Нова грантовска поддршка од ЕУ за младински активизам

На 17 декември, Делегацијата на Европската Унија во Скопје ги консултираше граѓанските организации за тематските приоритетите и потенцијалните активности што ќе бидат финансирани со претстојниот Повик за предлози од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) 2020, Инструмент за поддршка на граѓанското општество. Повикот за предлози Поддршка на граѓански младински иницијативи, активизам и волонтирање во локалните заедници ќе биде објавен во првиот квартал од 2021 година. Главната цел на Повикот е да го поддржи зајакнувањето на младите и нивната економска независност и да го промовира младинскиот активизам. Со него ќе бидат опфатени три приоритетни сектори: а) Младински активности за подобар просперитет и иновативност во локалните заедници; б) Младински активизам и волонтирање во подобрување на отпорноста и зазеленување на локалната заедница; в) Младинска работа за обезбедување социјална инклузивност на локалната заедница. Во секој од приоритетите, особено ќе се води сметка за родовата еднаквост.

„Се’ помалку млади се во граѓанскиот активизам“, рече Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија. „Затоа сакаме да поддржиме иницијативи од младите. Со тоа, младите да бидат поамбициозни, да не бидат статични, да гледаат напред. Во првиот квартал во 2021 година ќе објавиме повик, преку кој ќе доделиме два милиони евра. Но ќе се доделат на организации во кои проектните тимови се 75% млади под 30 години, од тоа, 50% да бидат жени, а останатите 25% од ангажираните, може да бидат повозрасни, објасни Бертолини. Соработка со локални власти е исто така многу битна“, истакна Бертолини.

Учесниците во консултациите истакнаа дека е потребна системска поддршка за вклучување на младите во општините, кои се главен двигател на нашето општество. Исто така, ги нагласија промените во структурата на младинските здруженија кои се должат на генерациските промени и иселувањето. Па така, здруженијата кои почнале со многу членови, активности и настани, со текот на времето, заради заминување на студии или во странство, се соочиле со намалување на членството и активностите.

Ирена Иванова, одговорна за граѓанско општество во Делегацијата на Европската Унија, информираше дека очекуваната временската рамка за проектите би требало да биде од 24 до 40 месеци. При тоа, волонтирањето може да се третира како кофинансирање. Иванова исто така  истакна дека општините не можат да бидат апликанти, ниту коапликанти, меѓутоа , важно е локалните власти да бидат вклучени, односно да бидат партнери во проектот, а значајни ќе бидат иницијативите на локално ниво и иновативантниот пристап.

Иванова ги покани организациите писмено да ги достават своите потреби и приоритети  најдоцна до 28.12.2020) на: Irena.IVANOVA@eeas.europa.eu.

Организирањето на настанот беше поддржано од Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка во партнерство со Медиа плус од Штип и Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар.