Дигитализирај МЕ! – преглед на алатките за дигитална комуникација

 

 

ЗГ Медиа плус, Штип

Проект: Кажи за другите да знаат

Делумно поддржан од Фондација Отворено општество Македонија

 

 

                                Дигитализирај МЕ – ПРЕГЛЕД НА АЛАТКИТЕ ЗА ДИГИТАЛНА КОМУНИКАЦИЈА

 

                                                                                           

Септември 2020

Автор: ЗГ Медиа Плус

Лектура: Весна Ристова

 

                                                                СОДРЖИНА

 

За публикацијата

Анализа на дигиталната комуникација на Општината Штип со граѓаните

Анализа на алатки од интернет страните на дел од општините

Алатка -Прашај го градоначалникот

Алатка- Пријави проблем

Алатка Систем 48

Алатка – Е-услуги

Алатки создадени во соработка со граѓански организации (ГО)

Алатки за урбанизам и градежништво од системот на ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски Информациски систем Е-одобрение за градење

Останати алатки

 

 

За публикацијата:

Оваа публикација содржи преглед на позитивната пракса и начините на комуникација кај дел од македонските општини преку анализа на нивните актуелни интернет страни и позитивните искуства преку внесни софтверски решенија. Анализирани се интернет страните на општините: Велес, Карпош, Струмица, Ѓорче Петров и Центар. Со оглед на тоа, дека активностите се однесуваат на Штип и општинскиот сајт, на почетокот е даден краток преглед на тоа што содржи и отвореноста кон граѓаните.

Во текот на истражувањето,се разгледуваа начините на комуникација со граѓаните, достапноста, достапноста и отвореноста на услугите на општината и дигиталните алатки што се користат и се во функција на остварување на подобра комуникација.

 

Анализа на дигиталната комуникација на Општината Штип со граѓаните

 

Интернет страната на Општина Штип содржи општи информации, без вградени алатки за комуникација со граѓаните. Единствена опција за директен контакт со општината е формата Контакт со граѓани со некаков вид попреченост, каде се оставени податоци за лице за контакт со електронска пошта и телефонски број.

Единствено е активен електронски систем за услуги, кој е врска со системот Е-одобрение на ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски, со 10 различни видови на барања, упатства и правилници во доменот градежништво и урбанизам.

Забелешки за останатиот дел на страницата:

Редовно ажуриран е делот со вести и соопштенија. Вестите се главно општински активности и активности на градоначалникот.

Во менито – Совет со дел за членовите на комисиите, има контакти од сите членови на Советот, иако не се ажурирани последните промени.

Од останати информации:

За 2020 објавен е предлог Буџет и Буџет 2020, но нема квартални извештаи. Во делот за јавни претпријатија, објавени се кварталните извештаи на ЈП Стипион до 31.03.2020 година.  Последниот план за јавни набавки е од 2018 година.

Во делот од интернет страната – Стратегиски оцени, редовно се ажурираат еколошки дозволи.

 

Анализирани се 21 општина во Сверна Македонија. Прва на оваа листа се Општината Гевгелија со 53.61. Штип е на десето место со индекс 25.36.

Регионалниот индекс на отвореност мери степен до кој институциите на земјите од Западен Балкан се отворени за граѓаните и општеството и се заснова на следниве четири принципи: 1) транспарентност, 2) пристапност, 3) интегритет и 4) ефективност.

Принципот на транспарентност вклучува информациите за организацијата, буџетот и постапката на јавните набавки да бидат јавно достапни и објавени. Пристапноста е поврзана со обезбедување и почитување на процедурите за слободен пристап до информации, подобрување на достапноста на информациите преку механизам на јавна дебата и зајакнување на интеракцијата со граѓаните. Интегритетот се состои од механизам за спречување на корупција, спроведување етички кодекс и регулативи за лобирање. Последниот принцип, ефективноста, се однесува на следење и проценка на политиките спроведени од институциите (ActionSEE 2017).

Индекс на регионална отвореност – Action SEE (2017)

 

Центар за граѓански комуникации 2020:

Штип е на 40-то место од сите 98 анализирани институции од централната и локалната власт, односно на 27 место меѓу општините, со 66.2  индекс на активна транспарентност и оценка ДОБРА. Анализата констатира дека во однос на мерењето во 2019 година, Штип го губи првото место заедно со Берово на ниво на Источно плански регион и паѓа на седмото место од вкупно 11 општини.

ОБЈАСНУВАЊЕ: Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, во случаите кога до институцијата се доставува барање за одредена информација, станува збор за ’реактивна транспарентност‘. Потребата од проактивното објавување информации произлегува оттаму што на тој начин се обелоденуваат: » информации за регулативата и за одлуките на властите, со што се остварува правото на граѓаните да бидат информирани за своите права и обврски во општеството; » информации коишто им се потребни на граѓаните за да бараат одговорност од властите; » информации коишто им се неопходни на граѓаните за да можат да учествуваат во процесот на донесувањето одлуки и » информации коишто им се потребни на граѓаните за да можат да пристапуваат кон услугите што ги нудат јавните институции. (ЦГК 2020)

ПРИМЕРИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ОПШТИНИ

А каква е праксата со примената на е-алатки и друг тип на контакти со граѓаните?

Анализа на алатки од интернет страните на дел од општините

За споредба, анализирани се интернет страни на неколку општини со поразвиен систем на дигитална комуникација и тоа сајтовите на: Општина Велес, Општина Карпош, Општина Струмица, а направен е преглед на сајтовите на Општина Центар и Ѓорче Петров.

На овие страни има алатки и дигитални опции за комуникација со градоначалникот, Советот и општинските служби, да се постави прашање, пријави проблем, добие информација или алармира на одреден проблем во општината. Две општини имаат соработка со граѓански организации, кои преку проекти финансирани од донатори, направиле дигитални алатки/апликации за комуникација и како такви се поставени на нивните интернет страни.

Збирно, во функција се алатките: Прашај го градоначалникот, Пријави проблем, Систем 48, Е-услуги. Развиени се и две апликации развиени од граѓански организации во соработка со општината, кои се применливи и за другите општини, не само за тие кои се партнери во проектот. Тоа се апликациите: Прашај.мк и М-заедница.мк. Овие апликации се прилагодени и за мобилни телефони, преку можноста за бесплатно симнување од продавниците за апликации.

Алатка -Прашај го градоначалникот

На дел од анализираните општински интернет страни, се применува алатка за комуникација „Прашај го градоначалникот “. Оваа контакт форма бара име и презиме од барателот на информацијата и е маил адреса. Има поле во кое го пишуваме прашањето или пораката до градоначалникот, и со кликање на копчето-испрати ја испраќаме пораката, а има и поле -прикачи документ. Нема статистики дали и колку прашањата на граѓаните се одговараат. Пример  со Општина Велес и алатката Прашај го градоначалникот.

Истата форма се користи и за испраќање прашање/порака до Секретар, Совет, Претседател на Совет, Советници.

Кај Општина Карпош има форма за испраќање порака до: градоначалник; секретар; инспекција; урбанизам; легализација; уредување на земјиште; комунални работи и заштита на животна средина. Се внесува име презиме, е мaил, телефон, адреса на живеење, град, тема на пораката, содржина и прикачи документ. Нема статистика за добиени прашања и одговори.

Кај Општина Струмица пак, има алатка Средба со градоначалникот , исто Е-алатка како и Прашај го градоначалникот, само што има дополнителни полиња за прашања на кои се бара одговор, како за работниот статус на барателот и од која област е барањето за средба: вработување, комуналии, култура итн… Нема никаква статистика за добиени и одговорени барања.

