Со фотографија од акцијата во Диво Насеље бугарски медиуми јавуваат за заплена на бугарски возила во Струмица

Текст: Брутално! Вооружени до заби специјалци одземаат коли со БГ регистрации во Северна Македонија) (Брутално! Въоръжени до зъби спецчасти изземват коли с БГ регистрация в Северна Македония!) (glasnews.bg)

Писмото на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Бугарија до бугарскиот претседател Румен Рамен  во кое бара „заштита од притисокот на бугарофобијата во Македонија и на правата на Бугарите“, го издигна на највиско политичко ниво ова прашање во двете држави. Медиумите соопштија дека писмото е повод бугарскиот претседател Румен Радев да ги свика шефовите на безбедносните служби, кои како што потоа беше информирано, разговарале за „ преземање навремени мерки за соодветно заштита на правата на бугарските граѓани во странство кога тие се нападнати само поради нивниот национален идентитет “. Македонскиот претстедател Стево Пендаровски ова го нарече мешање во внатрешните работи на државата.

На овој развој на настаните кумуваа и медиумите, кои често пренесувајќи статуси од социјални мрежи, непроверени информации и дезинформации го разгоруваат говорот на омраза во двете земји.

Илустративно е пишувањето за јануарската акција на сообраќајната полиција, која во дел од бугарските медиуми беше искористена за да се информира дека е напад кон бугарските државјани, кои возат автомобили со бугарски регистерски таблички.

Дел од северномакедонската полиција во полна воена опрема – специјални единици,  беше рапсоредена во Струмица и масовно одземаше автомобили со бугарска регистрација. Ова го сигнализира Спас Ташев од Институтот за население и човечки студии при Бугарската академија на науките на социјалните мрежи. Според информациите, на граѓаните им било забрането да прават снимки“, пишува дигиталниот медиум glasnews.bg.

Авторот потсетува дека слична акција имало пред десетина години, кога македонската полиција дала рок бугарските возила да се пререгистрираат. Иако медиумот информира дека „на граѓаните им било забрането да прават снимки“, објавена е фотографија, како илустрација на акцијата на специјалците од Струмица.

„Ситуацијата се повторува, но сега е побрутално!“, пишува glasnews.bg, пренесувајќи го фејсбук статусот на Ташев.

Фотографијата што ја пренесуваат и други бугарски медиуми, со едно пребарување може да се види дека не е од улиците на Струмица, ниту е со датум од 2021 година. Се работи за фотографија на македонскиот фотограф Наќе Батев од мај 2015 година од кумановско Диво Насеље и полициската акција во која загинаа осуммина припадници на полицијата. Фотографијата е агенциска, но бугарските медиуми го скратиле делот каде е поместен заштниот знак со името на авторот и агенцијата за која е направена.

Македонското Министерство за внатрешни работи за преземените акции на сообраќајната полиција  има издадено соопштение насловено: „Возилата што се технички неисправни или учествуваат во сообраќајот со истечена сообраќајна дозвола повеќе од шест месеци се одземаат на 90 дена“

Согласно член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој стапи на сила на 26.12.2020 полициските службеници ги одземаат возилата кои се технички неисправни или учествуваат во сообраќајот, а важноста на сообраќајната дозвола им е истечена повеќе од шест месеци (нерегистрирани). Од стапувањето во сила на оваа одредба, до денеска, одземени се 24 возила (СВР Скопје- едно, СВР Тетово-осум, СВР Струмица-10, СВР Штип-пет). Согласно член 344 од ЗБСП, полицискиот службеник ќе го исклучи од сообраќај возилото кое не е регистрирано, за кое не е продолжен рокот на важноста на сообраќајната дозвола, за кое е утврдена техничка неисправност или кое нема пропишани регистарски таблици“ (12.01.2021 moi.gov.mk).

Новинарите и уредниците во новинарите носат голема одговорност за објавените содржини во медиумите, особено ако написите се засновани на дезинформации, кои потоа поттикнуваат говорот на омраза. Во случајов, поттикнување на говор на омраза кон цел еден народ, преку лажна фотографија, наведувајќи го читателот да мисли погрешно, во ситуација на напрегнати меѓудржавни односи, со вмешување на највисоките владејачки структури.

Етичкиот кодекс налага посебна внимателност на главните и одговорни уредници дека треба да бидат претпазливи во случаи кога дезинформациите водат кон поттикнување насилство од страна на публиката.