Одрони и нестандардни патишта закана за безбедноста на жителите на Кривопаланечко: Локалната власт бара помош од централната за решавање на проблемот

Ако патувате кон градот Крива Паланка од селата сместени во југоисточниот дел на територијата на оваа општина, треба да бидете особено внимателни. Можно е да наидете на одрони на патот, придружени со дупки, па и кал во врнежливите денови што го прави патувањето небезбедно. Ваквите сообраќајни услови се и најголем локален заеднички проблем за жителите на кривопаланечките села Станци и Дурачка Река.  Зиме кога има снег понекогаш тие сами го чистат патот, за да може да стигнат до градот од кој се оддалечени неколку километри.

Еден од нив е и Орце Христовски, жител на Дурачка Река. Вели на оваа тема, политичарите најмногу дискутираат пред избори, но по нивното завршување, сепак не се доаѓа до некое долгорочно решение.

„Патот од селото до градот не е безбеден ниту во летниот, ниту во зимскиот период. Има одрони и многу дупки поради кои ги кршиме колите. Зиме не е исчистен патот, само се снаоѓаме па го чистиме со лопати, фрламе песок и земја. Најголем проблем сепак, ни прави свлечиштето. И претходната и оваа власт ни ветуваше пред избори дека ќе има санација. Ќе поминат изборите и пак ништо не се случува. Наводно за санација биле потребни еден милион евра, јас не верувам дека е потребна толкава сума“, истакнува Христовски за Канал 77 потсетувајќи дека неодамна имало камен на патот. Вели, зиме малку да ви се лизне автомобилот, веднаш ќе удрите во каменот и може да се случи незгода.

„Надлежните доаѓаат и тоа со багер и истиот ден чистат, но сепак треба да се направи добра санација, да се стави потпорен ѕид.  Тие доаѓаат со багер, собираат и мислат дека е решен проблемот. Нема мрежа, нема бетонски ѕидови ни ништо. На патот пред 6 години е направено бај пас само, не е добро направен, не е безбеден. Наводно имаше мерења на патот од другата страна за да се прави тој пат пред избори, но ништо не се случи. Патот е катастрофа, не се чисти“, додава Христовски.

На оваа тема разговараме и со Јасмина Јакимовска од село Станци. Оваа жена, која стои на чело на месната заедница во своето село вели дека патот кој води кон градот е генерално добар, но сепак е небезбеден поради одроните, а врнежливото време само го продлабочува проблемот.

„Патот е асфалтиран и една година по асфалтирањето се урна дел од ридот. Имаше ветување дека нешто ќе се направи, но ништо нема од тоа.  До градот селаните одат со автомобили, некои со сопствени автомобили или со такси, кој како ќе се снајде. Јас пред два месеца се јавив во општината, да се реагира за да не ни се прави кал. Разговарав со лице од општината и ми вети ќе донесат гребен асфалт, но ништо. Значи не мора асфалт да биде, има дупки, зимно време се замрзнува и ризично е, нека стават тампон или слично“, смета Јасмина.

Фото: Фејсбук

За поголема безбедност на жителите се бара „финансиска инекција“ од централната власт

Првиот човек на општината, Борјанчо Мицевски е свесен за проблемот. Тој ни изјави дека на патот од овие села кон градот постои свлечиште од пошироки размери. Санацијата според градоначалникот, е многу скапа и локалната самоуправа не може сама да си дозволи еден таков зафат, но уверува дека се прават напори да се обезбедат средства.

„Уште на почетокот на мандатот јас инервенирав на потегот над мостот кој води кон селото Дурачка Река и направивме ревитализација. Од друга страна, пред клучката за село Станци постои поголемо свлечиште  коешто е од пошироки размери.  Во таа насока,  досега имам разговарано со поголем број експерти односно стручни лица и професори од Градежниот факултет па и со луѓе од институции. Проценките се дека само за првичните испитувања, односно бушењата коишто треба да бидат направени  за средување на самата подлога, за да се направи тлото поздраво и да се направат евентуално темели за потпорни ѕидови, ќе треба да се потрошат околу 1, 5 милиони евра. Толку средства Општината нема, тоа е сериозен зафат и ние правиме напори за обезбедување  помош од некоја од државните институции. Не размислуваме дека проблемот не е решлив“, потенцира Мицевски.

