Отпадот обврска на општината, совест на граѓаните

Собирањето и изнесувањето на комуналниот отпад од домаќинствата е темата која струмичани ја определија како примарна за решавање од страна на општината. Граѓаните бараат почесто изнесување на отпадот, а во делови од градот да бидат заменети и садовите во кои тие го фрлаат ѓубрето. Од јавното претпријатие за годинава најавуваат набавка на нови контејнери, но повикуваат и на поголема свест на граѓаните во депонирањето на отпадот. Нашиот новинар Ване Трајков ги пренесува очекувањата на граѓаните и одговорите на општината.

Анита Јованова со нејзиното семејство живее во населбата Девијација во Струмица. Таа секое утро на заминување го депонира семејниот отпад во контејнерите пред нивната улица. Но, според Јованова, двата контејнера не се доволни за станарите кои живеат во зградата. Истите се полнат речиси во еден ден, за што од ЈП “Комуналец“ бараат почесто собирање на отпадот.

– Го собираат, не влеам не, ама треба или почесто да го собираат, на пример, дневно, или да однесат повеќе контејнери. А и контејнерите не се добри. Скршени се, беа капаци…треба почесто да собира ѓубрето, бидејќи засмрдува, вели Јованова.

Мислењето на Јованова го делат и други струмичани кои живеат претежно во периферните делови од градот. Тврдат дека редовно и комплетно не се собира ѓубрето. Се жалат и на нефункционалните садови, каде треба да го оставаат.

– Ако треба да се чисти секое утро или ако контејнерите треба да се чисти, не се. Не знам што е проблемот – дали имаат малку контејнери или нелеродно се одржуваат.

– Ѓубрето го собираат ама не се собира комплетно, останува.

– Не се многу чисти. Градот е на најниско ниво.

– Кога ќе го подигнат ѓубрето околу него стои цело.

– Во нова населба има стари контејнери, го подигнуваат контејнерот, а се околу него останува депонија и од ден на ден ѓубрето се трупа се’ повеќе и повеќе, велат струмичани.

Отпадот во Струмица се собира двапати неделно, по однапред утврден редослед по реони. Директорот на “Комуналец“ Зоран Ѓеоргиев, не ја исклучува можноста дел од вработените темелно да не го собираат отпадот, за што побара пријавување на ваквите случаи. Во делот пак на садовите за собирање на отпад, призна дека се стари и дотраени.

– Секоја година јавното претпријатие заменува 30-50 контејнери , така што, тоа редовно го вршиме. Еве и оваа година сме во тек на постапка за набавка на контејнери. Тие доста често се уништуваат од страна на несовесни граѓани, морам да кажам, така што доста средства трошиме, искрено да кажам на тоа одржување и заменување во тој дел. А во делот на кантите, правиме напори во текот на оваа година да обезбедиме количина која е потребна за целокупно покривање на градот Струмица, за сите корисници, значи 9-10.000 канти ни се потребни и тоа ќе го предвидиме во Буџетот, затоа што навистина кантите се во една навистина лоша состојба, вели Ѓеоргиев.

Вината и кај граѓаните
За лошата состојба на контејнерите виновни сме и самите, тврдат струмичани кои признаваат дека во таа насока не водат доволно грижа.

– Треба да се работи како од страна на “Комуналец“, така од страна на свеста и совеста на граѓаните.

– Мислам дека “Комуналец“ води доволно грижа за ѓубрето и отпадот во градот но, треба и граѓаните да обратат поголемо внимание во однос на нивната свест, да знаат каде да го фрлаат отпадот, да не го фрлаат во огромни количини.

За подигнување на свеста на граѓаните аплираат и од “Комуналец“, бидејќи по секоја исчистена се појавува по една нова депонија каде се фрла отпад.

– Работиме по тој ден, но треба да се вклучат и невладините организации и граѓанскиот сектор сето тоа да помогне генерално во подигнување на свеста на граѓаните. За дивите депонии многу често и ние самите си поставуваме прашање зошто се создаваат. Нема потреба. Многу граѓани од Струмица непотребно носат смет, непотребни работи, шут или каков било тип на друг отпад на некои диви депонии кои сами ги создаваат по локални патишта итн, изјави директорот Ѓеоргиев.

 

Решение во селекција на отпадот
Струмица е еден од почистите градови во земјата, тврдат еколологистите. Првиот човек на ЕД Планетум, Митко Шопов вели дека како еколошко друштво реагираат до “Комуналец“ секогаш за неисчистените контејнери или депонии, но и работат на подигнување на свеста кај граѓаните. Тие предлагаат конечно да се размислува за селекција на отпад.

