Штипската болница не бара помош туку кочанската да ги преземе своите пациенти

„ЗАГРИЖУВАЧКА ВЕСТ: Болницата во Штип бара помош“ е насловот на текстот објавен на македонски портал, каде се изнесени мисинформации. Се работи за кликбејт наслов, кој има за цел да привлече што повеќе читатели да кликаат и да ја отворат веста, додека текстот не информира дека не се бара помош, но, дека се работи за план  – кочанската болница да си ги преземе пациентите од својот регион.

Болницата во Штип бара помош од Кочани, 15 доктори и медицински сестри се позитивни на ковид“,

пишува порталот, кој во вториот дел од реченицата изнесува податок што беше споделен од директорот на Клиничката болница од Штип, Ален Ѓеорѓијев дека има персонал позитивен на коран вирусот.

Точно е дека Клиничката болница од Штип има намален број на доктори и медицински сестри, поради тоа што се болни од ковид, но алармантното информирање во насловот на порталот, всушност е активирање на планот за регионализација на здравствените институции. Според оваа регионализација, Општата болница во Кочани е должна да ги преземе пациентите од својот регион, кои се лекуваат во Штип.

Според тоа, не се работи за „барање помош“, туку постапување според правилата за регионализација.

Во текстот коректно се пренесува уште еден податок, дека од пациентите, кои се лекуваат во Клиничката болница од Штип, на Инфективното одделение, половина се пациенти од источниот регион.

Директорот на штипската Клиничка болница, Ѓеорѓијев, вели дека од речиси една третина од болни хоспитализирани на Инфективното одделение се пациенти од Кочани. Во последниот пик на корона вирусот, во штипската болница секојдневно се лекуваат по 55 пациенти, од кои меѓу 10 – 15 се од Кочани.

-Општата болница од Кочани има ковид оддел и ги има сите услови за згрижување и лекување на вакви пациенти. Мојата изјава беше дека во услови кога имаме намален број на активен персонал, односно заболени доктори и медицински сестри, кочанските пациенти треба да се лекуваат во болницата во Кочани, со што би се олеснил напливот на пациенти во Штип, како што е вообичаено во вакви услови, изјави директорот Ѓеорѓијев.

Штипската болница од минатата недела повторно во стави во функција капацитетот на Кожното одделение за болните од ковид. Модуларната болница со 45 кревети засега не е во употреба, токму поради намалениот персонал.

Од друга страна, Општата болница од Кочани по подолга пауза го активира Интерното одделение, каде до викендот (30.01) се лекуваше само еден пациент.

Ова се официјалните податоци, кои порталот делумно ги искористил под насловот кој  дезинформира, наведувајќи дека „штипската болница бара помош“.

Во услови на епидемија, кога здравствените институции се под притисок, насловот води кон создавање на несигурност, алудирајќи дека болницата на себе не може да си помогне, не пак на пациентите.

Здравствените власти повеќе пати до сега информираа дека има притисок на пациенти со ковид, меѓутоа, никој нема да биде вратен без укажување на помош.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.