Компаниите донирале, ама и добивале јавни набавки од Општина Кавадарци

Вредни донации добила Општината Кавадарци, вклучувајќи ги јавните претпријатија и општинските институции. Вкупно 32 донатори се евидентирани во официјалниото гласило на Општина Кавадарци,  “Службен гласни“, пријавени и одобрени од Советот на општината. Од тие 32 донатори, 13 компании имаат добиено јавни набавки од Општината, јавните претпријатија и општинските институции.

Топ три компании – донатори на Општина Кавадарци со највредни јавни набавки се:

1. ДТПУ Метал Апостолов ДООЕЛ: Вкупно 17 јавни набавки за Општина, ЈП и општински институции на ЈП Комуналец и општински установи – градинка и училишта. За Општина Кавадарци вкупно 10 набавки, во вредност од: 352,181 евра,главно градежни работи и две набавки на метални шкафови;

2.ПАВЕР ТРЕЈД ДООЕЛ Кавадарци Вкупно 18 јавни набавки за Општина Кавадарци, општинските инситтуции. 12 за Општина во вкупна вредност од: 270.296 евра;

3.ДГТ ГРАДБА ПРОМЕТ ДОО Кавадарци  вкупно 57 јавни набавки, ЈП Комуналец, ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ – Кавадарци. Само  Општина Кавадарци има 46 јавни набавки во вредност од 180.380 евра.

Градоначалникот Митко Јанчев смета дека и покрај тоа што компаниите донираат, општината кон нив нема никакви обврски.

„Во 2018 година имавме над 30 милиони денари бруто донации, 2019 година над 28 милиони денари. Донациите се претежно од материјални и финансиски средства. Општина Кавадарци, транспарентно, од секој поединечен донатор, објективно, со комисии и со одлука на Советот, ги прима донациите. Немаме примено ниту една донација од ниту една компанија во никаков друг интерес, освен во општествен, јавен интерес и без никакви обврски кон компанијата, изјави Јанчев.

Јавноста има сомневања за порзаноста на донациите со јавните набавки, бо што се сложува и претседателот на на Советот на Општината Ристо Сакалиев. Иако, тој негира дека е можно на денешниот систем на работење.

„Тоа се манипулации некои работи што граѓаните ги зборуваат. На денешно време, на овој систем на работење на јавни набавки, излишно е да зборуваме такво нешто. Затоа што јавните набавки и учесниците во јавните набавки не се гледаат. Никој не знае кој е. Начинот, функционирањето е некое совршенство, не баш 100%, што не би требало да стане сомнеж. Јас многу добро ја познавам таа проблематика и не би требало да има простор за такво размислување, уверува Сакалиев.

Неговиот колега, советникот Зоран Јованчев, пак потврдува дека бројот на донациите почнува да расте последните две години.

„Донациите кои што ги добива Општина Кавадарци, кои се поизразени во овој двегодишен период, двегодишен мандат на овој Совет на Општина, ги евидентираме, со тоа што донесуваме најпрвин одлука на Советот,  дека ја примаме донацијата, за истата таа донација, да може после таа донација во Секторот за финасии да ја евидентираат книговодствено, да се впише како имот на Општина Кавадарци,вели Јованчев.

Во листата на донатори е и компанијата ИГМ Трејд, за кого Советот на Општината Кавадарци се изјаснил негативно за отворањето на нова линија. Семејната фирма на градоначалникот Митко Јанчев, „Кожувчанка“, според објавените решенија за примена донација во Советот на општината, донирала осум пати во 2018 и 2019 година. Во Министерството за правда има 14 решенија за дадени донации од „Кожувчанка„ на Општината Кавадарци. Семејсната копманија на градоначалникот, донирала различни материјални добра: две специјални возила за чистење на патишта, компјутери, електрични кабли, столпчиња за тротоари и улици, реконструкција на фонтани и проект за санирање на свлечиште во селото Мрежичко, каде е погонот на компанијата.

Градоначалникот Јанчев објаснува дека неговата семејна компанија имала пракса да донира на општината и  пред неговото доаѓање за градоначалник.

„Ништо посебно ги нема зголемено донациите откако сега сум градоначалник. Нема никаков конфликт на интереси, тоа што компанијата е дел моја сопственост, која има управител и менаџерски тим. Секоја донација, која е дадена, вклучувајќи ја и мојата компанија си оди со договор, со одлука на Совет,  со известување на Министерство за правда и на Министерството за финасии и со собивање решение за донацијата, со оглед на тоа дека донацијата мора да биде од јавен интерес, одговори на соменвањата градоначалникот Митко Јанчев.

Општина Кавадарци води регистер на донации, каде материјалите добра се уредно пријавени и евидентирани. Во одговор на нашето барање за слободен пристап до информации, Министерството за правда ни достави осумдесетина решенија, со кои се потврдува јавниот интерес на донацијата, со кое, донаторите се ослободуваат од плаќање на данок на државата. Објавени се одлуките за прием на донации во официјалното гласило „Службен гласник“, но дел ги нема.

Од друга страна, како вид на донација може да се смета и практиката на градоначалникот Митко јанчев, кој својата плата ја внесува во Фондацијата „Никола Јанчев“, во спомен на неговиот татко, од која се доделуваат стипендии на ученици и студенти. Директор на оваа Фондација е сестрата на градоначалникот Јанчев, Јанинка Чупаркоска. Според Општинскиот информатор, во текот на 2019 година доделени се 36 стипендии во седиштето на „Кожувчанка“. Доделени се по 12 стипендии на тгри групи млади, и тоа по 6000 денари за учениците од основно образование, по 12.000 денари за средношколците и 32.000 денари за студенти.

Оваа сторија е изготвена со помош на грант доделен преку проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“ што го спроведуваат Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар, финансиран од Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на здружението Медиа Плус и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.