Во меѓувреме, се прават ад-хок решенија за овој пат кој е под надлежност  на општината. Додека се чека зелено светло за потребните парични средства, со наносите и одроните се справува јавното претпријатие „Комуналец“. Одржувањето на сите локални патишта е дел и од годишните програми на општинските комунални инспектори, но кога е во прашање итна ситуација се постапува веднаш со работен налог – објаснува Бранко Велиновски, кој е комунален инспектор, но стои и на чело на Одделението за инспекциски надзор во Крива Паланка.

„Се случува да имаме одрони на патиштата, па во тој дел ние имаме годишна програма за одржување на локални патишта и се бира на тендер, односно на јавен оглас, правен субјект кој врши чистење и одржување на тие површини. Сегде каде што граѓаните ќе не’ известат и мене директно, ние реагираме. Чистењето на одроните и наносите го врши комуналното претпријатие, досега е интервенирано на пример, за паднати карпи и за камени блокови.  Постапуваме во зависност од тоа за каков проблем се работи.  Кога треба брзо да се дејствува немаме време за административна процедура и тука директно се оди со работен налог за отстранување на одрони на пат на одредена локација. Тука ЈП Комуналец излегува и го отстранува тоа, но ако е зафатено возилото односно механизацијата наоѓа некој друг подизведувач со кој соработува. Тие работат под наш налог, но не за се’, само за ситуации во кои има висок ризик по животот и здравјето на граѓаните“, потенцира Велиновски за Канал 77.

Мини-депониите и пркосат на живописната природа во селата

Но, проблемот со свлечиштето, односно со одроните и камењата на патот не е единствениот кој ги мачи жителите на општината Крива Паланка. Тие ги споделија своите размислувања околу тоа што според нив, е најприоритетно за решавање, откако беа прашани за ова на работилницата којашто ја организираше Здружението „Медиа плус“. На дискусијата истакнаа дека имаат проблем со хигиената и сметот по улиците. Него, со четири возила го собираат вработените во Јавното претпријатие „Комуналец“, чиј директор вели дека имаат добиено уште две возила, кои се’ уште не се пуштени по употреба бидејќи чекаат да заврши процесот на регистрација.

Фото:  Архива /  Прво возило за смет од 10м³ добиено преку ИПА програмата за регионален развој на Европска Унија.

Директорот, Миле Марковски сепак смета дека кај дел од граѓаните постои ниска совест, па постојано се создаваат мини-депонии.

„Има проблем со луѓето кои исфрлаат шут кој не е комунален, а го оставаат покрај контејнерите. Набавивме контејнери од метал, сега набавивме 40 пластични, но неодамна еден беше запален. Тоа пак говори за ниската свест кај поединци, некои од нив фрлаат пепел сега во зимскиот период и се запалува. Затоа често ги опоменуваме и известуваме граѓаните да не го прават ова, да не создаваат мини-депонии, туку да се јавуваат на нашите телефони за собирање на градежниот шут или за градинарските производи што ги фрлаат околу контејнерите. Тоа создава грда слика, па собираме и ваков отпад со трактор, со други возила. Не е добро да се каже дека дел од граѓаните имаат ниска свест, но токму тие понекогаш реагираат дека не собираме доволно“, ни изјави Марковски.

Фото: Архива / расчистување на една од најстарите депонии во Крива Паланка, лоцирана кај локалитетот Башичево лозје.

Токму постапувањето со отпадот е најголем проблем во областа на локалниот комунален ред, според инспекторот, Бранко Велиновски.

„Ние сме ридскопланинска општина  и многу тешко изминатиот период се поставуваше систем за организирано собирање на отпадот во секој дел од градот. На подрачјето на општината имаме и 33 рурални населби и многу малку имаме организирано собирање отпад таму бидејќи тие се мали и се од разбиен тип, а немаме добра инфраструктура и многу е тешко да се справиме со сите тие проблеми бидејќи зависат од граѓаните. Сепак, во голем дел зависат и од институциите, односно од можностите и средствата што  ги имаат локалните самоуправи. Ние сме една мала општина и многу малку можеме да издвојуваме средства за овие работи за да воспоставиме комунална област каде што ќе се почитуваат сите тие нормативи и законски рамки за постапување со отпад, за регулирање на разни работи“, вели тој.

