Наместо да ги остранат градските власти ги создаваат најголемите диви депонии во Полошко

Во полошкиот регион моментално има 80 диви депонии, каде има над 10 000 тони отпад. Складови со ѓубришта има насекаде – долж течението на реките, покрај делниците, низ нивите, во доловите, низ планинските подрачја. Јавните комунални претпријатија наместо да ги решаваат проблемите со сметот, тие се практично најголемиот извор на создавање на диви депонии. Ова се провлекува со години, додека од политичарите и локалните власти има само долга листа на нереализирани ветувања. Овој дводецениски список е предмет на истражувањето на Зоран Димовски.

Купиштата смет ги создаваат несовесни граѓани кои го фрлаат сметот каде ќе стигнат, нив никој не ги казнува, а депониите ретко се чистат, затоа и количините со смет во овој регион се драстични. Класичен пример се претоварните станици на Јавното комунално претпријатие Тетово изминативе две децении. До сега неколку пати се менувале локациите каде претпријатието го претоварал комуналниот смет собран од домаќинствата, но, претоварот се вршел и се’ уште се врши без никакви стандарди.

Сметот пред да се носи во скопската депонија Дрисла се истовара од малите камиони на земја, па потоа се товара на големите камиони и шлепери. Практично и така се создаваа најголемите диви депонии во тетовско, за кои на хартија пишува дека се претоварни станици.

Како се менуваа локациите за претовар на сметот така се загадуваше и почвата, а со тоа подземните води и воздухот кој се загадуваше екстремно со највисоки вредности посебно со палењето на сметот на самите депонии.

Историјата на дивите претоварни станици е долга речиси две децении

Во првите години од новиот миленум Јавното комунално претпријатие Тетово го претовараше сметот во близина на Железничката станица Тетово. Местото наликуваше на хорор, од каде низ целиот град се пренесуваше голема смрдеа. Илјадници тони отпад се таложеа на земја во близина на градска населба и земјоделска обработлива површина.

По големиот број протести на тетовци, дивата депонија беше исчистена, а претоварната станица се префрли на неколку километри од оваа локација, поточно на влезот од Тетово. Таму сметот од малите се префрлаше во големите контејнери, но приказната од старата претоварна станица се повтори и на оваа локација, за само неколку месеци. И таму со години се истураше сметот на земја, а најчесто се палеше.

Во 2017 година имаше голем пожар на депонијата, при што целиот град беше прекриен со густ црн чад. По гасењето на пожарот централните власти се разбудија и интервенираа со 200 000 евра, пари кои ги дадоа на општинските власти за расчистување на депонијата. Откако се исчисти, Општина Тетово одлучи сметот да го претовара во близина на тетовското село Требош. Со цел да се заштити земјата од ново загадување, таму се постави специјална машина која сметот го истураше во големи контејнери кои потоа се претовараа во други камиони кои го транспортираа отпадот на депонијата Дрисла или во регионалната депониај Русино. Но заштитата на земјата траеше едвај половина година. Специјалната машина се расипа и сметот пак се одлагаше на земја. Градските власти се правдаа дека ќе се острани дефектот. Така и беше, но за неколку недели пак дефект и повторно уште еден дефект. И така месец по месец и на оваа локација се создаде огромна дива депонија , а околу неа нивите засадени со земјоделски плодови се загадуваа без око да им трепне на ниту една институција. Така и за оваа трета загадена локација никој не презеде одговорност.

Наместо решение градските власти по четврти пат создадоа нова дива депонија која се уште како и порано ја нарекуваат претоварна станица. Сега тетовци добија нова депонија во атарот на тетовско Фалише, каде се истовараат по стотици тони отпад на земја, исто така на локација која граничи со земјоделска обработлива површина.

И пак истата приказна, наместо решение за проблемот градските власти, велат дека ќе одберат друга локација за претовар на сметот.

-Ние работаме на регионално решение на проблемот со сметот. Значи работиме на проект за стандардизирање на депонијата Русино, која ќе биде депонија наменета за сите општини од полошкиот регион. Тој проект вклучува и избирање на две претоварни станица за смет, пред да се однесе во Русино. Едната ќе биде во Тетово, а другата во некоја друга општина, рече градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

Состојбата со сметот освен во урбаните средини е катастрофална и во руралните општини. За таму пак никој не зборува, а камоли да презема сериозни чекори. Има депонија кај тетовско Доброште, во тетовско Камењане и низ атарите на повеќе села каде граѓаните го депонираат сметот од нивните домаќинства, поради се уште неорганизираниот пристап за управување со сметот во полошко.

Стандардизирање на депонијата Русино проект кој тапка во место е единствениот спас од дивите депонии

Стандардизирање на регионалната депонија во гостиварско Русино каде сите 9 општини од полошко треба да го депонираат сметот е единственото решение за добро управување со сметот, но на истото многу бавно се работи. Русино е практично дива депонија каде се истура сметот на земја без никаква контрола, загадувајќи го воздухот, почвата и подземните води.

Изминативе две децении се јавуваа разни странски фирми кои требаше да ја преземат депонијата Русино. Дел од фирмите го добија тендерот, но истиот за неколку месеци се поништуваше како што велеа од градските власти поради законски пропусти во процедурата на објавување и избирање на фирмата која го добила тендерот.

Моментално за стандардизирање на депонијата Русино се изработува Физибилити студија. Оваа студија започна да се работи во 2018 година, а треба целосно да биде изработена  најверојатно на крајот од оваа година. Истата треба да покаже во каква состојба се јавните комунални претпријатија од полошко, како да се зајакнат капацитетите на општините во однос на управување со отпадот, како да се исчистат депонииите низ полошко. Таа предвидува една претоварна станица во Тетово и уште една во Маврово

Исто така се предвидени интервентни мерки за решавање на проблемот со исцедокот од сметот при процесот на депонирање.

Проектот за стандардизација на депонијата Русино е финансиран од Швајцарската влада, а го води Центарот за полошки плански регион. Оттаму сметаат дека со целосно завршување на проектот ќе се реши проблемот со дивите депонии во полошко, кои според нив се создавале поради немање капацитет на општините да го решат овој проблем. Сега со финансиска помош од странство, сметаат дека дивите депонии ќе бидат минато, кои преставуваат големи кочници за влез во Европската унија.

-Предвидено е да се изработи план за управување со отпад потоа се формира регионално претпријатие за менаџирање со отпадот, потоа се изработва физибилити студија за стандардизација на депонијата Русино. Предвидени се низа брзи мерки како набавување на вага за мерење на количина на отпад и таа ќе биде поврзана со еден мал објект со софтвер. Предвидени се мерки за третирање на отпадни води, кои ги има со депонирање на отпадот. За првата фаза се предвидени 1, 9 милиони франци, а за втората  фаза се предвидени 6,9 милиони франци. Потоа има инвестициски мерки тоа е втората фаза и тогаш треба да се направи стандардизација на депонијата, а третата фаза е селекција и третирање на отпад. Добро е што Швајцарците даваат пари и конкретно се работи на остварување на една цел, а тоа е стандардизација на депонијата Русино. Мислеме дека сега со добивањето на датум за преговори со ЕУ основен услов ќе биде заштита на животната средина и мислам дека затоа има донатори кои даваат средства за оваа намена, истакнаа од Центарот за полошки плански регион.

Во регионалната депонија Русино моментално смет носи само Општина Гостивар

Мештаните кои живеат во близина на Русино, не дозволуваа тука да се носи сметот се додека не се стандардизира депонијата, односно не се изгради соодветен пат дотаму, не се постави вага, не се реши проблемот со исцедокот од сметот кој се таложи, или практично не се создадат минимални услови за стандардизација на депонијата, со цел заштита на животната средина во тој дел на гостиварско.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари ги подржува барањата на мештаните од населените места во непосредна близина на депонијата Русино. Тој вели дека ги подржува и сите иницијативи на Центарот за полошки плански регион за уредување на Русино.

Оценува дека процесот тече бавно, но ваквиот начин нема да го реши целосно проблемот, без да се размислува и реализираат решенија за рециклирање на смет, или популарно наречено изградба на фабрика за отпад на самата локација во Русино.

-Јас како градоначалник сакав овие проблеми да ги решам кога дојдов на оваа функција, но што се случи владата ги одзеде ингеренциите на општините за управување со регионалните депонии. Кога дојдов на власт сакав депонијата Русино да ја дадам на концесија на одредена фирма која ќе изгради практично фабрика за отпад и сега се наоѓаме во многу лоша состојба. Сега пак доаѓаат компании кои сакаат да направат некоја компанија и јас морам да ги препраќам до централните власти. Јас не велам дека не треба владата да ги земе депониите, но ајде нека направат нешто со депониите, дека сега нас граѓаните не обвинуваат дека ние сме криви, кај нас дошле 10 компании кои сакаат да управуваат со Русино и сега ние сме статус кво, владата не ни дава ингеренции а од друга страна тие ништо не преземаат. Од Гостивар дневно во Русино се фрла околу 60 тони отпад замислете колку е тоа и плус замислите уште 8 општини да носат таму смет. Проектот за Русино кој го финансира Швајцарската влада јас го подржувам, но некако оди многу бавно целата оваа инвестција. Тоа не е изнаоѓање на трајно решение ќе се заштити земјоделската површина, но ние пак ќе го фрлиме отпадот и тој отпад нема да се преработува нема рециклажа. Владата мора да размислува на овој план. Затоа треба да се почне со изградба на фабрика за рециклирање на отпад без тоа нема ништо, ако сме тампонирале ако имаме некоја селекција после што, ако нема фабрика бадијала е се , вели градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

Една од фирмите кои побарале целосно менаџирање со отпадот во полошко со изградба на фабрика за рециклажа е ИРТ компанијата со албански и холандски капитал. Компанијата работи со управување на отпад во Албанија, некои европски земји како и во Азија и Африка. Велат дека доставиле предлог решенија за проблемот со сметот, од кој како што велат ќе произведуваат суровини, процес во кој нема да се загадува животната средина. Но досега не добиле никаков одговор ниту од централните ниту од некоја градска власт од полошкиот регион.

-Ние се занимаваме со третирање на урбан отпад и ние имаме студија за третирање на урбан отпад во цела Македонија. Од собирање, рециклажа, употреба и согорување на отпад тој што не може да се искористи. Конкретно ние за полог имаме направена детална анализа за отпадот, дадено е идеја како тоа да се реши, даден е предлог за изградба на нова депонија на иста локација, која ќе ги реши проблемите. Позитивно искуство има во Албанија со јавно – приватно партнерство. Во Албанија на пример се третира отпадот на многу  модерен начин . Отпадот мора да се селектира потоа да се оддели селектираниот дел од тој отпад кој може да се користи и третиот е тој кој мора да се согори, односно тој што не може да се користи и тој отпад мора да се согори на 900 степени и емисијата на штетни гасови е речиси рамна на нула. Бенефитите се и од апсект на енергетика и пепелот може да се користи во асфалтна индустрија, бекатони и слично значи остатоците се релативна нула. Ние сакаме да направиме собирни центри, односно претоварни центри, не како овие што се сегашните. Сакаме затворени а овие сегашните се отворени, рече Сејфула Османи од ИРТ компанијата.

Екологисти: Само фабрика за рециклажа може да го реши отпадот

Еко активистот Тони Никушевски, вели дека само фабрика за рециклажа на отпад би го решил проблемот со сметот. Според него досега за овој проблем не се нашло решение поради немање на капацитет на властите, но и постојано менување на министри и влади кои започнувале различни проекти, но не се реализирале затоа што нивните наследници наместо довршување на постојните започнувале нови, најчесто поради популизам, за пред народот да се пофалат со нивните нови идеи.

-Фабрики за отпад тоа е тоа што и недостасува на државата таа карика и таа ја немаме и затоа имаме на секое ќоше отпад, кој не се употребува правилно и се пали често. Ваквите проекти ги решиле проблеми со отпадот секаде во светот, најмногу низ Европа тоа е регулирано со европските директиви. Позитивни работи се тоа што ќе се спасиме од депониите, кои се најголема закана за животната средина. Од отпадот ќе добиваме репроматеријали кои сега ги увезуваме, од отпадот ќе произведуваме струја и на крај ќе добиеме економски бенефит, значи отпадот преставува ресурс, а не проблем. Парите за решение на проблемот не треба да ги даде ниту еден политичар од сопствениот џеб. Оваа држава има пари. Ако ги дава за лекови кои мора да се купат за луѓето кои заболеле од аерозагадување тогаш може да се дадат за нешто кое ќе го реши аерозагадувањето. Потребна е само волја и постабилни политичар, истакна Тони Никушевски еко активист

Ваквиот интегриран пристап на решавање на проблемот со сметот во Европа се спроведува веќе 3 децении, но кај нас никако да започне. Започнуваат само некои нови предлози и решенија на властите, но само на хартија. За сите еколошки злодела кои ги имаат направено врз населението во полошко засега ниту една локална и централна власт нема преземено одговорност или поконкретно ниту еден државен службеник не е казнет.

Сторијата е дел од проектот ,,И локалната инфомираност е тест за ЕУ“ ,финансиран од Фондацијата Отворено општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот Здружение на граѓани Медиа Плус – Штип и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.