Се „плука“ по граѓанин лажно претставен дека е инспекторот што го затворил ресторанот во Гевгелија

Фотографија на млад човек сликан со поранешниот премиер Зоран Заев искористена да се впери прст кон него,  дека тој е инспекторот, кој изрекол казна од 7000 евра на ресторанот во Гевгелија. Само што човекот на фотографијата ниту е инспектор, ниту има врска со Гевгелија и УЈП.

Објавите од социјалните мрежи со кои се повикува на одговорност на наводниот инспектор, е искористена од македонски портал, за во насловот да напише: Советник на Левица го откри идентитетот на инспекторот: Ова е човекот кој го казни со 7 илјади евра угостителот во Гевгелија.

Саше Јанчев е советник од Левица во Општина Гевгелија, тој на својот Фејсбук го откри идентитетот на инспекторот кој го казни угостителот градот со казна од 7 илјади евра, казна која најверојатно ќе го примора да го затвори својот ресторан, пишува порталот, кој потоа целосно го споделува постот од Јанчев:

Ова од лево на првата слика е инспекторот по чиј налог за сертификати беше напишана казна од 7 000 евра и забрана за работа 10 дена на ресторан во Гевгелија. Сопственикот на ресторанот си беше гласен критичар на бившиот министер за задгробен живот, Венко, да оној за кого внатрепартиски си викаа ако падне Венко сите паѓаме, и ова сеа што се случи си има скриена порака. Пораката е да не бидете многу гласни оти коа ќе ве удрат со демократија по глава нема да знаете на кај да фатите, пишува Јанчев на социјалните мрежи.

Неговиот пост на Фејсбук е масовно споделуван и за 21 час од објавата вчера, па до денеска (15 февруари) има 100 споделувања. Меѓу тие што го споделиле постот е и актуелниот пратеник и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

Порталот, споредувајќи ја објавата на социјалните мрежи пренесува дезинформација, бидејќи човекот од фотографијата, наводниот инспектор, кој е буквално распнат на социјалните мрежи, не може да изрече казна и да го затворил ресторанот, бидејќи не е инспектор.

Стапивме во контакт со Мартин Колев, кој демантираше каква била вмешаност во случајот со гевгелискиот угостител изречените казни. Не само што неосновано е вмешан во случајот, туку тој и неговото семејство, поради тоа, станал предмет на недолично коментари, вознемирување на него и неговото семејство, па дури и закани.

Ништо од тоа не е вистина. Ниту работам како инспектор, ниту имам врска со УЈП, ДПИ, Трудов инспекторат  и со Гевгелија. По пишувањата се обратив во полиција, од каде рекоа дека може приватно да покренам тужба. Доколку не се отстранат објавите, ќе бидам принуден да реагирам, ни изјави Колев.

По консултација со адвокат, Колев до јавноста се обрати преку Фејсбук, посочувајќи ги политичарите и останатите, кои како што вели со објавата, се причина што му се нарушил мирот и угледот.

Тој ден ниту службено, ниту работно сум бил во Гевгелија! Јас како и сите граѓани на оваа држава сакам достоинствено и мирно живеење во нашето општество и никому нема да дадам за право тоа да ми го ускрати. Од членовите, генералниот секретар и лидерот на партијата Левица како и од порталите кои ја имаат објавено оваа дезинформација, барам јавно извинување, во спротивно ќе ги искористам сите правни средства кои ми стојат на располагање согласно позитивните законски прописи за одбрана на мојот чест и углед, пишува Мартин Колев.

Не е прв пат од јавни личности, политички партии и медиуми да се посегнува по личности, кои неосновано се ставаат во центарот на политичките пресметки преку споменување на имиња, нивните семејства и објавување на фотографии.

Во Кодексот на новинари и Насоките за етичко известување во онлајн медиумите се посветува посебен дел на потребата новинарите и медиумите да се држат настрана од животот на граѓаните, кои не се јавен интерес:

Онлајн медиумите ќе ги почитуваат и штитат индивидуалните права на поединците, освен во исклучителни ситуации кога јавниот интерес преовладува над индивидуалните права (правото на приватност, правото на углед и достоинство и др.).“

Пред да реши да ја објави содржината, новинарот треба внимателно да провери дали таа е навистина од јавен интерес. Ова особено важи за теми поврзани со корупција, организиран криминал или злоупотреба на моќта од страна на носители на јавни функции, кога новинарот има дилема дали да објави информација која е од јавен интерес, но со која може да го прекрши правото на приватност, правото на углед или да прекрши други законски одредби“.

(Насоки за етичко известување во онлајн медиумите)

Освен овие прекршувања, со пренесувањето на пост од Фејсбук, порталот го прекшил и правилото според кое, „при користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност“.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.