На проблемот со отпадот особено се жалат жителите на селата, бидејќи таму се носат отпадоци од градот, а тоа за Канал 77 го потврдува и Орце Христовски кој живее во Дурачка Река.

„Отпадот од град ни го носат луѓето и го фрлаат во селото. Некој дома нешто ќе реновира и со приколка го носат кај нас, вреќи од поликолор, вреќи од цемент, се’ е таму.  Веќе е создадена дива депонија. Не го палат, бидејќи така би се запалила цела шума“, додава Христовски, а со сличен став е и Јасмина Јакимовска од село Станци.

„Јас имам бавча и околу неа има депонија, јас кога ќе седнам таму да се напијам вода немам каде да седнам. Се фрлаат бетонски цигли, кој што донел, се’ тука има фрлено“, ни изјави Јакимовска. Дополнително, ситуацијата ја комплицира тоа што во селата нема доволно контејнери, а истовремено надлежните немаат обврска со возилата за собирање смет да поминуваат целосно низ руралните средини на територијата на Крива Паланка.

„Има контејнери во долниот дел од селото, но ние што  живееме погоре немаме. Јас мојот отпад дома го палам, а тоа што не се пали го носам до контејнерот. Не фрлам како што фрлаат другите. Отпадот од град ни го носат луѓето и го фрлаат во селото. Некој дома нешто ќе реновира и со приколка го носат кај нас, вреќи од поликолор, вреќи од цемент, се’ е таму.   Веќе е создадена дива депонија“, вели Христовски.

Жителите на Станци, преку месната заедница чиј претседател е Јасмина Јакимовска, веќе реагирале кај локалните власти.

„Селаните реагиравме и баравме да се излезе на терен поради отпадот. Ни ветија ќе се собере отпад од кај селските гробишта, сакавме да се загради местото, но ништо не се случи. Не знам зошто е тоа така. Ние немаме контејнери и тоа е катастрофа. Неодговорност е на самите луѓе, имаше најава дека ќе дојде трактор,  а и селаните сами сакаа да отидат да исчистат ако има акција, но ништо. Треба да се направи состанок и да се најде заедничко решение.  Јас имам дуќан и отпадот го собирам па го носам во контејнери, а до контејнер одам два километра. Лично јас така правам. Ние не го фрламе ѓубрето во река, во неа си переме јамболии. Отпадот го фрлам во Дурачка Река“, вели Јакимовска.

Комуналната инспекција пак, во кривопаланечките села регистрирала 78 диви депонии – нагласува инспекторот Велиновски. Тој нотирал дека со почнувањето на пандемијата и особено со воведувањето на полицискиот час се создала уште поголема количина на отпад, откако луѓето почнале да посветуваат повеќе внимание на чистење на своите подруми и дворови.

„Луѓето сепак, се’ уште имаат некои патријархални мислења дека се’ што ќе се внесе во куќата не треба да се изнесе. Затоа, она што е вишок го транспортираат во руралните места од каде потекнуваат голем дел од луѓето што живеат во градот. Тие мислат дека  таквите работи можеби некогаш ќе ги искористат па ги носат во селата и се случува некогаш она за кое ќе сфатат дека не им е потребно да го остават на патот. Затоа, локалната самоуправа откако го увиде тоа постави табли за забрана и испрати соопштение до медиумите е забрането истоварање на отпад, а се зајакнаа и редарските контроли“, додава нашиот соговорник.

Коментар на оваа тема побаравме од директорот на Комуналец, Марковски кој објаснува дека Советот на Општината точно го прецизира реонот во кој ова Претпријатие треба да го собира сметот. Според тоа, вработените не се надлежни за да одат во сите села, кои пак, се од разбиен тип и не може да се опфатат сите домаќинства.