– Треба да се постави цел систем на вредности, треба да се обезбеди соодветна инфраструктура за да може граѓаните да го селектираат отпадот и да го даваат на соодветни места. Јас би сакал тоа да се случи во блиска иднина, но , не сум оптимист, мислам дека ќе почекаме доста години, рече Шопов.

Отпадот од Струмица завршува во депонијата Шапка. За услугата собирање, транспортирање и складирање на отпадот струмичани плаќаат по 250 денари месечно. Токму цената беше камен на сопнување што овој бизнис во струмичко не го презедоа странци, кои беа заинтерсирани за управување со отпадот од Југоистокот.

 

 

Што вели законот?
Општината во своја надлежност го има собирањето, изнесувањето и депонирањето на отпадот од домаќинствата и правните лица. За таа дејност, формира јавно комунално претпртијатие, кое се грижи и за јавната чистота. Јавното претпријатие се грижи за воспоставување на систем, со кој ќе се обезбеди место и простор за одлагае на отпадот.

Од своја страна, создавачот и/или поседувачот на отпадот се должни да ги сносат сите трошоци настана- ти при управувањето со отпадот, вклучувајќи ги и трошоците за собирање, транспортирање, третман, складирање, отстранување, превенција и мониторинг на отпадот, како и тро- шоците за санационите мерки за штетата којашто ја предизвикал отпадот или штетата која- што би била предизвикана со отпадот.

За оваа услуга, јавното претпријатие наплаќа за услугата, според цената определена од операторот на депонијата, во Тарифникот за депонирањеотпад.Тарифникот за депонирање на отпадот се формира врз основа на пресметката на це- локупните трошоци за инвестирањето, изградбата, работата, одржувањето на депонијата, како и трошоците за грижата за депониите по нивнотозатворање.

Ова го пропишува Законот за отпaд, каде стои дека на предлог на градоначалникот на општините, советот на општините е должен да определи стимулативни цени за домаќинствата, правните и физички лица кои врз основа на воспоставени системи за селектирање на отпадот ја намалуваат вкупната количина на комунален отпад наменет за отстранување надепонијата.

Законот уште предвидел задолжително селектирање на отпадот, но во малку општини тоа се прави.

Градоначалникот според законот е тој кој е одговорен за нормалното фуннкционирање на дејностите дадени во негова надлежност, за што одговара пред граѓаните. Граѓаните пак од своја страна, имаат право поединечно или заедно со другите да доставуваат претставки и предлози за работа на органите на општината и општинската администрација.

 

Градоначалникот е должен:

1. Да создаде услови за доставување претставки ипредлози;

2. Во определен рок да достави образложен одговор до подносителот. Според Законот за претставки и предлозирокот за одговор може да биде од 15 до 30 дена од денот на приемот на претставката, односно на предлогот, во зависност од областа за која се однесува;

3. Оние претставки и предлози коишто не се однесуваат на работи во надлежност на општината, да ги достави до соодветен надлежен орган и да го извести подносителот затоа.

  • Предлозите и преставките се однесуваат на На општината и на нејзините услуги, како на пример: услугите што општината ги дава на граѓаните, нивната организација, процедура, обрасците, достапност на информации, достапност на службениците, однесување и љубезност на службениците, знаењето на службениците, но и на работата на јавните претпријатија, и комуналните претпријатија.
  • Претставките се поднесуваат до градоначалникот преку архивата наопштината.
  • Градоначалникот е должен во разумен рок на одговите на преставките и предлозите.
  • При изготвување на прописи на општината, при одредувањ на цена на комунални услуги, како што е цената на изнесувањето на отпадот, советот, односно градоначалникот, може претходно да организира јавни трибини, да спроведе анкети или да побара предлози од граѓаните.
  • Вообичаено, во општините и комуналните претпртијаија има посебни служби за корисници, со бесплатен телефон и електронска форма каде може да се пријави одрден проблем.

 

Еден од поакативните системи на електронска пријава на проблем е во општината Струмица. На интернет страницата Систем 48, http://sistem48.strumica.gov.mk/index.php

По електорнски пат може да се пријави проблем. Само во текот на јануари и февруари поднесени се неколку десетина пријави за кои граѓаните бараат решение. Најчестите пријави се за замена на уличните светилки. Барањето да се собере смет од одредена локација е втор најчесто пријавен проблем. Според јавниот извештај, поголемиот дел од пријавите се решени.