работењето на своите претходници. Но, наместо општински бројчаници и враќање пари, државата го одврза кесето. Ова расжести дел од новите градоначалници, кои речиси цела година враќаа пари. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, за оваа една година од работењето вратил еден милион евра.

-Добро е дека владата одвои толку многу средства за општините. Ова е прв пат некоја влада тоа да го прави, но спорен е моралниот аспект на чинот. Градоначалниците се казнети затоа што работат според законот. Со ова, владата праќа порака дека поминуваат тие што кршат закон и работат недомаќински. Наместо да ги штити доверителите, државата ги штити должиците, беше дециден Коцевски.  Од кога дошол на чело во општината, Коцевски поднел над 10 информации  за незаконско трошење на општински до Обвинителството, но и една година подоцна, реакција нема.

Уште поостар е Марјан Николов од невладината ЦЕА.

-Покривање на т.н долгови на неодговорни градоначалници, а без никакво повикување на нивна одговорност е класичен морален хазард. Ова не е прв пат да бидат откупени хировите на градоначалниците и нивните патрони од централната власт. Оваа мерка без одговорност на градоначалниците, а заедно со недостаток на одговорност и казнивост на високата корупција и со ова тивко пардонирање на актерите од бомбите никако не е рефлексија на политичкиот естаблишмент кој ја води државата кон ЕУ вредностите, рече неодамна на дебата за општините,  Марјан Николов од невладината ЦЕА.

Од друга страна, некои од општините сметаат дека примарно е да се одблокираат, па потоа да се бара одговорност. Општина Пехчево има еден милион евра за враќање. Нова шанса за почеток се парите од државниот буџет во износ од 37 милиони денари, смета градоначалникот Драган Тренчовски.

-Тешко да се најде начин да се вратат парите што од 2012 година општината ги должи на фирмата Конти хидропласт за изведување на водовод. Дополнителни 34 милиони се утужени обврски, вели Тренчовски.

Куриозитет е дека градоначалникот и самиот е доверител на општината со која раководи. Неговото извршно решение од над 100.000 денари чека  реализација веќе неколку години, откако како советник не го добил законскиот надоместок. Над 20 милиони е долгот на ЈП Комунално. Работниците шест месеци се без плата, а пет години нема платено здравствено осигурување. Тренчовски, како и Коцевски е на став дека неодговорното работење на претходниците, мора да се расчисти. Во предистражна постапка се неколку дела за работењето на претходата власт во Пехчево.

 

Каде е одговорноста?

За одговорност, засега, малку се зборува во јавноста, иако во најголемиот дел од општините дојдоа нови градоначалници, кои на крај, во стилот на черчиловската, нарачаа комисии и извештаи, но јавноста не слушна дека некој презел одговорност. Доволно илустративен е и извештајот на Државниот завод за ревизија. Поранешниот јавен обвинител, Александар Наков вели и дека Обвинителството може да реагира по допрен глас, дојава, па дури и ако има сомнеж.

-Обвинителот оформува предмет, а потоа може да бара документи, по што може да донесе јавнообвинителска одлука. Кривичниот закон под злоупотреба ги опфаќа делата, влучувајќи ги и и тие врзани за работењето на градоначалниците, кои работејќи направиле штета за општината и граѓаните или намерно создале корист за себе, вели Наков и потсетува дека ова се кривични дела, кои повлекуваат казна затвор од најмалку три месеци.

Раздолжување кон компаниите, па потоа нова шанса за општините. Познавачите сепак, потсетуваат да не се случи реприза со случајот со болниците. Фондот за здравство им ги сведе долговите на нула, за само две-три години подоцна, долговите повторно да се наталожат.

 

Ова истражување е изготвено со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и БИРН Македонија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на здружението Медиа Плус,и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.