Пописот прoпаѓа ама во Фејсбук статусите пренесени како новинарски текст

Пренесен статус од Фејсбук полн со предвидувања и дезинформации, од електронски медиум е претставен како новинарски текст. „Пописот ќе пропадне? Еве колку народ одбил да се попише“, е насловот на порталот, во кој читателот очекува навистина да ја види бројката на луѓе кои учествувале во пописот и оние кои не се попишале.

Целата вест под овој наслов, е всушност само пренесен статус од Фејсбук профил на актуелен политичар, кој отворено застанува против статистичката операција.

„Знаете зошто Апостол не казнува за одбивање фалц-попис? Затоа што над 200.000 Македонци досега одбиле да се попишат! Ако почнат да пишуваат казни, ќе има евиденција, а вака нема траг.А според светските статистички стандарди, попис кој го бојкотирале само 2,5% од населението се смета за НЕВАЛИДЕН“.

Текстот прво ги прекршува новинарските стандарди и првилото да се провери информацијата, без оглед каде авторот да дознал. Со тоа, новинарот дозволил искривување на вестите и манипулирање со информациите. Тој пренел Фејсбук статус на политичар, без да додаде второ гледиште, пример на Државниот завод за статистика (ДЗС) како надлежна институција, која го спроведува пописот. Текстот не обезбедува базична проверка и какви било дополнителни информации што би придонеле за подобро разбирање на информацијата и претставување на целосниот контекст и различните гледишта на темата.  Премолчувањето на фактите кои можат да влијаат врз формирањето на ставот на читателот е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски, вели дека ваквите информации се „надвор од реалноста“.
На прес-конференцијата по завршувањето на пописот, Симовски потенцира дека е занемарувачка бројката на оние граѓани кои одбиле да се попишат, но сепак деновиве треба да се собере и точно ќе се знае колку се. Против нив вели ќе бидат покренати соодветни пријави. Бројката вели може да се изрази во промили, а не во проценти.

Со објавувањето на ваква вест, новинарот ги прекршува Кодексот на новинари и Насоките за етичко изместување во онлајн медиумите.

„Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда“.

Дополнително спорна е и самата фотографија, на која е прикажан документ, кој е целосно нечитлив и го заведува читателот дека се работи за некои важни пописни информации кои се сокриени. Кредибилноста на ваквата фотографија не може да се процени, а читателите намерно се доведуваат во заблуда.

 

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.