Прогласени победниците на креативниот предизвик од „Кликни мудро“

Kрајот на учебната година е сосема солидна причина за славење на учениците, а е уште подобро кога се крунисува со подароци и признанија. ЗГ „Медиа плус“ го „зачини“ почетокот на летниот распуст на учениците, кои активно учествуваа во десетте работилници за сајбер безбедност, дезинформации и заштита на личните податоци во рамките на проектот „Кликни мудро“. Повеќето од подароците оправдано ги однесоа учениците од СОУ „Коле Нехтенин“ со креативните Тамара Коцева, Петар Марсулов и Мартин Зарков, кои го освоија првото и третото место.  Делчевскиот основец Матеј Гоцевски влезе во друштвото на наградените, освојувајќи го второто место. Денеска се одржа свеченоста, кога на победниците беа врачени пригодните подароци.

На прогласувањето на победниците, беа соопштени одлуките на комисијата, која ги ценеше креативноста, техничката подготовка и пораките што ги испраќаат младите учесници.

Првонаградената Тамара Коцева, подготви постер, кој зафаќа една деликатна тема за влијанието на социјалните медиуми и стереотипите кои ни ги наметнуваат.

Комисијата особено ја нагласи естетиката на постерот, неговите пораки која секоја поединечно може да се образложува преку сензитивниот поглед на младата авторка.

Матеј Гоцевски – второ место за изработената анимација на тема безбедно на интернет.

Комисијата сметаше дека Матеј употребил пристап што е атрактивен за неговите врсници, користејќи анимација и си можностите што ги нуди дигиталното претставување на видувањето на еден млад човек на присуството во виртуелниот свет.

Петар Марсулов – трето место за креативното размислување на тема безбедно на интернет и дезинформации.

Комисија го наградува поради опсежното опфаќање на темите, грижливото опфаќање на сите аспекти и креативното презентирање на фактите. Оваа негова презентација може да биде употребена на некој од часовите, каде ќе се обработуваат овие теми, а Петар да ги има своите 10 минути како предавач.

Мартин Зарков доби Благодарница за учеството во креативниот предизвик од проектот Кликни мудро на „Медиа плус“. Мартин применил аудио техника за да информира, но и да им даде препораки на своите врсници на што треба да се внимава.

„Медиа плус“ упатува благодарност до учениците, директорите и професорите од:

СОУ „Славчо Стојменски“; СОУ „Јане Сандански“; СОУ „Коле Нехтенин“; ПСУ „САБА“; ДСУ „Искра“ од Штип и  СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани и на American Corner – Штип. Вкупно 515 ученици учествуваа во десет работилници што ги спроведоа професорот Методи Хаџи Јанев (сајбер безбедност), Елена Стојановска (заштита на личните податоци)  и новинарскиот тим (дезинформации и лажни вести).

„Кликни мудро“ со помош на Американската амбасада – Скопје, продолжува понатаму со своите активности и серијата едукативни видеа кои ги подготвува за следниот период.