Починатите од Ковид не се како последица на колеж

Рецензираме текст чиј наслов „ Колеж: Починало 41 лице, позитивни 539“, е преувеличен и сензационалистички и служи како „клик-бејт“ мамка.

Насловот е за текст кој само ја пренесува редовната статистика на Министерството за здравство за бројот на новозаразени и починати лица од последици на ковид-19, а почетокот на насловот асоцира на сосема друго значење.

Зборот „колеж“ според Дигиталниот речник на македонскиот јазик означува масовно убивање во војна, конфликти и терористички напади. Во текстот никаде нема спомнато масовни убиства и војни, освен дневниот биланс на заразени, оздравени и починати лица, кој секојдневно го објавуваат сите медиуми во интегрална форма.

Проблематични се и фотографијата што го илустрира текстот, преку која се политизира текстот. Направена е монтажа од две слики, со кои авторот сакал да испрати порака дека додека луѓето умираат, министерот за здравство, Венко Филипче заедно со братот на премиерот Зоран Заев, Вице, во моментот ужива на плажа.Сервисот за проверка на факти Вистиномер фотографијата ја дебанкираше дека настанала пред две години, а не од ова лето, непосредно по пожарот на монтажната болница во Тетово.

Фотографијата е споена со слика од настан во Скопје, на кој се пуштаат кинески хартиени светилки кон небото. Ниту оваа слика не е соодвествува со текстот, затоа што кинеското звездено небо од хартиени светилки е симбол за среќа и благослов, а не ритуал за оддавање почит кон жртвите.

Факт е дека изминатите две недели, Северна Македонија е на врвот во Европа по бројот на починати на милион жители според Worldometers и дека ова е највисоката бројка во четвртиот бран на пандемијата со коронавирусот. Меѓутоа, смртноста е резултат на пандемијата, а не масакр.

Насловот го искористил истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ да ја коментира ситуацијата и да побара оставка од одговорните во власта.

Со овој наслов, новинарот кој го објавил текстот, го прекршил Кодексот на новинарите и членот 8 во кој се вели „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“.

Кодексот е прекршен  бидејќи текстот е информација за статистика со болни лица од сериозна заразна болест и тој треба да биде ослободен од сензационализам.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.