Делчево – единица по сообраќајна култура

Во Делчево минува меѓународен пат, што дополнително ја усложнува сообраќајната слика во градот. Делчевчани побараа место за пешаците, а од општината бараат посериозен пристап кон проблемот, кој понекогаш се плаќа со најскапото – човечкиот живот.

Така размислуваат граѓаните на Делчево, кои своите стравувања ги поделија со нашата новинарка Даниела Такева. „Од Ветеринарната станица до мостот, тие тротоари од лева и десна страна, децата не можат да одат на училиште. Секогаш има паркирани автомобили. Секогаш.  Сум интервенирал и кај полицајци. Автомобилите на тротоарот и децата како низ тунел минуваат“, вака сообраќајната култура во Делчево ни ја објасни Благојчо Цветков, кој бил сведок на повеќе немили настани. „Возат многу брзо. Постојано има сообраќајќи на мостот. Имам внучиња и секогаш ги советувам кога ја минуваат улицата секогаш да гледаат и напред и назад“, вели Цветков.

За сообраќајната култура зборува и професорката во пензија, Николина. Таа не се сеќава дека некој возач застанал на прешачки премин, давајќи предност на пешакот. „Има хаос во сообраќајот. Никави правила не се почитуваат. Стојам петнаесет минути на средината од пешачкиот премин, никој не застанува да поминам. И најчесто кога доаѓаат овие што се на работа во странство, застануваат на пешачки премин, една на една лента, другиот на другата и си прават муабет“, раскажува професорката. Освен пешаците и возачите во Делчево се жалат на сообраќаен хаос. Прва забелешка им се  семафорите. „Речиси цел месец минувам таму. Семафорите не работеа. Сега гледам ги поправиле. Стаклата на семафорите се искршени и тие треба да се заменат. Таму поминуваат многу деца, општината е таму, гимназијата, агенцијата за вработување, межунароедн пат“, вели Цветков. Но, посебна приказна се паркинзите и хаосот во сабота кога во Делчево е пазарен ден.

Многу голема гужва е. Нема каде да се паркира. Треба да се направат паркинг плацови за да може возилата да се паркираат и народот да се движи послободно.
Нема каде да се паркира. Требаат паркинзи, тоа на сите ни е јасно. Сите постоечки парзкинзи ги узурпираа, ги направија згради и дуќани и сега нема каде да се паркира. Тргнете по булеварот ќе видите дека автомобилте се паркирани по тротоарите, а пешаците немаат каде да поминуваат, се жалат возачите.

Шеесет и двегодишниот сообраќаен инженер Стојмир Мицевски, 40 години работи во областа на сообраќајот. Тој го лоцираше делчевскиот семафор за најкритична точка во градот. Според него, решение за стариот семафор, кој го регулира сообраќајот каде с е вкрстува меѓународниот пат и главната улица засега нема, оти општината нема пари за нови семафори. „Или да се вградат посовремени семафори. Тоа ќе чини пари, но ќе се вгради најсовремена технологија која не троши многу струја. Тоа според некои пресметки ќе чини над 10.000 евра. Ако крпиме како и до сега, ќе треба помалку пари, но тоа не е решение“, смета Мицевски. Меѓународниот пат кој поминува низ центарот на градот е друга приказна, полна со бучава, тешки камиони и серизони закани во сообраќајот. Делчево е единствен град во државава каде меѓународен пат поминува низ центарот на градот. „Проблем е таа улица што е оптоварена со транзитен сообраќај и е со товарни возила. Како е ден пример – целокупниот транспорт на руда и концентрат од рудникот „Саса“ се одвива по ова улица, така што таа е 24 часа оптоварена со тешки возила. Овој проблем може да се реши само со изградба на обиколница.

Делчево е единствениот град во Македонија, каде минува меѓународен пат“, вели сообраќајниот инженер Мицевски. Општината планира изградба на две кружни сообраќајници, на влезот  и на излезот во градот и двете се на меѓународниот пат за Бугарија, но и ова решение требаат средства , но и соработка со државата. Ставот на Општината е дека нема сообраќаен хаос и проблеми со паркирањето.  Оттаму информираат дека најголеми виновници за проблемите во сабота  се возачите кои не сакаат да ги паркираат возилата на новиот паркинг кој е до 200 метри подалеку од пазарот.  Во последните 4 години, според Општина Делчево, изградени се  паркинзи за 310 возила и сите се во кругот на центарот на градот. Општината не планира со воведување на платен паркинг да става ред во сообраќајот.  Како и да, хаосот во сообраќајот предизвикан било од сообраќајната некултура или од несоодветните сообраќајни решенија,  се заканува по безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

ОПШТИНАТА Е ДОЛЖНА

Во основните надлежности на општината е регулирањето на сообраќајот, изградба и одржување на јавниот простор за паркирање, остстранување на непрописно паркираните возила, како и оштетените возила од јавните површини. Под режим на сообраќај, според законот за безбедност во сообраќајот се подразбира ограничување на брзината на движење за сите или за одделни категории возила во населено место или надвор од населено место; утврдување на услови за сообраќај на возила во пешачки зони, зони на смирен сообраќај и зона училиште,  сообраќај на пешаци, возачи на велосипед, мопед, туристички воз, запрежни возила, терање и водење на добиток; определување на простори за паркирање и запирање на возила на јавен пат, во објекти (освен индивидуални објекти) и на јавни паркиралишта, движење на пешаци, сообраќај на велосипеди и велосипеди со мотор; дополнување со сообраќајна сигнализација и опрема на постојни патишта и улична мрежа; определување на еднонасочни патишта и улици; утврдување на главни и споредни патишта и улици; утврдување на патишта и улици на кои се забранува сообраќајот за сите или за одделни видови возила; регулирање на сообраќајот на крстосници.

Местата за поставување на безбедносна ограда за заштита на пешаците, заштитни столбчиња, посебните технички и други мерки за забавување на сообраќајот и безбедност на децата на приодите кон училиштата, мерките за безбедност при изведување работи на пат и лоцирање на објекти во зоната на крстосници, како и поставувањето, отстранувањето и заменувањето на сообраќајните знаци ако тоа го бараат сообраќајните и безбедносните причини во населените места, врз основа на сообраќаен проект, со решение ги определува Министерството за транспорт и врски, по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи, а за локалните патишта и улици со решение ги определува општината, односно градот Скопје во согласност со Министерството за внатрешни работи. Посебните технички и други мерки за забавување на сообраќајот на приодите кон училиштата и другите детски установи, можат да се поставуваат на локални патишта и улици во населени места и истите задолжително треба да бидат означени со сообраќајна сигнализација.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕ СЕКОЈ ГРАЃАНИН

Општината Делчево на својата интернет страна има електронски систрем  за пријава на проблем каде ги повикува граѓаните да пријават до колку  се јави потреба за поставување на сообраќајна сигнализација на одредени локалитети согласно сообраќајните прописи, или  пријава за оштетување на постојната сообраќајна сигнализација. Електронскиот систем неме евидентирано ниту една пријава. Секако остануваат и другите можности за поднесување на иницијатива за измена на режим на сообраќај, поставување на сигнализација или друг вид на потреби во реонот на движење на гражаните. Градоначалникот е должен да ги даде понатаму на разгледување и да ги информира подносителите за статусот.