Алатка- Пријави проблем

Преку алатката од страната на Општина Велес Пријави проблем , во секое време може да се пријави комунален или било каков друг проблем, може и анонимно да се пријави проблем поврзан со корупција и/или коруптивно однесување или прекршување на етичкиот кодекс на административните службеници во Општина Велес и сите локални установи. Има листа на проблеми во менито на системот, каде треба да го одберете вашиот проблем како улично осветлување, улици патишта и тротоари, објекти склони на рушење, урбана опрема, градба и дива градба, животна средина, отпад, кучиња скитници, јавно зеленило и атмосферски води. Во пријавата треба да се наведе точната адреса (улица и број) или локацијата на која треба да се изврши интервенција и да се опише проблемот.  Има и објаснување што се може да се пријави, но и статус на пријава, каде може да се види типот на пријави, кога е пријавена и кога е одговорено. Од деветте пријави внесени на сајтот, датум на одговор има само на две, додека не може да се влезе и види за што конкретно е пријавата, само типот, адресата и датата.

Алатка Систем  48 – општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми СИСТЕМ 48, алатка која се наоѓа на сајтот на Општина Струмица. Систем 48 е интерактивен систем на јавно достапните услуги на општина Струмица, кој предвидува решавање на проблемите на граѓаните во рок од 48 часа. Од листата на проблеми се одбира комуналниот проблем кој се пријавува, при што освен преку дигиталната алатка (апликацијата) се пријавува и телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 1 48 48. Преку електронската апликација – Пријави проблем се внесува електронска адреса, име презиме, телефон и пораката. Се наведува точната адреса (улица и број) или опишува локацијата, на која треба да се изврши интервенција. Оператор/и го проследуваат барањето до надлежните општински служби, а во рок од 48 часа ќе добиете одговор, конечно решение или поведена постапка за решавање на барањето. Има и преглед на пријави каде можат да се погледнат пријавите и нивниот статус. Алатката е активна.

Статус на пријавени проблеми:

  • Решено
    • Одговорено
    • Проследено до надлежните служби
    • Пријава во процес на решавање
    • Пријава во надлежност на друга институција
    • Непрецизирана пријава
    • Инвестиција за 2012 година

Видови на проблеми:

1.Улично осветлување
2. Општински инспекциски служби
3. Собирање на смет
4. Водовод и канализација
5. Улици, патишта и тротоари
6. Урбана опрема
7. Паркови и зеленило
8. Кучиња скитници
9. Сообраќајна сигнализација.

Има и извештаи за сработеното со табели и квантитативен преглед, но за постари пријави, кои датираат од 2011 и 2012 година.

Во Општина Карпош  има идентична алатка:  Е-Општина – Пријави проблем. Системот овозможува во секое време преку интернет порталот на општина, да се пријави комунален проблем, кој службите ќе се обидат да го решат или да информираат до каде е решавањето на проблемот во најкраток можен рок.

Можете да се пријави проблем од наведената листа: Улично осветлување, улици, патишта и тротоари, објекти склони на уривање, урбана опрема, градба и бесправна градба, животна средина, отпад, јавно зеленило.

Има преглед на пријави од последните 7 дена и на сите е одговорено. Преку филтрирање по тип на пријава, број или датум, може да ги видиме и постарите пријави.

Алатка – Е-услуги

Кај Општина Велес има оддел „Електронски услуги “, каде има повеќе копчиња (линкови) – копче Е-услуги; Е-даноци; пријави проблем; туристички информатор; Е-одобрение за градење; Е-урбанизам; градежно земјиште.

Со кликање на Е-Услуги се отвара страна каде на менито, под првиот наслов- Почеток- има пристап до објавени 750 документи, и тоа: извештаи, службени гласници, годишни програми, завршни сметки, планови за јавни набавки, барања, договори, набавки, проекти, известувања, издавања на дозволи и одобрениа, анализи за систем за отпад, на загаденост на воздух, водоснабдување и итн. Библиотеката на споделени документи дозволува сортирање и филтрирање на документите според датум, тип на документ, област или година.