„Од граничен премин Деве Баир до село Длабочица кон Скопје – тоа се’ е опфатено во нашата работа. Но не можеме да ги опфатиме Станци, или Дурачка Река. Во Дурачка Река собираме дел од сметот, она што е до училиштето. Не можеме да одиме низ целото село, селото е големо. Градец, Габар, тоа се поодалечени села кои не создаваат целина, нема пристап, не се асфалтирани патиштата. До училиштето во Дурачка Река одиме два пати, но селото е доста проширено и целото не може да го опфатиме, немаме услови поради патната инфраструктура и поради разбиеноста на селото. Тој опфат што ни е даден, тој го држиме. Имаме 30 километра опфат кој го држиме како реон – сите села кои се „залепени“ со градот ги опфаќаме но само дел, а целите не. Станци не влегува тука, иако граничи со Дурачка Река, но ова село не е ставено во опфатот“, објаснува првиот човек на „Комуналец“.

Фото: Работа на терен на вработените во ЈП „Комуналец“

За да се намали отпадот во селата, градоначалникот Борјанчо Мицевски вели дека треба да се промени и свеста кај излетниците.

„Треба да се промени и поединечната одговорност, дека кога одиме во природа сето она што ќе ни се најде во автомобилот ние не треба преку прозор да го отстраниме фрлајќи го, без да се свртиме и да видиме во каква состојба ја оставаме животната средина“, вели Мицевски.

Локалната власт со високи очекувања од новите законски измени и Стратегијата за регионално управување со отпад

Во меѓувреме, тој се пофали дека во урбаниот дел од општината каде изминатата година се поставени 40 нови контејнери, отпадот се селектира, но истовремено се работи и на стратегија за негово регионално управување.

„Крива Паланка е потписник на Стратегијата за регионално управување со отпад. Во таа Стратегија преку Европската комисија во источниот и североисточниот регион, се пристапува кон регионално управување со отпад. Согласно тоа, се прават неколку претоварни центри, една главна депонија кај  Свети Николе и цел регион ќе го преработува отпадот без да имаме пластични ѓубришта и мини депонии на локално ниво. Очекуваме да се исчистат сите диви депонии, а да не се креираат нови.  Со ова, депонијата кај село Конопица ќе биде култивирана и трајно затворена, па ќе биде ставена како зелена точка во следниот период“, најавува градоначалникот кој смета дека подобриот комунален ред ќе привлече и повеќе туристи.

Неговото воспоставување е комплицирано според нашиот соговорник Велковски, бидејќи како што забележува тој, има недореченост во законите.

„Некои работи треба да се поедностават, бидејќи во нашата работа има административна процедура. Во законската регулатива има некои недоречености, на пример за ист прекршок имаме санкции според два различни закони – Закон за јавна чистота и Закон за отпад. Сега ако ја примениш помалата казна ќе испадне дека си пријател со оној што се огрешил пред законот, а ако ја примениш поголемата испаѓа дека имаш нешто против тоа физичко или правно лице“, коментира раководителот на Одделението за инспекциски надзор, кој до неодамна беше единствен комунален инспектор во општината.

Дејностите кои ги контролира комуналната инспекција според постоечката законска регулатива се 24 на број. Според Велковски, решавањето на проблемите од овие дејности лежи во мултисекторскиот пристап.

„Јас би рекол симболично дека решавањето на овој проблем може да се спореди со автомобил со 4 тркала.  Едното тркало се граѓаните, другото се институциите, третото тркало го претставува законот и четвртото инспекциската служба.  Ако некое од тркалата не е функционално, нема општествена одговорност кај граѓаните, инспекторите не се однесуваат одговорно, ние не можеме да имаме соодветни резултати. Тука треба да се направи една системска анализа и да се воспостави систем којшто ќе биде продуктивен и ќе дава резултати“, додава нашиот соговорник кој е оптимист дека сликата на терен ќе почне да се подобрува со имплементацијата на законите за управување со отпад.

Пакетот закони за селекција и управување со отпадот според ЕУ стандарди, помина на владина седница на 22 – декември. Новите законски решенија предвидуваат јасно дефинирање на обврските на општините за овозможување на сите неопходни услови за селекција на отпадоците од страна на граѓаните,  нови нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил како и воведување хиерархија во постапувањето со отпадот.

Оваа публикација е изработена во рамките на проектот „Здружени сме посигурни и побезбедни” за ЗГ Медиа плус од Штип, која е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на ова аудио е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас.