Кога прес-конференциите се користат како извор за манипулирање на јавноста

Две прес-конференции коишто се одржаа изминатиот викенд (04 и 05.12.2021) и кои беа финале на започнати политички процеси, донесоа и некои недоречености, барем во текстовите на дел од медиумите. Станува збор за пренесување деловите од прес-конференциите, коишто повеќе може да се коментираат како недокажано, со цел намерно или ненамерно да се даде поинаков контекст и разбранување на јавноста.

Во текст објавен со наслов„Студен туш за ВМРО-ДПМНЕ-Заев: Ќе има решение со Бугарија наскоро затоа што додека траеа изборите тука и во Бугарија, работните групи работеа напорно и многу точки од патоказот се решени“, новинарот навивачки во насловот преку неточна изјава посочува како проблемите со Бугарија да се веќе решена работа.

Всушност, на прес-конференцијата што во неделата (05.12.2021) Премиерот во оставка, Заев рече дека присутна е можноста за решение на проблемите со Бугарија додека се’ уште е на функцијата, а ставот го темели на повеќе основи. Една од тие основи, како што е посочено и во насловот, е дека работните групи решиле повеќе точки од патоказот, но брзото решавање се должи и на тоа што и во двете земји се одржаа избори, дека мнозинството во Македонија не само што е стабилно туку е зголемено и коешто гарантира дека ќе остане до 2024, а набргу влада ќе се формира и во Бугарија. Но, никаде во изјавата, па и во следните појаснување не даде уверување дека е сигурно.

Тоа е значајно и за партнерот во преговорите-Бугарија дека овде имаме стабилна влада кој што преговара и којашто во иднина  ќе влезе рамноправно во имплементацијата на патоказот, којшто значи унапредување на соработката помеѓу институциите, градење на инфраструктурата и т.н“, посочи Заев и образложи  дека се надева на брзо решение.

„Опциите ни се 14 декември на Советот за општи работи, но имаме јасна порака дека тој може веднаш да се свика и помеѓу католичкиот Божик или Нова Година, тоа се 28,29 и 30 декември и почетокот на јануари. Во 2022 година претседателството на ЕУ е на Франција а претседателот Емануел Макрон оди на избори,“ рече Заев посочувајќи ја силната поддршка од ЕУ и САД, кои помагаат да се најде решение за кревањето на ветото од страна на Бугарија.

Токму решавањето на проблемот со Бугарија беше и посочено како причина, зошто Заев се’ уште останува на премиерската функција, како и неопходноста Владата да има стабилно мнозинство

Влегувањето на Алтернатива во власта и еден од условите под коишто тоа се случи, беше повод за уште едно разбранување на јавноста. Портпаролот на Алијанса, Орхан Муртезани, на прес-конференцијата во саботата набројувајќи ги условите посочи дека е „договорено да има меѓународна истрага  за случаи кадешто има сомнежи за политичка импликација, како што се  „Монструм“, „Диво Насеље“, прегазувањето на Алмир Алиу.

„Заев прифати меѓународна истрага за случаевите „Монструм, Диво Насеље и Алмир Алиу“ беа насловите на текстовите објавени по медиумите а по нив и бројните реакции.

Не сум слушнал дека некоја држава во Европа побарала од Европската комисија независни експерти да добијат мандат да испитаат кои судски случаи се монтирани. Тоа е рамно на политичко самоубиство, коментираше професорот Гордан Калајџев.

Заев на прес-конференција, следниот ден појасни дека се работи за мониторинг врз предметите. „Меѓународните експерти нема да ги поништуваат пресудите за Диво насеље и Монструм, туку ќе направат свои извештаи“.

Текстовите и насловите во секој случај нудејќи недоречености, нудат и неинформираност на јавноста за она што е кажано и зошто и во кој контекст е кажано.

Според кодексот на новинарите на ЗНМ, Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Во пренесените текстови не се нуди никакво објаснување, што всушност ќе значи таа „меѓународна истра„, а уште повеќе што најмногу од текстовите го посочуваат само овој еден од останатите услови што се договорени за влез на Алтернатива во Власта, што е еден од начините за манипулирање и насочување на јавноста.

Може да се оцени дека во дел од текстовите се работи за мисинформации, што се дефинира како ненамерани грешки, кои во случајов се базираа на погрешната инфоромација, што беше пренесена на прес конференцијата на Алтернатива.

 

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.