Вториот наслов на менито: Реализирани програми, каде има програми од 2012 до 2016 година, но само како именување, без линкови.

Трет наслов: Видео седници, каде има видео и аудио снимки од седници на Совет на општина Велес од 2015 д0 2019 година.

Последен наслов: Урбанистички планови, каде е содржана урбанистичка планска документација од 2000 до 2019 година.

Алатки создадени во соработка со граѓански организации (ГО)

Алатка  Пријави.мк  Алатка за пријавување на проблеми, како улично осветлување, загадување на воздух, диви депонии, оштетени тротоари и сл.  Алатката е создадена како активност од проектот „Граѓаните за општината: Работиме заедно за транспарентност и одговорност“ на ЗГ Нексус.

Како работи алатката?

Преку мобилен телефон или компјутер се отвара алатката, се клика на „пријави “, на локацијата на мапата, се слика жалбата, се одбира категоријата на која припаѓа и се испраќа. Се испраќа преку е маил или фејсбук до општината. Статусот на жалбата може да се види на пријави.мк.

Апликацијата нуди можност за регистрација со Е-пошта за добивање информации за пријавените жалби за одбрана локација.

Покрај тоа, можете да се види и статусот на пријавените жалби и поплаки.

Оваа алатка се однесува и на останатите општини, кои можат да се одберат во менито. Пријавата е преку  внесување на  името на улицата или Општината за  која би сакале да бидете информирани. За да дознаете кои локални предупредувања ги има, треба да го внесете вашиот поштенски број, име на улица и област.

М-Заедница (mZaednica) е мобилна апликација која на граѓаните им овозможува преку користење на своите мобилни телефони да комуницираат со локалната самоуправа и да влијаат врз активностите кои ги превзема општината. Апликацијата има три основни компоненти:

Пријавување на проблеми; Споделување на предлози и Покренување на граѓански иницијативи.

Апликацијата нуди можност за директна комуникација со локална самоуправа, поврзување со сите корисници на мобилната апликација и поврзување со социјалните медиуми.

Апликацијата мЗаедница е настаната како активност од проектот “Вклучена младина за м-партиципација”, е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, а го реализира Центарот за социјални иновации Блинк 42-21.

Дел од општините ги користат дигиталните системи, создадени од централната власт во соработка со Заедницата на единиците за локална самоуправа ЗЕЛС.

Алатки за урбанизам и градежништво од системот на ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски Информациски систем Е-одобрение за градење

Овој систем нуди повеќе услуги:

  1. Е – одобрение за градба.

Преку алатката корисникот по електронски пат може да поднесе барање за : издавање на одобрение за градење, надградба; измени во изградба; промена на инвеститор; реконструкција; пренамена;  адаптација; подготвителни работи; идеен проект и барање за издавање на решение за изведување на градби за кои не е потребно одобрение за градење.

Системот овозможува водење на постапките во сите нејзини фази единствено по електронски пат, започнувајќи од електронско поднесување и потпишување на потребната документација од страна на инвеститорот, електронска подготовка и донесување на актите во постапката, електронско известување и обезбедување на потребни податоци и документација од останати вклучени субјекти и електронско издавање на актите во постапката.

Страната содржи и законски акти и упатства, правилници за содржината на проектите, означувањето, заверката, правилник за начинот на спроведување на постапките итн.

  1. Градежно земјиште

Овде може да се регистрира и поднесе барање, а содржи и законски акти и упатства за поднесување барања, пријави за учество во јавни наддавања и сл. Исто така содржи и копче – Аукции, каде со кликање можат да се видат активните аукции.

