Идентификувана цела „Шарена револуција“ со фејсбук статус на Најчевска

Пренесувањето на статус од социјалните мрежи на дигиталните медиуми не е нова пракса во македонското новинарство. Некои новинари тоа тоа нарекуваат „мрзеливо новинарство“, без амбиција да се доистражи и провери доколку заслужува внимание и јавниот простор. Меѓутоа, кога еден став, напишан на фејсбук, се идентификува со цело едно движење како што беше „Шарената револуција“ тогаш тоа е искривување на вистината.

Тоа е случајот со фејсбук статусот на професорката Мирјана Најчевска и активист на партијата „Твоја“, инаку, учесник во „Шарената револуција“, протестите кои водеа кон промена на власта.

Откако поранешниот директор на УБК, Сашко Мијалков, избега, или барем се веруваше дека е во бегство се додека самиот не се појави пред Обвинителството да си го подигне решението за куќен притвор, во јавноста не стивнаа реакциите. Многумина коментираа, прашуваа, разрешуваа дилеми. Иако коментарите на фејсбук или твитер профилите, сами по себе не се официјални вести ниту пак треба да бидат релевантни, некои портали сепак направија „вест“ од нив.

Во светло на бегството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Најчевска објави свој став, што поптоа порталот „МКД Пресс“, го пренесе како вест со наслов „ Шарена револуција бара да се ослободи Јанкуловска: Не може таа да лежи за сите.“

Симптоматичен најпрво е самиот наслов. Порталот ја поистоветува „Шарената револуција“, во која илјадници граѓани со месеци протестираа по улиците и која несомнено беше настан кој ја одбележа 2016 година, со само еден нејзин учесник – Мирјана Најчевска.

Во текстот порталот го наведува читателот дека професорката Најчевска смета оти по бегството на Мијалков, сега треба да се ослободи и екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и го пренесува нејзиниот статус, без дополнителни објаснувања.

„Јас сега веднаш би ја ослободила Гордана Јанкуловска. Само таа имаше мадиња да не побегне туку да си отслужи казна затвор. И очигледно само таа нема испокрадено толку многу за да си отслужи казна затвор“, е статусот на Најчевска.

Не навлегувајќи во тоа како Најчевска го доживува бегството на Мијалков и за кое таа секако може да си коментира на својот личен фејсбук профил, новинарот е должен да го информира читателот дека се работи за став искажан на фејсбук профил, кој всушност е и саркастичен приказ на општествените збиднувања и не треба да го поистоветува со едно цело движење како „Шарената револуција“.

Во Кодексот на новинарите на Македонија, стои дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку инфомрацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави“.

Во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите во членот еден од Кодексот, се оди дотаму што вика дека „Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.

Во случајов се работи за претпоставка на самиот автор на текстот, дека сите учесници на Шарената револуција го делат истото мислење со професорката Најчевска. Самиот наслов е искривување на реалноста и знаејќи дека голем дел од граѓаните читаат само наслови, влијае врз толкувањето на содржината од страна на читателите.

Дополнително никаде во текстот, освен во самиот наслов, не се споменува „Шарената револуција“, што дава привид дека авторот намерно го ставил тој наслов со цел да креира погрешна слика и да создаде непотребни тензии.