Судењето за побелената река Брегалница никако да почне – презакажано за догодина во јануари

Не се одржа за денеска закажаното рочиште во Основниот суд во Штип за еколошкиот инцидент со испуштањето на хемикалија во реката Брегалница кај Штип, по што таа побеле. Инцидентот се случи во лани, на 23 јуни и е редок, ако не и единствен случај, каде беше откриен предизвикувачот.

Обвинета во случајот е странската компанија Техникајл текстајл, лоцирана во индустриската зона и нејзиниот извршен директор, Јенс Вендланд. На рочиштето, адвокатот на обвинетите, Благој Христов, побара одлагање на судењето и при тоа приложи медицинска документација за здравствената состојба на Венланд, кој имал оперативен зафат во Братислава, Словачка . Како доказ е понуден и извештај од вчера извршената коронографија.

Судијката Невена Перица го презакажа рочиштето за 17 јануари следната година. Термините за судење, како што рече, до крајот на оваа година се пополнети. Денешното е второ одложување.

Случајот, кој дојде до суд настана откако при пренесувањето на хемикалии од цистерна во фабриката, дојде до пукање на цревото, по што белата материја преку одводниот систем заврши во Брегалница. Реката побеле и така остана неколку часа. Брзата интервенција на граѓаните, кои повикаа институциите брзо да го најдат изворот на загадување, имаше резултат. По трагата на белата материја, се стигна во Техникајл текстајл.

Од Крим техника до документираа случајот, а на терен излезе и Еколошкиот инспекторат. Беа земени и примероци од водата, по што беше соопштено дека испуштената материја не е опасна по живиот свет. Инспекторатот донесе првична мандатна казна, а по резултатите од анализите тогаш беше најавено дека ќе се донесе и конечната одлука за казната, која се движи помеѓу 3.000 и 100.000 евра. Случајот заврши на суд, кој по една година се’ уште на почеток.