  1. Е-урбанизам

Преку регистрација во системот се добива пристап до урбанистичките планови, документација, проекти, градби од посебен интерес, услови за планирање, пренамена на земјиште итн.  Понатаму, документи (корисничко упатство, правилник, закон за урбанистичко планирање) . Содржи и Огласи  и соопштенија- (јавни презентации за формирање парцели и сл ).

  1. Алатка Е- ствари – (ЗЕЛС информациски систем за јавно наддавање при располагање со движни и недвижни ствари).

Софтверската апликација работи на принцип на отворени сесии кои се воспоставуваат веднаш по најавата на системот.

  1. Алатка ГИС мапа (специфично за Општина Центар)

Општина Центар е прва општина која го воведе ГИС (Географски информациски систем) порталот, со што го олесни пристапот на информации до граѓаните за урбанистичкото планирање во општината.

Со воведувањето на оваа технологија, секој оној кој е заинтересиран за урбанистичкото планирање, но и за изгледот на важечките Детални урбанистички планови (ДУП), може од својот компјутер да пристапи до сервисот и да се информира речиси за секој детал во постапката за носење на ДУП-овите.

ГИС ПОРТАЛ   од менито преку ГИС портал- насловот се линкува до  http://gis.katastar.gov.mk/arec  http://www.katastar.gov.mk/

Останати алатки:

Освен специфичните алатки, кои се однесуваат на општините за нивна подобра комуникација со граѓаните, некои од општинските сајтови имаа линкови, кои водат до платформи и системи кои се однесуваат на општините за подобра информираност или транспарентност.

Финансиски индикатор

Финансиски индикатор  со финансиски показатели за буџетите и кварталните извештаи на 28 општини, кои се дел од проектот на UNDP „Зајакнување на општинските совети“(Empowering Municipal  Councils). Дадена е мапа на сите општини во Македонија, каде со кликање на мапата на одредена општина добиваме преглед на нејзините финансиски индикатори, оперативните приходи и расходи, капиталните приходи и расходи, ненадмирените обврски, состојбата на долг и достасаните и платени обврски, распоредено по години. За општините, кои не се дел од проектот, нема податоци.

Пријави корупција

Оваа опција за пријавување на корупција ја имаат само некои општини, каде со кликање на банер се отвара страна каде се внесува име, презиме, е – маил и телефонски број на пријавувачот, со податоци за место на вработување, дали е вработен во општина, институција или е граѓанин. Потоа е полето за внес на пријавата. Има и контакт од овластено лице од општината за пријавување на корупција.

 Информации од јавен карактер

Законот за слободен пристап до информации им овозможува на граѓаните да добијат информација од јавен карактер за работењето на институции, вклучувајќи ги и општините, со пополнување на Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Институциите, од своја страна, имаат законска обврска да објават контакти од службени лица (офицери) задолжени за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Објавени се и листи на информации од јавен карактер, Законот за слободен пристап до информации, како и линк до Комисија за заштита на правото за слободен пристап, до која граѓаните можат да вложат жалба со  линк до www.komspi.mk. Пример во Општина Ѓорче Петров: Слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Јавни набавки: На веб страните на почетна или мени има линк до Биро за јавни набавки, но и податоци за спроведените јавни набавки и линк до нив.

Алатка за достапност (Accessibility menu)

Неко од општините на својата интернет страна на менито, даваат опција за прилагодување на страната со зголемување на буквите, односно поголема читливост за да се зголеми достапноста на текстот. Пример на страната на Општина Центар во десниот агол на сајтот има копче за достапност, преку кое луѓето со послаб вид може да го зголеми фонтот на буквите, понатаму може да го зголеми растојанието меѓу текстот, контрастот, да се нагласат линковите, да се паузира анимацијата, да е почитлив фонтот, понатаму да се зголеми курсорот и да се појавува линија за полесно читање.

 

  

 

Оваа публикација е дел од проектот ,,Кажи за другите да знаат“,финансиран од Фондацијата Отворено општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот ЗГ „Медиа плус“ од Штип и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.